1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали вирусот го убива национализмот?!

26 јуни 2020

Дали пандемијата ќе влијае на изборите, дали ќе ја фаворизира националистичката и нереформирана десница или ќе ја обедини земјата околу меѓународно фаворизираната, но и полна со неостварени ветувања за правда, левица?

https://p.dw.com/p/3eN7H
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Може ли национализмот да ја преживее пандемијата или поточно, може ли вирусот да ги убие национализмите?!

Ако пробаме да дадеме одговор на ова прашање тргнувајќи од Балканот, и земјата која прва организираше избори во екот на пандемијата, односно Србија, тогаш одговорот е повеќе од негативен. Не само што вирусот не го уби национализмот на Вучиќ, туку и го зајакна. Оттука ако Србија ни е некаков репер, што во регионален, што европски, а што во глобален контекст, тогаш можеме да заклучиме дека пандемијата им оди во прилог на националистите, популистите и совранистите низ светот.

За среќа секоја земја има свои политички, општествени и историски карактеристики, како и долгогодишни напластени проблеми или обиди промени кои во нивните општества и политика ќе одиграат поголема или помала улога во демократските промени или уназадувања за време на пандемијата. Ќе проучиме неколку примери, за Србија веќе знаеме, но во Европа и ЕУ, веќе следниот викенд не очекуваат важните претседателски избори во Полска кои може да имаат реперкусии врз целиот континент, додека за некои 4 месеци, односно во ноември не очекуваат американските избори, каде ќе биде одлучена не само иднината на САД, туку и на состојбите во целиот свет.

Постои одредена аналогија меѓу автократските земји и лидери во соочување со пандемијата, и не знаеме дали таа сличност насекаде ќе се рефлектира врз изборните резултати. Србија под Вучиќ, според добро познатиот кинески метод, но и американски пристап на Доналд Трамп, на почетокот ја минимизираше пандемијата, потоа ја заташкуваше реалната состојба на заразени и починати, се со цел вештачки да создаде амбиент во кој би можела да тврди дека одржувањето на изборите е безбедно.

Како што гледаме и кај нас, и во Полска и во една Америка, властите драматично ја потценуваат и манипулираат со пандемијата, носат политички мерки за комплетно олабавување и отварање кога епидемиолошката и здравствена состојба критично се влошуваат. Тоа се разбира дека е детерминирано од нивното брзање да се избегнат неизбежните удари на вистинската економска криза која најдоцна до наесен ќе следува, и на тој начин да не го загрозат својот имиџ на реформатори кои го водат народот кон една нова Златна ера.

Околу резултатите и триумфот на Вучиќ во Србија малку што има ново да се каже. Масовната победа обезбедена преку години авторитарно владеење, уништување и купување на опозицијата, комплетната контрола врз медиумите, отворено кршење на владеењето на правото, повторно дојде и како последица на застрашувања и изборни измами. Вучиќ освои 60 проценти од гласовите и 2/3 од Парламентот, со излезност која лажно беше издигната над 50% само со цел да се одржи некоја форма или привид на легитимитет. Останува дека за Вучиќ гласале преку 2 милиони граѓани, факт којшто е крајно загрижувачки, без оглед колкумина од тие гласачи имале свои коруптивно-клиентелистички мотиви.

Тоа што евентуално е ново и на што Србија во иднина би имала простор да проработи е комплетниот дебакл на актуелната опозиција, која во најголем дел е колаборационистичка со режимот, додека онаа која се уште има некое здраво ткиво како Демократската партија, правилно се одлучи да ги бојкотира овие квазидемократски избори. Слабата излезност и малиот број гласови за останатите опозициски партии кои решија да се појават на изборите, говорат дека опозициски настроените гласачи не веруваат во договор со власта на Вучиќ, ниту пак веруваат во однапред наместени и украдени избори организирани од неговиот режим.

Serbien Wahlen
Александар Вучиќ по победата на изборитеФотографија: Reuters/M. Djurica

Српската опозиција има една единствена алтернатива за во иднина. Да се ослободи од своите корумпирани и самобендисани глумци и лидери и конечно да се обедини, особено сега кога е комплетно вонпарламентарна. Србија и официјално се претвори во еднопартиска држава додека нејзиниот Парламент фактички повеќе не постои.

