1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Масовна легализација на дивоградби

ДТЗ
12 мај 2021

Се отвара ли простор за нови злоупотреби и никнување на дивоградби на секој чекор или ќе се стави крај на бесправното градење во Северна Македонија?

https://p.dw.com/p/3tGXu
Arbeiter - Baustelle in Ohrid Mazedonien
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Се отвара ли простор за нови злоупотреби и никнување на дивоградби на секој чекор или ќе се стави крај на бесправното градење во Северна Македонија? Ваквата дилема се отвори откако македонското Собрание по скратена постапка го усвои Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти со 72 гласа „за“, 3 „воздржан“ и 5 „против“. Со законот се отвара пат гаражи, остави и базени кои сопствениците ги граделе без дозвола, како и дивоградби во национални паркови, природни резервати, споменици на природата и подрачје на заштитено недвижно културно наследство, да можат да се легализираат. Легализација ќе биде дозволена и во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, по добиена согласност од надлежниот орган. 

Со него се предвидува легализација на дивоградби изградени до денот на стапување во сила на овој закон, односно осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“ и нема рок на важење - ќе важи до правосилно завршување на постапките кои се започнати. Исклучок се дивоградбите во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство, како и дивоизградени станбени згради и дивоизградени доградби и надградби на станбени згради.

-повеќе на темата: Легализација на дивоградби- нови поволности наместо санкции

Сопствениците на дивоизградените објекти за легализацијата ќе треба да платат поскапи комуналии од она што би го платиле ако имале дозвола за градба. Од плаќање на комуналии со овој закон се изземени корисници на парична помош од социјална заштита, државните органи и локалната самоуправа, како и верските организации.

Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Собранието по скратена постапка го усвои Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти со 72 гласа „за“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Пратеничката група на ДОМ е против донесувањето на овој закон.  Маја Морачанин вели дека со продолжување на овие рокови се праќа индиректна порака до граѓаните дека може да градат на диво без да имаат градежна дозвола и дека во некој момент ќе им бидат овозможени услови да ги легализираат своите дивоградби. „Тоа не е добра порака, мора да ставиме крај на бесправното градење. Ако може некој нелегално да гради тогаш која целта на носење просторни планови, генерални и детални урбанистички планови. Мислам дека ова навистина не е добро“, истакна Морачанин.

-повеќе на темата: По одлуката на Уставниот суд: Антикорупциска против градежната инвазија во Скопје

На одлуката за легализација на дивоградбите реагии и граѓанските здруженија. „Можете слободно да ја погребате надежта за правна држава на овие простори“, порачаа од О2 иницијативата.

„Од хациенди, базени, доградби, надградби, гаражи, остави, во заштитени подрачја и вон нив, насекаде, онаму каде првиот закон застана, на 3 март 2011, сега сè ќе се легализира со новиов закон каде рокот е кога ќе стапи на сила. Значи има уште време да си доизградите на диво пред да поднесете барање да ви се легализира. Ова на предлог на ВМРО-ДПМНЕ се додаде и се усвои, инаку ќе беше за дивоградби изградени до 1.10.2019 година“, велат тие.

Според граѓанските организации, со овој закон се запираат сите постапки за уривање на дивоградби и сите поврзани управни и судски постапки. „Тоа значи и ако има кривични пријави, и тие се стопираат. Пратениците од Комисијата за транспорт, врски и екологија, со исклучок на претеничката на ДОМ, само пред неколку дена усвоија и измена со која законот нема рок на важење од 7 години, туку ќе важи додека сите постапки не се завршат, колку и тоа долго да трае. Истовремено и на стариот закон, чија важност истече на 3.3.2021, му го тргнаа рокот на важење, па и тој е на сила до недоглед“, велат од О2 иницијативата.