1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

15 јули: „Дар од Алах“

Џан Дундар
15 јули 2019

Три години по обидот за пуч, за Ердоган не свират победнички фанфари, туку силно се вклучени звуците на аларм. Џан Дундар, поранешниот главен уредник на турскиот весник „Џумхуриет“, раскажува за денот кога се промени сѐ.

https://p.dw.com/p/3M5Cb
Türkei Putsch
Фотографија: picture-alliance/A. Reenpaeae

Ноќта кога се случуваше обидот за државен удар, на 15 јули 2016 година, турскиот претседател Ердоган беше со семејството на одмор во Мармарис. Кога разбра што се случува реагираше молскавично брзо: преку видео повик тој се поврза со Си-Ен-Ен на турски јазик. Во еден импровизран апел ги повика сограѓаните да излезат на улица и да им се спротивстават на пучистите. Турција дотогаш имаше доживеано три воени преврати, но никогаш немало повик во ваква форма. Претходните претседатели молчешкум ја предаваа власта. Повикот на Ердоган се покажа успешен: луѓето излегоа на улиците и покрај силната бучава од бомбардерите им го попречуваа патот на пучистите во тенковите. Над 300 луѓе таа ноќ ги загубија животите. Но, на крајот, Турција можеше повторно да здивне.

Во времето на пучот Ердоган беше многу нервозен. Кога летал со авионот од Мармарис кон Истанбул го фатило страв. „Ве молам искрено да ми кажете од чија страна сте“, ги молел да му кажат пилотите во авионот. Кога слетал имаше две опции – или демократскиот моментум на пучот да го претвори во национален проект или да ја искористи ова ситуација за да си изгради авторитарен режим.

Ердоган одговори со контрапуч

Тој се реши за втората опција. Кога слета на аеродромот во Истанбул, тој обидот за пуч го опиша како „дар од Алах“ и изјави: „Сега е вистинското време да ја прочистиме нашата војска“.

Türkei Can Dündar Journalist
Поранешниот главен уредник на турскиот весник „Џумхуриет“, Џан Дундар, живее во егзил во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

„Чистка“ – овој збор, изговорен три часа по задушувањето на обидот за пуч, ги карактериза следните три години во Турција. „Чистката“ не ги опфати само поддржувачите на движењето на Ѓулен во редовите на војската, туку и сите противници на Ердоган. По седумчасовна седница на кабинетот, на 20 јули 2016. – пет дена по обидот за пуч – Ердоган го започна својот контрапуч. „За да се отстрани опасноста“ вонредната состојба беше продолжена на три месеца.

Тоа беше само првиот чекор кон промена и вовед во режим. Ердоган ги искористи овластувањата на парламентот, владата и судството и започна да гради режим во кој сета моќ ќе биде сконцентрирана во рацете на еден човек. Со негови зборови - ова беше процес на „втора ослободителна војна“. Секој кој ќе се позиционира против него, ќе се смета за непријател. Со помош на 30 декрети тој ја спроведе „чистката“.

Над 125.000 државни службеници, полицајци,учители, судии, адвокати и академици беа отпуштени, околу 500.000 лица изведени пред суд, 1500 здруженија беа затворени, опозициските медиуми цензурирани и затворени, многу новинари замолчени, благодарение на „дарот од Алах“, како што тогаш го опиша Ердоган, тој маршираше кон тоталитарна власт.

Имиџ на „силен човек“

Секако на Ердоган не му беа доволни три месеци вонредна состојба – тој ја продолжуваше седум пати. Кога неговата моќ ќе достигнеше одредена граница, тој едноставно ја прошируваше. Неговата намера беше пролетта 2017., пред гласањето на референдумот за уставни измени, со тактика на „лов на вештерки“ да креира клима на страв, со што ќе го убеди населението да гласа за авторитарен режим предводен од „силен човек“.

Но, парламентарната моќ на АКП не беше доволна. Ердоган донесе судбоносна одлука – реши да стапи во сојуз со ултранационалистичката десноекстремна партија МХП. Така се роди сојузот на „турско-исламистичка синтеза“. Овој сојуз на 16 април 2017 година го укина стогодишниот парламентарен систем и го зацврсти претседателскиот систем во Уставот. Во јуни 2018 година, на предвремените претседателски и парламентарни избори беше зацврстен на врвната позицијата.

Вонредната состојба стана нормална

Потоа веќе не му беше потребна вонредна состојба, бидејќи таа во Турција стана сосема нормална состојба. Она што се случуваше до тогаш, на прв поглед личеше како успешна приказна внимателно креирана од Ердоган. Но, оваа приказна сѐ уште не е завршена!

Поларизирачките политики на АКП и МХП доведоа до формирање на еден демократски фронт против Ердоган. Дополнително, Турција западна во голема економска криза. Причината за тоа е уништувањето на регулаторскиот механизам во парламентот, владата и судството – што доведе до лошо раководење и корупција.

Маневрите на турскиот претседател заглавија во калта. Неизвесноста кај населението се зголеми. Ердоган не успеа да постави способни службеници по масовните отпуштања во рамките на „чистката“. Ниту полициската контрола и надзорот, ни неговиот зет којшто го постави во Министерството за финансии, ниту мобилизацијата против Американците, христијаните, ѓуленистите или Курдите, не му донесоа ништо.

Оваа пролет тој ги загуби локалните избори. Во метрополите како Анкара и Истанбул доживеа пораз – градови кои беа под негова контрола четврт век. И додека опозицијата се обединува, во неговата партија има раздор. На третата годишнина од 15 јули за Ердоган не свират победнички фанфари, туку силно се вклучени звуците на аларм.