Полска ќе ги одржи претседателските избори на 28 јуни, откако тие претходно беа одложени поради пандемијата на коронавирусот. Согласно новите правила, Полјаците ќе можат да изберат дали да гласаат на избирачко место или по пошта. Гласањето по пошта беше причина за вистинска политичка криза, и опозицијата која стравуваше од изборни измами во мај месец се закани со бојкот на изборите. Брисел во однос на Полска веќе го активираше членот 7 на ЕУ, кој предвидува суспендирање одредени права на земји-членки поради кршење на основните вредности на Унијата. Овие избори ќе бидат строго набљудувани од Европската Комисија и Парламент и од нив ќе зависат идните чекори. Во меѓувреме претседателката на полскиот Врховен суд, Малгожата Герсдорф, отсекогаш критична кон актуелната власт си поднесе оставка обвинувајќи ја владејачката партија „Право и правда“ дека ја трансформирала земјата во авторитарна држава.

Полска е првиот голем изборен и демократски тест во ерата на пандемијата или политичката пост-пандемија, и би требало многу да ни каже, без оглед колку тие одговори ќе бидат парцијални, околу ефектите на вирусот врз ултранационалистичките сили.

Не случајно, кандидатот на владејачката партија предводена од Јарослав Качински, актуелниот претседател Анджеј Дуда во потрага по втор мандат, е првиот лидер кој лично ја посети Белата Куќа од почетокот на пандемијата на коронавирусoт. Трамп се повеќе делува како заложник во Вашингтон, потопен од критиките околу соочувањето со пандемијата, заради убиството на Џорџ Флојд и протестите на движењето „Black lives matter“. Посетата на Дуда му служи да излезе од својата политичка изолација, но во исто време да ги зајакне врските со својот најголем европски сојузник и со националистичките истомисленици од „Право и правда“ во Европа, која по одлука на Ангела Меркел се повеќе се дистанцира и непријателски се позиционира кон Трамп, во исчекување на американските избори.

US-Präsident emfängt Polens Präsidenten Duda
Доналд Трамп и Анджеј ДудаФотографија: picture-alliance/dpa/AP/E. Vucci

Средбата на двајцата ултранационалисти доаѓа и како повод да се упатат дополнителни отровни стрели кон Берлин, особено откако Меркел ја одби поканата на Трамп да присуствува на Г7 самитот во Вашингтон. Трамп отиде и подалеку од најавата за повлекување на речиси 10 илјади војници од Германија, изјавувајќи дека еден дел ќе заминат дома, додека останатите ќе бидат преместени во Полска.

Останува отворено дали и во иднина ќе владејат и колку пандемијата го нагризла нивниот кредибилитет и консензуот кон нивните политики. Според сондажите Дуда тешко ќе однесе победа во првиот круг, бидејќи има поддршка од 40% од електоратот, што е многу, но не е доволно. Неговиот противник, градоначалникот на Варшава Рафал Тжасковски и лицето на анти-Качински движењето, едвај стига до 30% од преференците. Третиот аспирант Шимон Головниа, инаку познат телевизиски водител, тежи околу 10% и со добар резултат би можел да одигра клучна улога во вториот круг на 12 јули, обединувајќи ги опозициските гласови со цел да го поразат Дуда.

Доколку успеат во тој подвиг Полјаците би ѝ нанеле силен удар на националистичката и совранистичка партија, која веќе 5 години стабилно е на врвот на власта и која беше предвесник на националистичкиот тренд во глобални рамки, уште пред Брегзит и пред изборот на Трамп.

Полска е една од ретките големи земји која полесно беше погодена од ковид пандемијата со околу 33 илјади заразени и нешто повеќе од 1400 починати. Сепак, голем кластер настана меѓу работниците во ископот на јаглен, се уште движечки енергетски извор за земјата, која одлучи да не биде дел од „Зелениот договор“ на Урсула вон дер Лејен.

Други колумни од авторот:

„Make Europe great again“

Градот мора одново да се обмисли

Осум минути и 46 секунди

Kако и кога завршува една пандемија?

Со цел да избега од темата Ковид, Дуда се фокусираше на семејството и традиционалните вредности во изборната кампања. „Геј идеологијата е полоша од комунизмот“ и „Сакаат да не убедат дека се личности, кога е само идеологија“, беа само некои од несреќните фрази во експлицитниот говор на омраза на Дуда и неговата намера да се дехуманизираат цели категории на граѓани. Останува мистеријата како Европа планира да ја награди Варшава со 64 милијарди евра преку новиот план за економско опоравување, иако Полска немаше преголема криза предизвикана од короната. Се очекува средствата да се намалат низ преговарачкиот процес, но Полска останува земјата која во последната декада добила најмногу средства од ЕУ, додека заедно со Унгарија на Орбан најмалку работи на нејзиното и сопственото демократско и политичко унапредување.

