1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Пинк Пантер

21 ноември 2018

Најголемиот симбол на правната и политичка катарза на Македонија, сепак, се извлече од лицето на правдата. Но, бегството на Груевски има и една промптна позитивна последица. Пишува Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/38e8q
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Груевски избега од државата како да е припадник на меѓународната група „Пинк Пантер” – со тајно преминување граници, комплицирана логистичка операција, како во најдобар крими-трилер.  Ваква драматична операција нашата држава нема видено никаде, освен на филм, и можеби за Ел Масри, кое заврши неславно за нас.  Груевски од Унгарија тврди дека бил политички гонет - да не излезе дека сега дека и оштета треба да му платиме што се „злопател” во Македонија?  Шегата на страна, бегството на Груевски сеуште предизвикува лавина реакции во јавноста.  Како по правило, дури и тие се дијаметрално спротивставени.  Кај неговите следбеници, можеби развива чувство на сила – шефот, сепак, како да останува недопирлив.  Кај критичката јавност, огорченост и разочарување, проследено со гнев кон власта – најголемиот симбол на правната и политичка катарза на Македонија, сепак, се извлече од лицето на правдата. 

Но, на страна нашиот сеирџиски интерес за трилерот на операцијата, кој треба да ја задоволи нашата љубопитност и да открие некакви информации за тоа какви му биле врските на пребеганиот, и другиве служби како не третираат како држава, многу поважно прашање од тоа “што се случило” е “што понатаму”?  Мислам дека е важно реално да ги согледаме вистинските резултати од овој потег на бившиот премиер, и покрај тоа што детективската приказна е поинтересна.  Јас, сепак, мислам дека, ако ги исклучиме овие скандалозни моментални фабули околу тоа дека е меѓународен заговор во кој учествувале и САД И ЕУ, дека цело МВР всушност му помагало, дека е договорено од самиот почеток, дека бил сместен во соба заедно со Елвис, и слично, кога ќе ги исфилтрираме фамата и „расипаниот телефон” по кој сме познати, ќе ни остане една доста едноставна, приземна и веќе многу пати видена здодевна приказна – осуденикот избега за да не лежи затвор, најде кој да го прибере, и од таму удира „четки” во обид да си го спаси имиџот, а инаку “баш го заболе” за вечната борба, за Македонија, за името, за сопартијците, за процесите, и воопшто, за нас.

Ungarn Mazedonien Orban mit Ex-Premierminister Gruevski in Skopje Archiv
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Какви се, всушност, последиците кои ни ги остави пребеганиот? 

Прво:  неговиот имиџ е реално девастиран. Тој никогаш повеќе, колку и да биде активен на социјалните медиуми, не може да проектира никаков друг имиџ, освен на осуден, пребеган криминалец, кој своите соборци и каузата, без да трепне ги остави на цедило за да си ја спаси кожичката.  Бадијала сите негови пораки со статуси на фејсбук, бадијала неговата мантра за продолжување на борбата.  Груевски ја заврши својата политичка кариера, па и влијание, во дијаметрално спротивна насока од онаа во која ја почна – идеалите, националниот наратив, политичките пораки – сето тоа сега се губи во жабарникот на епилогот на криминалниот азил.  Уште повеќе, тој сега, така политички “радиоактивен”, му претставува проблем и на Орбан, за кој унгарскиот премиер допрва ќе плаќа цена.  Што се вели: Орбан не знае што беља си зема.

Второ: за ВМРО ДПМНЕ бегството на Груевски ќе претставува политички катализатор за промени. Мицковски набрзо ќе заклучи (ако веќе не го сторил тоа) дека наративот за ребрендирање и чистење на партијата не оди рака под рака со „лепењето” со Груевски.  Нивното ликување за апсењето на Мијалков, нивните приказни за чисти багажи, завршена катарза, и нов почеток не се доволни ако Груевски остане почесен претседател, а Мицковски сеуште кон него се однесува со пиетет.  Набрзо, ВМРО ДПМНЕ (дел од членовите тоа го порачуваат уште сега) ќе мора Груевски да го прогласи за криминалец, предавник, отпадник и слично, и на еден релативно драматичен начин да расчисти со него.  Во основа, немаат друг избор – било какво одолговлекување во таа смисла само ќе ги направи политички неизбирливи на подолг период.

Други колумни од авторот:

-Што готват Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ

-Лубриканти за НАТО и ЕУ

-Расипувачи на забавата

Трето: за јавноста бегството на Груевски ќе претставува повик за будење и за заострување на критиката кон процесите на правна држава и надзор кон сегашната власт.  Со исклучок на неколку маргинални групи кои се восхитени од бегството, општиот вкус кај критичката јавност е горчлив.  Ваквиот сумарен пораз, и тоа во финалето на борбата за правда, ќе направат јавноста да биде покритична и помалку толерантна за власта во справувањето со криминалот, корупцијата, и воопшто испораката на правда и правна држава.

Четврто: ваквата засилена критика ќе направи институциите (судската власт, МВР) да бидат отсега многу повнимателни и посериозни во оваа борба, која досега се доживуваше на едно фасадно, козметичко ниво. Дури е возможно тоа да иницира и некакви внатрешни катарзи, промени и реформи кои секако ќе одат во правец на намалување на надворешни влијанија а засилување на независноста и интегритетот на овие органи.  Со тоа, и целиот процес на владеење на правото – и со останатите постапки кои се сега во тек, а и со идните постапки (што за претходната, што можеби, за сегашната власт) добиваат едена сосема друга насока, која, на прв поглед, изгледа подобра од онаа досега.

На крајот: бегството на Груевски има една промптна позитивна последица – тој веќе нема политичко влијание – ниту во ВМРО ДПМНЕ, ниту во јавниот живот, ниту во судството, ниту во медиумите. Така, еден од најголемите кочничари на ЕУ и НАТО интеграциите на Македонија, и еден од најголемите пропоненти на антизападното влијание сега го нема. Кога од една равенка ќе извадиш минус, резултатот за зголемува.

Далеку од тоа дека како општество треба сега да славиме што Груевски „кидна” – да не излезе да посакаме да избега уште еднаш – во таа смисла точно е дека „сѐ да се собере, пораз ќе остане”.  Но, има зраци надеж дека од ова можеме да извлечеме и некоја поука, и да се подобриме.  Иронично е што повторно Груевски е врзан за нашата последна шанса, но, ете, како што вели слоганот на едно од најпознатите кафулиња во Будимпешта – c'est la vie.