1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Архитектура

Планот на Ердоган - Света Софија да ја претвори во џамија

Ункер Пелин
2 јули 2020

Ердоган сака Света Софија, која сега е музеј, да ја претвори во џамија. Денеска судот треба да донесе одлука за намерата. Ова е обид на претседателот да поентира кај гласачите, но и план кој прави раздор во земјата

https://p.dw.com/p/3ecth
Türkei Hagia Sophia in Istanbul
Фотографија: picture-alliance/akg/Bildarchiv Steffens

Света Софија не само што е препознатлив знак на Истанбул, туку и најомилената туристичка атракција во Турција. Огромната купола или нејзините уметнички фрески привлекуваат милиони посетители годишно и на зданието му донесоа статус на културно наследство на УНЕСКО.

Но, Света Софија е повеќе отколку архитектонско мајсторско дело, таа отсекогаш била и политички симбол: монументалната градба е подигната во шестиот век од византискиот цар Јустинијан. Кога Османлиите го освоиле Константинопол во 1453 година, султанот Мехмед Втори црквата по брза постапка ја претворил во џамија. И основачот на турската република, Мустафа Кемал Ататурк, го искористил божјиот храм за симболичен чин: во 1935 година тој Света Софија ја претворил во музеј, порака што гласи – Турција е секуларна држава.

Сега и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сака да го искористи објектот во симболички цели. За многумина негови националистичко-исламистички настроени гласачи, Света Софија важи за симбол на освојувањето на христијанскиот Константинопол и за надмоќта на исламскиот свет.

Чекор кон сонот за џамија

Турскиот претседател настојува со сите сили да ја ревидира одлуката на Ататурк и Света Софија повторно да биде отворена за исламски верски ритуали и богослужби. Во Турција постојано се водени дискусии околу пренамената на Света Софија во џамија, но сега плановите добија конкретни контури: Врховниот управен суд утре одлучува дали декретот на Ататурк, со кој во 30-те години Света Софија е претворена во музеј, има правна основа.

Повеќе:

Света Софија: денес музеј, утре џамија?

Иницијативата е придружена од националистичка реторика. „На оној кој со меч го освоил Истанбул, му припаѓа и Света Софија", гласи аргументот на владејачката партија. „Света Софија е наш географски посед. Оној кој го освоил со меч, ги поседува и сопственичките права. Света Софија е дел од нашиот суверенитет",  изјави на пример заменикот претседател на АКП, Нуман Куртулмуш.

Владејачката партија демонстрира самоувереност, уште во понеделникот, на 567-годишнината од освојувањето на Константинопол, еден имам читаше извадоци од коранот во Света Софија. Во турската јавност потоа се шпекулираше дали одлуката е веќе донесена и затоа се вршат подготовки.

Bildergalerie Hagia Sophia
Света Софија е дел од културното наследство на УНЕСКОФотографија: Bulent Kilic/AFP/Getty Images

Симболички акт кој предизвикува раздор

Акцијата која е пресметана да ги збие редовите на гласачкото тело на Ердоган, може да отвори нови јазови. Вселенскиот православен патријарх Вартоломеј се изјасни против пренаменување на Света Софија во џамија. Света Софија е еден од најзначајните објекти на човечката цивилизација и не припаѓа на неговите непосредни  сопственици, туку на „целото човештво", изјави патријархот на една богослужба во Истанбул.

Претседателот на Федерацијата на Турци со грчко потекло (ИРЕФ), Николас Узуноглу за Дојче веле изјави дека тоа што Света Софија е предмет на политички тензии, не го смета за правилно. Објектот треба да отелотворува мир меѓу религиите и цивилизациите. „Изјавите кои се повикуваат на освојувањето на Света Софија со меч, даваат повод за загриженост во целото наше општество", вели Узуноглу.

Турскиот претседател меѓутоа има само потсмев за критичките забелешки од грчката православна заедница: „Тие велат: ‘Ве молиме не ја претворајте Света Софија во џамија.' Сметате дека Турција подлежи на вашите желби? Ние ја очекуваме одлуката на Врховниот управен суд, а потоа ќе ги преземеме потребните чекори."

„Не постои религиозна оправданост"

И во академските кругови владее загриженост околу можната пренамена на музејот Света Софија во верски објект. „Нема многу објекти во светот како Света Софија. Таа веќе 1500 години им служи на две религии, без архитектурата да доживее темелни промени. Во цел свет има само уште еден или два на објекти од ваков тип, тоа мора да биде заштитено“, истакнува историчарот Едхем Елдем од од Универзитетот Богазиџи во Истанбул. Света Софија освен тоа е дел од заедничкото, универзално човеково наследство. „Сакаме ли да го изолираме и скриеме ова наследство или да му го презентираме на цел свет?“ критикува Елдем.

Слично размислува и теологот Ихсан Елиачик, спред кого нема религиска оправданост за ваквиот чекор: „За право темелено на меч нема место во коранот. Насилно освојување и присвојување  на културни објекти е забрането." Света Софија е симбол на мирот меѓу исламскиот и христијанскиот свет, потенцира Елиачик.

Зад планот за пренамена на Света Софија се крие и внатрешнополитичка калкулација: владејачката партија АКП, според анкетите на јавното мислење, трпи значителни загуби на поддршката кај турското население. Затоа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во последните месеци се обидува засилено да поттикне националистички чувства кај народот.