1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски дизел-возила за уште позагаден воздух

Ајдин Камбер
29 декември 2018

Сараево се гуши во загаден воздух, а ситуацијата наскоро би можела дополнително да се влоши. Имено, германските градови донесоа забрана за дизел возилата кои наскоро би можеле да се најдат на босанските улици.

https://p.dw.com/p/3AijI
Bosnien - Luftverschmutzung
Фотографија: F. Kravac/Klix.ba

Почетокот на зимата во Сараево повторно го обележаа неславни рекорди по обемот на загаденост на воздухот. Со години главниот град на БиХ е еден од најзагадените во Европа. Има бројни извори на загадување, а судејќи по најавите наскоро состојбата би можела и да се влоши доколку дојде до масовен увоз на дизел возила од кои сакаат да се спасат Германците по воведувањето на забраната за користење на овие возила во одделни градови. 

„Доколку во наредниот период дојде до масовен увоз на дизел возила, ќе дојде до влошување на животната средина во градот Сараево“, вели Шевал Ковачевиќ, експерт за патен сообраќај.

 

Повеќе:

-Загадување: Се трошат и заштедите за прочистувачи на воздух

-Дишењето убива

-Загадениот воздух не ги спречува граѓаните да возат

БиХ има еден од најстарите возни паркови во Европа, со просечна старост на возилата од 18 години. „Јас одамна реков дека ние го имаме отпадот од Европа во Сараево“, вели стучњакот за клима, Мартин Таис. 

Возилата-најголеми загадувачи

Наскоро Сараево и другите градови би можеле да бидат преплавени со стари и истрошени возила. Шевал Ковачевиќ предупредува: „Овие возила се стари и со абење на коморите за согорување ќе испуштаат, колоквијално речено - жива нафта.“

Во главниот град на БиХ се регистрирани околу 150.000 возила. Многу од нив се со норма 1, 2 или 3. Со тоа сериозно е загрозено здравјето на граѓаните кои дишат високо загаден воздух

„Според проценките и прелиминарните резултати на истражувањата, автомобилите во Сараево учествуваат во загадувањето со 40-50%. Особено со ситна прашина, односно ПМ 2.5 и ПМ 10 честички“, објаснува климатологот Мартин Таис.

Количествата на микрочестички штетни за здравјето назима се и по 10 пати поголеми од прифатливото. Санела Салихагиќ од Заводот за јавно здравство на Кантонот Сараево истакнува дека посебно се загрозени новороденчињата, бремените жени, постарите лица, болните: „Ова директно влијае и на здравата популација бидејќи го отежнува дишењето, предизвикува иритирање на слузницата, доаѓа до борба за кислород. Можеме да очекуваме влошување на болестите на дишните органи и кардиоваскуларниот систем“, вели Салихагиќ.

Европски „авто-отпад“

Парадоксално е тоа што во БиХ не постојат никакви поволности за оние кои сакаат да увезат возила на електричен погон. Додека, пак, сопствениците на возила на плин плаќаат повеќе давачки за регистрирање. Во првите 10 месеци во 2018 година во БиХ се увезени 72.443 возила, од нив 62.831 половни.

Во БиХ се собира европскиот автомобилски отпад што придонесува за зголемено загадување на воздухот и загрозување на здравјето на граѓаните.