Политичари не мораат во затвор заради загадувањето... засега
19 декември 2019Германија може да одредува затворски казни за функционери кои не спроведуваат мерки за намалување на загадувањето, но само доколку усвои соодветна легислатива и ја почитува пропорционалноста, пресуди Европскиот суд на правдата. Сега германскиот правосуден систем мора да одлучи дали ќе усвои затворски казни за политичарите.
Одлуката на Европскиот суд дојде по тужбата на германската организација Германска еколошка помош (Deutsche Umwelthilfe), скратено (DUH-ДУХ) против покраината Баварија која беше обвинета дека не успеала да го поправи квалитетот на воздухот во градот Минхен и покрај високите количества на азотен диоксид во воздухот.
Според германскиот закон, покраината може само да биде казнета за непочитување на директивата за чист воздух на ЕУ, но од ДУХ тврдеа дека тоа не е доволно и побараа премиерот или министерот за животна средина да се соочат со затворска казна.
Баварскиот премиер Маркус Зедер денеска рече дека му олеснило по пресудата на Европскиот суд.
„Добро е што тоа се расчисти и веќе не е на масата“, изјави Зедер дополнувајќи дека тужбата се однесувала на ситуација од 2012 година, а оттогаш состојбата се променила на подобро.
Претходно, суд во Баварија пресуди дека казните не се доволни за да ја натераат покраината да ги почитува регулативите на ЕУ, па побара мислење од Европскиот суд дали согласно законите на ЕУ може да се побараат построги казни за политичарите, вклучително и затворска.
Судот на ЕУ не ја исклучи категорично таа можност, но појасни дека најпрво во самата Германија мора да се создаде законска рамка за такво нешто.
Европскиот суд му ја врати одлуката на баварскиот суд. Ова е првпат Судот на ЕУ да одлучува дали националните судови имаат право, или дури и обврска, да затвораат политичари кои не се придржуваат до правилата на ЕУ.
Уште во 2012 година, судовите во Баварија им наредија на политичарите да го подобрат квалитетот на плановите против загадувањето во Минхен, затоа што загадувањето на воздухот беше над горната граница која ја припишува ЕУ.
Во 2017 година, покраината во која се сместени водечки светски автопроизводители како БМВ и Ауди, беше казнета со 4.000 евра поради тоа што одби да воведе ограничувања во сообраќајот.
Активистите за чист воздух од 2018 година бараат да им се одредат затворски казни на премиерот или на министерот во Баварија поради загадениот воздух. Нивната активност веќе доведе до тоа повеќе германски градови да воведат забрани за одредени дизел возила во сообраќајот.