1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Германскиот час на вистината 

Анја Брокман
22 јули 2021

Катастрофалните поплави во Германија се и повик за будење на климатската политика. Но кандидатот со најголеми изгледи за иден канцелар изгледа необично неамбициозно, смета Анја Брокман. 

https://p.dw.com/p/3xpkm
Deutschland Hochwasser Bundeskanzlerin Angela Merkel in Bad Münstereifel
Фотографија: Wolfgang Rattay/AFP/Getty Images

Катастрофи како поплави во Германија се посебен предизвик за политиката. Во кризи луѓето бараат лидерство, од политичарите бараат емпатија и одлучност. Особено од оние кои се подготвуваат да ја наследат канцеларката Ангела Меркел и да ја водат идната влада. Кандидат со најголеми изгледи за нејзин наследник во моментов е Армин Лашет, шефот на ЦДУ и премиер на покраината Северна Рајна Вестфалија, која е една од најпогодените од поплавите.

На почетокот Лашет ги исполни очекувањата – ги посети поплавените подрачја, ги слушаше настраданите и пред бројни камери на избирачкото тело му вети забрзување на климатската политика. Но, за жал истите тие камери го уловија насмеан Армин Лашет на само неколку метри додека претседателот Штајнмаер ги тешеше жртвите од поплавите. За еден човек кој претендира да стане канцелар ова е изненадувачки без осет и непрофесионално. Соочен со луѓето кои загубија се, Лашет требаше да покаже сочувство на државник, а не да биде насмеан минувач. 

Амбициозен план за заштита на климата 

Посериозен проблем од овој погрешен чекор е нерешителноста на Лашет на политичко ниво околу климатската политика, која особено сега по поплавите се најде во фокусот на политичката дебата. Откога ги увиде штетите од катастрофата во неговата покраина, утрото тој на голема врата најави дека ќе ја забрза климатската политика, за вечерта да каже дека нема да ја промени неговата политика само заради еден ден. 

Anja Brockman Kommentarbild APP
Анја Брокман, автор на коментаротФотографија: DW

При тоа е нејасно која климатска политика ја следи Лашет. На пример тој се залага за обновливи енергии, а неговата влада во Северна Рајна Вестфалија значително ги зголеми критериумите за ветерните турбини.

Лашет ја отфли и обврската за вградување соларна енергија во нови градби. Кога кадидатот за канцелар зборува за климатската политика, тоа во најголем случај е во негативна конотација: климатската заштита не треба да ги зголемува трошоците во домот ниту цената на авионскиот превоз, не треба да ги загрозува работните места ниту на возачите да им ја одземе радоста од брзо возење. Истовремено сугерира дека има климатска политика, имено неговата, која може да се спроведе без видливи резови и промени. 

-повеќе: 

400 милиони евра итна помош за поплавените подрачја во Германија

„Солењето памет“ по поплавите во Германија никому не помага

По поплавите: Затаи ли системот за заштита во Германија?

Лашет изгледа смета дека треба да ја продолжи традицијата на Ангела Меркел која во однос на климатската заштита во повеќе од 15 години на власт ниту од граѓаните, ниту од индустријата не бараше големи одрекувања. Таквиот неамбициозен пристап во април годинава го констатираше и Уставниот суд. Судиите побараа политиката да вложи значително поголеми напори за да ги заштити идните генерации од климатски катастрофи. 

Искрен кризен менаџмент 

 Најдоцна по неодамнешната катастрофа со поплавите на многу Германци им стана јасно дека ако само се продолжи како и до сега, тоа неминовно ќе доведе до климатски хаос. Јасно им е и дека затоплувањето на земјината топка предизвикува екстремни метеоролошки појави и станува смртна закана не само за некои далечни земји, туку и за сопствениот дом. Стравот дека може да изгубат се во животот е поголем од страхувањата дека може да има ограничувања на брзината на германските автопати. Ако Лашет сака да стане канцелар, ќе мора сериозно да ги сфати таквите грижи и конечно да заземе став на кој начин конкретно сака да ги намали емисиите на јаглероден диоксид. Мора да престане заштитата на климата да ја користи како реторичко страшило и наместо тоа да почне искрено да зборува за кратења и можности. Тоа значи на луѓето точно да им наслика како ефективна заштита на климата ќе им го промени животот, од што можеби ќе мора да се откажат и кои работни места се загрозени. И на кој начин сето тоа социјално ќе го амортизира.

Климатските промени не познаваат граници. Но, на оној кој нема храброст на домашен терен да зборува без пардон, гласачите не му веруваат ни дека ќе може да се спротистави на темата на Владимир Путин, Ши Џинпинг и Жаир Болсонаро, а камо ли да ги придобие за своја политика. Сакал Лашет или не, во климатската политика, која ќе биде клучна во изборната кампања, тој мора да покаже став. Инаку сонот за канцеларската позиција брзо ќе биде одсонуван.