Полска: Дуда по изборот е повторно пред избор
13 јули 2020Победата беше кнап, па сепак на Анджеј Дуда му успеа да се избори за втор мандат. Со тоа стана вториот претседател на Полска по 1989 година кој бил реизбран за втор мандат. Неговиот противник од Либералите, градоначалникот на Варшава, Рафал Тшасковски, и покрај поразот забележа значителен успех. Неговата политичка кариера дури сега ќе добие поттик: тој е новиот, млад лик на либерална Полска со целта да ја обедини опозицијата и најдоцна на следните парламентарни избори во 2023 повторно да ги предизвика властодржците.
Резултатот од изборите ќе има далекусежни последици. Изборот на Дуда ќе и овозможи на неговата национално-конзервативна партија ПИС да ја продолжи конзервативната револуција што ја започна во 2015 и да ја консолидира моќта на партијата.
Со тоа се страхува дека ќе биде опфатено и потполното потчинување на судството и поткопана поделбата на власта. Јавната критика на медиумите со посочување со име и презиме конкретен новинар од страна на сопругата на Дуда, Агата Дуда Корнхаузер, на изборниот ден навестува што може да се очекува.
Повеќе:
Тесна изборна победа на Дуда во Полска
Дали вирусот го убива национализмот?!
Полска: Калкулацијата на Качински успеа
По ставањето на јавниот радиодифузен сервис во функција на партиско гласило, сега изгледа се на ред приватните медиуми критички настроени кон власта. Бидејќи многу од нив се во странска сопственост, фактичкиот властодржец во Полска, Јарослав Качински, зборува за потребата од враќање на медиумите на Полска. Следните конфликти со Брисел веќе се програмирани.
Полска и по овие избори останува длабоко поделена земја. Западна и северна Полска против јужна и источна, градови против провинцијата, старо против младо: поделбите се во семејствата, меѓу пријателите, во цели региони.
По кампањата која поларизираше всушност би било задача на победникот да ги закопа рововите. По првата победа на Дуда во 2015 таа надеж не се исполни. Причината беше значајна - и покрај повеќе обиди Дуда не можеше да излезе од сенката на неговиот политички ментор Јарослав Качински. Тој пак конфликтите ги смета за гориво за политичките процеси; компромиси, ракување со противникот на страна од политичкото тактизирање го смета за знак на слабост и тоа не е дел од неговата ДНК. Но, сега има повеќе индиции за поголема самостојност на Дуда: не мора да страхува за неговиот реизбор. Прашање е само дали има желба да истапи од улогата на пулен и претседателската функција да ја извршува со потребната карактерна сила. Дуда по изборот е повторно пред избор.