1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерките за Охрид - „по свадба - тапани“

ДТЗ
26 март 2021

Еколошките здруженија реагираат дека мерките на надлежните за заштита на крајбрежјето на Охридското Езеро се задоцнети. Ќе сопре ли градежната инвазија во градот?

https://p.dw.com/p/3rCVy
Mazedonien Stadt Ohrid am Ohridsee
Фотографија: DW/M. Jovanovski

По свадба – тапани. Вака се толкува во јавноста одлуката на Владата која донесе сет мерки за градежните работи во Охрид на спорната локација на местото на некогашната дискотека Парк, откако претходно багери го урнаа објектот до земја. Според еколошките здруженија кои се грижат за заштитата на Охридското Езеро и неговото крајбрежје, доколку надлежните инспекторати и министерства ги преземеле неопходните мерки во изминатиот период, ќе се спречеше уривањето на „архитектонско ремек-дело и еден редок примерок на современата архитектура од ХХ век во Македонија немаше да биде преку ноќ срамнет со земја“.  

Bildergalerie Frühling in Ohrid, Mazedonien
Екологистите бараат да се заштити градот и да се спречи нелегалната изградба на нови објектиФотографија: DW/M. Jovanoski

„Институциите имаа цел еден месец да постапат навремено и да го превенираат ова што сега се случува. Иницијативата на Министерството за култура и последователните активности на Владата не се ништо повеќе од контрола на штета, но не контрола на штета што е направена врз природното и културно наследство на Охридскиот регион, туку контрола на штета врз рејтингот и врз политичкиот капитал на партијата којашто е на власт“, реагираат од невладината организација Охрид СОС, којашто меѓу првите го вклучи алармот за градежната инвазија на брегот на езерото, и покрај препораките на УНЕСКО дека „бетонизацијата“ на Охрид мора да запре.

Градба во заштитена зона

Дискотеката Парк беше урната деновиве и покрај бројните реакции во јавноста и укажувања дека на истата атрактивна локација е недозволиво да никне хотелски објект, на само 50 метри од брегот на Охридското Езеро. Според еколошките здруженија, станува збор за заштитена зона во која не смее да се гради. Тие стравуваат дека градежната инвазија на крајбрежјето ќе биде уште една причина плус за Охридскиот регион да се најде на листата на загрозени подрачја на УНЕСКО. Ваква можност веќе беше најавена со извештаите од УНЕСКО во кои беа нотирани слабостите детектирани во управувањето со заштитеното подрачје.

-повеќе на темата: Дивоградбите закана за автентичниот изглед на Охрид

Владата деновиве одговори на реакциите со носење на неколку одлуки со кои и се укажува на општина Охрид да спречи градежни работи на оваа локација, сѐ до утврдување на фактичката состојба од страна на стручната комисија на Министерството за транспорт и врски. Комисијата ќе треба да изврши увид во процесот на издавање и спроведување на одобрението за градење. Од Владата информираат дека од општина Охрид било побарано, во рок од два дена да достави информација за важноста на одобрението за градба на локацијата. Ваквата реакција следи откако министерката за култура, Ирена Стефоска, пред неколку дека побара, Владата да им ги одземе ингеренциите на Охрид и Струга, бидејки двете општини немале волја за заштита на светското природно и културно наследство.

#dw_BalkanBooster: Проблеми во рајот

Правосилно решение за градба

Градоначалникот Константин Георгиевски најави дека ќе постапи по укажувањето на Владата и ќе достави информација за постапката на одобрение за градба за објектот на местото на ресторанот Парк, којшто е дело на архитектот Павел Балабан од 1989.

„На Охрид не му треба таков несоодветен објект покрај езерото, но решението е правосилно. Тотално е ирелевантен мојот личен став. Но, некој донел план и луѓето на приватен имот добиле регуларно одобрение за да градат“, изјави минатата недела Георгиевски за Дојче веле, по најавите дека ќе биде иницирана постапка за одземање на неговите ингеренции поради „немање волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО“.

-повеќе на темата: Георгиевски: На Охрид не му треба нов објект покрај езерото, но не може да се поништи одобрението за „Парк“

Тој ги повика надлежните институции да го проверат предметот, за да се разјасни целата ситуацијата околу изградбата на објект на местото на некогашната дискотека „Парк“. „Надлежните институции, ако сакаат, нека го отворат предметот, нека го ’протресат’ решението и нека го поништат ако сметаат дека не е исправно. Досега никаква инспекција не дошла да го провери случајот, за кој е издадено правосилно одобрение“, рече тогаш Георгиевски.

Bildergalerie Frühling in Ohrid, Mazedonien
На Охрид не му треба таков несоодветен објект покрај езерото, но решението е правосилно, вели градоначалникот Константин ГеоргиевскиФотографија: DW/M. Jovanoski

Одобрението за градење на местото на стариот обект на ресторанот-дискотека „Парк“ е правосилно од 6 јули 2018 година. Една година потоа, во 2019 година, инвеститорот во јуни 2019 година има пријавено градилиште. Со тоа одобрението за градба му важи наредните 10 години. Георгиевски целиот проблем го гледа во вакуум просторот којшто се создал изминатите десет години, кога не бил донесен Планот за управување од страна на Министерството за култура. Од оној момент кога е донесен планот, вели Георгиевски, стапиле на сила и поинакви правила. Оттогаш не е издадено никакво решение за градба, коешто би се косело со правилата и барањата на УНЕСКО.

-повеќе на темата: Во Љубаништа ќе се гради туристичка зона, кој ќе профитира?!

Планот е на 4.525 метри квадратни на просторот кај ресторанот и дискотеката „Парк“ во Охрид да се гради нов хотел. Според одобрението за градба од 2018-та, инвеститорот, односно градежната фирма „Ремис“, има план да гради хотелски комплекс од приземје, три ката и поткровје. Од граѓанската иницијатива Охрид СОС во повеќе наврати реагираа дека на ова место ќе се урива постоечкиот специфичен објект, што е дело на реномиранот охридски архитект Павел Балабан. Активистите на Охрид СОС и Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) бараа објектот да биде заштитен како споменик на културата. Место да добие заштита, тој деновиве беше срамнет со земја.