И така доаѓаме до најмистериозната фигура на глобалната политичка панорама, човекот кој успеа да привлече половина од американскиот електорат без и ден денес да имаме рационално објаснување како тоа тоа му успева - лидерот на националистите низ светот Доналд Трамп.

Претседателот денеска е поприлично осамен и далеку е од кулминацијата на својот успех, особено ранет од предизборната бламажа на митингот во Тулса. Во неговата републиканска партија веќе почнува да се мрмори иако се уште никој нема храброст отворено да му се спротивстави. На митингот во Тулса каде спин докторите на Трамп најавуваа милион учесници, се појавија само 6200, и тоа не поради наводната измама преку Тик Ток апликацијата употребена од младите да резервираат карти за митингот, туку затоа што и тврдокорната партиска војска на Трамп веќе е преморена од пандемијата, од невработеноста и од протестите.

Стратегијата на хаос која Трамп го доведе до Белата Куќа полека ја губи својата пропулсивна моќ. Америка е преморена од внатрешените кризи и поделби предизвикани од Трамп, но далеку сме од тоа дека претседателот ќе се откаже од својата нерационална, ризична, сектаријанска и хаотична стратегија. Трамп нема да посегне по некаква новооткриена умереност. По лошото раководење со пандемијата, уште полошото одбивање да го осуди напластениот расизам во Америка, големата невработеност која веќе допре над 50 милиони Американци, додека уби преку 120 илјади од вирусот, се тоа кажува дека Трамп ќе продолжи со своите деструктивни политики. Трамп знае дека земјата е поделена и веќе ги забрани меѓународните работни визи за 2020 година, намигнувајќи ѝ на тој начин на својата антиемигрантска гласачка база.

Сондажите говорат дека кај жените Трамп губи со 23% разлика во однос на Бајден, додека Хилари Клинтон, првата жена кандидат за претседател, имаше предност од само 14 проценти. Меѓу белите жени Трамп сепак води со 14% разлика, но внимавајте, таа разлика во 2016-та година изнесуваше дури 25 проценти во однос на Хилари.

Трамп отвори и неочекуван и дефинитивно без преседани фронт со Обама, одејќи против вековната американска демократска традиција актуелниот претседател да не зборува против својот претходник. Трамп го обвинува Обама за предавство, но не кажува за што. Ќе видиме дали оваа тактика ќе функционира?! Четири месеци до изборите се долг период во политиката, а оваа 2020 година речиси секој месец во САД беше исполнет со нова и се поголема драма. Дополнителен проблем е што на овие избори поради пандемијата милиони гласачи ќе одлучуваат преку пошта, нешто што само дополнително ќе го искомплицира изборниот процес и најверојатно ќе ги пролонгира резултатите со недели, особено во случај доколку еден од кандидатите не освои поголема победа.

Во меѓувреме од САД доаѓаат неверојани наслови. Њујорк Тајмс деновиве ја објави веста за војникот Итан Мелцер кој во соработка со сатанистичка нео-нацистичка група планирал напад врз својот вод и сега ризикува смртна казна. Пред 40 години во култниот филм Блуз Брадерс, Џон Белуши се бореше со „Нацистите од Илиноис“, нешто што тогаш наликуваше на суреална комедија и смешка, а денес се има претворено во морничава реалност. Американското општество, што за подобро, што за полошо, забрзано мутира и се соочува со своите контрадикции, и иако Трамп не може да се смета како единствениот одговорен за новонастанатиот хаос, дефинитивно е врвна манифестација и движечка сила зад тие промени.

Вирусот и пандемијата се покажаа како катализатор за напластените тензии во Америка и низ светот. Гадно чудовиште е корона вирусот за секоја власт и Влада, на Балканот видовме како ги фаворизира национализмите, за Европа и САД допрва ќе видиме дали ќе ги казни националистите, суверенистите и антиевропејците.

Изборите во Полска многу ќе ни кажат за иднината, но главниот одговор го очекуваме во ноември и по американските избори.

Во меѓувреме, малата, глобално небитна, но не и незабележлива Македонија очекува одговор на истите прашања. Дали пандемијата ќе влијае на изборите, и дали ќе ја фаворизира националистичката и нереформирана десница, или пак ќе ја обедини земјата околу меѓународно фаворизираната, но и полна со неостварени ветувања за правда, левица?

Не очекува голем тест, за Македонија, за Европа, за САД и за НАТО.