1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Љубаништа ќе се гради туристичка зона, кој ќе профитира?!

Милчо Јованоски4 август 2014

Државата реши во Љубаништа да гради туристичка развојна зона. Жителите се против експропријација на земјиштето и сакаат да си ги зачуваат имотите или тие реално да се проценат.

https://p.dw.com/p/1CoGt
Фотографија: MIA

Љубаништа село лоцирано само неколку километри пред прочуениот манастир Свети Наум со месеци не се симнува од насловите по медиумите во Македонија и пошироко. Владата на РМ пред околу две години ја обзнани идејата за големата инвестиција во Љубанишко поле и градбата на туристички комплекс финансиран од индискиот бизнисмен Субрата Рој. Лавината од реакции и проблемите со кои се соочи Рој во сопствената земја – притворот, судирот со власта и одземањето на пасошот како малку да ги потсмирија духовите дека во Љубаништа ќе се гради. Уште е неизвесно дали проектот „Сахарајан Македонија “ ќе успее. Независно од тоа Владата на РМ со желба да ја развива економијата преку туризмот пред пратениците достави Закон за туристички развојни зони кој стапи на сила уште на 9 ноември 2012 година. Со овој закон се уредуваат погодностите за инвестирање во идните туристичките развојни зони низ Македонија. Утврдена е постапката за отуѓување на градежното земјиште за посебна намена за изградба на туристичките развојни зони, начинот и постапката за основањето, развојот и дејностите кои се вршат во туристичките развојни зони.

Граѓаните не сакаат да го отуѓат имотот

Голем дел од преостанатите жители во Љубаништа и нивните роднини кои претежно живеат во Охрид не ја разбраа намерата на државата. Некои од нив побрзаа да ги средат имотните листови и да чекаат на готовс парцелите да ги продадат по висока цена на Индиецот Рој. Други уште тогаш гласно негодуваа, но, како и сега не сакаат нивниот идентитет да се знае. Решени се земјиштето да не го продаваат по ниту една цена. „Сакаме да им го оставиме во наследство на нашите деца, како што нам ни го оставиле нашите родители. Не сакаме да го отуѓиме имотот.“ Други велат дека зоната ќе значи крај за селото, а власта смета дека токму таа ќе ја раздвижи „заспаната“ економија во овој дел од Македонија. Во изјава дадена за ДВ уште одамна и митрополитот Дебарско – кичевски Тимотеј чиј црковен имот граничи со парцелите на кои ќе се гради туристичката развојна зона рече дека ниту за еден милион долaри за квадрат не би отуѓил ни педа од црковниот имот.

Mazedonien Ljubanisko pole
Љубанишко полеФотографија: DW/M. Jovanovski

Строго почитување на еколошките стандради бара и УНЕСКО

Државате е упорна во својата замисла. Неодамна во Охрид го презентираше Извештајот за стратешка оцена на влијанието на туристичката развојна зона Љубаништа 1 врз животната средина. Со неа предвидено е да се градат пречистителни станици за секој капацитет или изградба на колекторски систем. Идната туристичка зона Љубаништа 1 опфаќа површина од 28,6 хектари, во најголем дел земјоделско земјиште, околу три хектари е шума – евла, а дел е имот на МПЦ. Просторот на кој се предвидува изградба на туристички комплекс спаѓа во националниот парк Галичица во зона за одржливо користење, кадешто е дозволено градење. На презентацијата беше речено потенцијалниот инвеститор да внимава при изградбата бидејќи се работи за трусно и сеизмички активно подрачје. На ова му претходеа и археолошки истражувања. Внимателност и стриктно почитување на светските еколошки стандарди кои доколку не биде така ќе можат да се пречка за идната градба на зоната, бара и Ариан Мероли претставник во Билатералниот секретаријат за управување со сливот на Охридското Езеро од Албанија. „Пред еден месец биосферниот резерват Охрид – Преспа стана дел од УНЕСКО и програмата „Човекот и биосферата“. Ни претстои донесување на Акционен план за заштита на регионот и сигурно на средбата во септември мешовитот македонско – албански билатерален секретаријат уште еднаш ќе наврати на идејата за градба на туристичка зона во Љубаништа,“ прецизира Мероли.

Црквата го обжали решението за експропријација

Митрополитот господин Тимотеј ни потврди дека врз основа на законот за експропријација со решение државата им одзела 18 хектари од имотот во Љубаништа. „Нормално ние го обжаливме и покренавме судска постапка. Од една страна ни вратија имот со денационализација, од друга пак ни земаат. Сѐ изгледа несериозно,“ вели г. Тимотеј. Експропријација на приватното земјиште во Љубаниша сѐ уште не почнала . Сепак жителите пред една недела очајно барајќи излез од состостојбата проговориле за своите маки. На пат се да формираат Координативно тело преку кое би издејствувале најповолно решение за своите имоти. Полека стануваат свесни дека не можат да ја стопираат експропријацијата, но не сакаат имотите државата да им ги одземе за смешна сума. „Најголем дел од имотот е плодно земјоделско земјиште и многу блиску до Охридското Езеро. Со експропријацијата се засегнати над 100 семејства во Љубаништа“, ни рече Наум Ристески еден од засегнатите во случајот и човек кој се обидува да го реши сопствениот и проблемот на своите сограѓани. „Ако се случи владата да не ги прифати нашите идни барања ние сме подготвени на граѓанска непослушност, на затворање на патиштата. Тоа што се случи со црковното земјиште е фактички кражба, истото не чека и нас. Во Љубаништа земјиштето се продава по 200 евра, а тие нудат 200 денари за метар квадратен. Ќе ангажираме овластен проценител кој ќе изврши реална проценка на вредноста на земјиштето, бидејќи се работи за најатрактивниот простор на охридското крајбрежје“, ни рече Ристески. Заклучоците од собирот ќе бидат испратени до градоначалникот на Охрид, премиерот и министерот за финансии. Граѓаните бараат локалната самоуправа, надлежните и пратениците од Охрид да дојдат во селото и да им објаснат што ќе се гради во Љубаништа и што ќе стане со нивните имоти?!

Vladica Timotej Porträt Mazedonische Ortodoxe Kirche
Владиката ТимотејФотографија: Milco Jovanoski