Политиката во урнатините - предизборна битка или сочувство
23 јули 2021Ангела Меркел во рушевините: во вторникот канцеларката го обиколи историскиот центар на Бад Минстерајфел, разорен од поплавата. Полека, видно потресена, сето тоа се гледа на телевизија и многу станици известуваа за нејзината посета.
Некогаш идиличното место во покраината Северна Рајна Вестфалија е „толку тешко погодено што вистински мора да се остане без зборови“, им вели канцеларката на жителите. Пред да си замине, на градоначалничката ѝ вети дека ќе дојде повторно, па макар и не веќе како канцеларка.
Политикологот Урсула Минх вели дека таквите посети на политичарите во подрачја погодени од катастрофи секогаш се „од по острица“. Ако не отидат таму, а се смета дека им е должност, ќе бидат напаѓани за недостиг на интерес и сочувство. Но, предупредува директорката на Академијата за политичко образование во Тутцинг, може брзо да се јави сомнеж и дека таквите посети се „само предизборна борба“. Конкретно кај Ангела Меркел тоа не е случај, зашто таа дефинитивно си заминува од канцеларската функција.
Сите отидоа во поплавените подрачја, како во Северна Рајна Вестфалија, така и во покраината Рајнланд-Фалц: претседателот на државата, канцеларката, сите кандидати за таа функција, министри и челници на покраинските влади. Кризите се момент кога треба да го направат тоа оние кои можат и според своите овластувања – носителите на власт и извршна власт.
Дали е ова климатска промена?
Канцеларската кандидатка од Зелените, Аналена Бербок, покрај лошиот почеток на изборната битка има и уште еден голем недостаток: таа нема власт и овластувања како нејзините соперници Армин Лашет од ЦДУ и социјалдемократот Олаф Шолц. Во кризи владејачките партии имаат „институционален бонус“, објасува политикологот Геро Нојгебауер. „Оние кои извршуваат некоја должност се во предност“, вели тој. И кандидатката на Зелените ги обиколи погодените подрачја, но медиумите не јавуваа за тоа, по желба на самата Бербок, која од овој свој недостаток барем на тој начин се обиде да стекне предност со впечатокот дека „не се турка“ во политички туризам во кризните подрачја.
Но, и таа шансата ја гледа во нешто друго: во која мерка на граѓаните на Германија и овие дождови и поплави ќе успее да им ги „продаде“ како последица на климатските промени? Зашто, тоа е „домашен терен“ на Партијата на зелените: Армин Лашет е покраински премиер на засегнатата покраина кој итно може да нареди чекори за ублажување на кризата, социјалдемократот Шолц е актуелен сојузен министер за финансии кој може со милиони евра да поттикне обнова.
-повеќе:
400 милиони евра итна помош за поплавените подрачја во Германија
„Солењето памет“ по поплавите во Германија никому не помага
Поплави во Германија: Климатската криза нѐ принудува да се прилагодуваме
Дождови, поплави и одрони на земјиште всушност имало отсекогаш, но клучно прашање е, дали избирачите ќе го сфатат тоа како последица на климатски промени? Во оваа област, според испитувањата на магазинот „Шпигел“, само 26 % од анкетираните го сметаат Лашет за компетентен, Шолц – 35%, а кандидатката за канцелар на Зелените – 56%.
Кон тоа треба да се додаде дека некои Германци, предупредува политикологот Урсула Минх, сепак порадо „избираат некоја партија, а не личност“. Аналена Бербок ја претставува партијата која „по правило е на прво место кога станува збор која партија има најголеми компетенции за решавање на климатските проблеми“. Другите партии по овој повод можат да се занимаваат со тој проблем, но не може така набрзина да се создаде впечаток на стручност.
Дали е дозволено смеење?
Згора на тоа, минатата недела на кандидатот на ЦДУ уште повеќе му падна популарноста поради голема и тешка грешка, која исто така ја објавија сите телевизии. Како покраински премиер тој го придружуваше германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер при обиколката на тешко погодениот Ерфтштат кај Келн.
Претседателот Штајнмајер пред камерите изразуваше пригодна засегнатост, жалење, зборови на сочувство. Во заднина се гледа Армин Лашет со група познаници и откако една соговорничка му рече нешто, почнува гласно да се смее. Секако, тој не му се смее ниту на претседателот, најмалку на погодените граѓани. Но, како некој може воопшто да се смее во таква прилика?
Германската јавност тоа му го впиша на Лашет за големо зло: потоа тој безброј пати се извинуваше, но политикологот Минх предупредува дека такво нешто не смееше да му се случи уште поради „постојаното присуство на камери и мобилни телефони“.
Сѐ поминува...
Обиколката на политичарите на подрачјата погодени од било какви катастрофи, инциденти или несреќи не е германска специјалност, туку тоа го прават државници од сите земји – дури и во диктатури. Германците дури имаат и израз за тоа: „политиката во гумени чизми“, но дали тоа ќе им помогне на претстојните избори? Посебно сега кога изборите се толку набрзо, на 26 септември?
Политиколозите се прилично сложни во мислењето: не помага многу, ако воопшто помага. „Не мислам дека тоа во позначајна мерка ќе влијае на одлуката на изборите“, вели Геро Нојгебауер. Урсула Минх потсетува дека сепак има уште два месеци до изборите. Некои веќе сега знаат дека ќе гласаат за партијата за која гласаат секогаш, но и оваа земја е „демократија на расположенија“, можеби дури во последен момент ќе ја заокружат оваа или онаа партија. А поплавата пред два месци, макар што и натаму ќе бидат останати рушевини...„Ние сѐ забораваме многу брзо “, вели политикологот Минх.