Расипувачи на забавата
26 септември 2018Фасциниран сум. Не прекинува да ме изненадува нашиот неограничен капацитет и најфер и наједноставните работи да ги комплицираме до бесвест, и притоа да ги обезвредниме со сопствениот инает. Ова особено е важно за овој референдум, зашто влогот е толку висок. Нашето општество во основа се соочува со еден едноставен избор: ќе го прифатиме ли договорот со Грција за да влеземе во НАТО и ЕУ, или не? Релативно просто, нели? Од една страна, евроатлантскиот пат и неговата цена, од друга страна, откажувањето од тој пат и таа цена. Релативно познато, нели? Од една страна придобивките на ЕУ и НАТО сосе компромисот од договорот во Преспа, од друга страна можните алтернативи и закани. Релативно веродостојно, исто така. Безбројните претставници од меѓународната заедница кои веќе мантраат: „вие треба да одлучите, ние ве каниме”. На крајот, дури и банално – во основа ние имаме избор, кој мораме да го направиме, и потоа да живееме со таа одлука. Значи, дури и ако го одбиеме, барем ферски да бидеме подготвени на цената која ќе ја платиме за тој избор. Конечно, едноставно: да или не?
„Е, не ти кажувам!“
Е, ние, на јасно, недвосмислено, едноставно, и конечно, просто, прашање, што направивме? Нашиот одговор не е резолутно „да, влегуваме”, не е дури ни машко „не, благодарам”, со подготвеност за последиците, напротив, на најферскиот избор во светот, ние велиме: „е, не ти кажувам”! Како последни тавтабити – не покажуваме капацитет да се надминеме поддржувајќи го квантниов скок напред, ниту пак барем да покажуваме трошка достоинство во неговото одбивање, не, ние не се изјаснуваме, ќе молчиме, ќе бојкотираме. Од најлошиот сој. Како оние на забава, кога ќе ве прашаат: сакате да танцувате, или не? Ако танцувате, точно, може ќе се сопнете, ама може и да ја сретнете девојката на вашиот живот. Ако не танцувате, нема ризик, но нема ни добивка. Овие, на таа забава, нема да одговорат на прашањето, не, тие ќе се сокријат зад звучниците и ќе ја исклучат струјата за на сите да им ја расипат забавата. Овие, кога некој во зорт пред тоалет ќе ги праша „ќе влегувате или не ”, велат „ич да не ти е гајле”. Овие, кога на компјутерот ќе им појави прозорче „да го снимам фајлот или да го избришам”, кликнуваат на „Cancel”. Притоа, стискајќи „Cancel”, дилемата не е разрешена, и додека не изберете едно или друго, не можете ни да го исклучите компјутерот.
Невалиден цензус
Токму по оваа аналогија, важно е оние кои сметаат дека бојкотирањето успешно ќе им ја расипе забавата на останатите, да знаат дека грешат. Цензусот на кој се надеваат како механизам за растурање на приказната, тешко дека ќе функционира, од повеќе реални причини.
Претходни колумни од авторот:
Мицкоски има став дека нема став
Прво, цензусот не е демократски аршин за ваков вид референдуми. И, да не се расправаме, не, не е. Венецијанската комисија, светскиот авторитет за референдуми, јасно порачува: да се избегнува наметнувањето цензус на одлучувачки референдуми, зашто поради спецификите на референдумското изјаснување, цензусот дозволува малцинството, бојкотирајќи, да не му дозволи на реалното мнозинство да одлучи. Но, чекај, на нашиве токму тоа им е и поентата, нели?
Второ, цензусот не е валиден. Се базира на бројки стари 20 години, без попис, без реална проценка колку луѓе реално живеат во Македонија. Најточните бројки, на Светската банка, и на Државниот завод за статистика, велат дека најмалку 400.000 (четиристотини илјади) граѓани во меѓувреме се иселени, а реалните бројки се најверојатно уште поголеми. Ние сега, треба да се правиме слепи и намерно да ги игнорираме фактите за реалното население, велејќи „ич не ми е гајле до утре сабајле”, само за да го зезнеме мнозинството од присутните, за да не може да се донесе одлука за која очигледно дека мнозинството е „за”. Но, чекај, на нашиве токму тоа им е поентата, нели?
На референдумот ќе одлучуваат оние кои ќе излезат
Трето, бојкотирањето не е победа. Дури и да не се постигне цензус, математиката ќе биде едноставна: на сите избори во Македонија просечно гласаат нешто над еден милион гласачи, односно тоа е корпусот гласови кој одлучува за власт, парламент, војна и мир, практично за сѐ. Доколку барем 600,000 гласачи на претстојниот референдум гласаат „за”, без оглед колку останале дома, тоа математички значи дека и кога сите останати до 1 милион би излегле и би гласале против, кампот „за” сепак би победил. Така, седењето дома не го крие гласот, и не, тоа никако нема да може да се претстави како победа на оние чиј став, по нивна вина, не го знаеме. Вака или онака, на референдумот ќе одлучуваат оние кои ќе излезат.
На крајот, цензусот нема да послужи ни како добар изговор. Недостатокот на цензус нема да ја спаси ВМРО ДПМНЕ од притисок за одлука. Без оглед на техничкиот епилог на референдумот, политички, тој ќе биде резолутна победа на кампот „за”. Тој ќе биде катарза и јасна порака на мнозинството дека сакаат да го прифатат Преспанскиот договор како влог за влез во евроатлантските клубови. Таа политичка порака потоа веднаш ќе се пренесе како притисок кон ВМРО ДПМНЕ за гласање во парламентот. Никаква мантра за цензус, за техничка успешност, за бројки, нема да ги спаси од неизбежниот факт дека мнозинството сака напред. Ако не го послушаат, без оглед на изговорите, цената ќе ги стигне на еден или на друг начин.
Конечно, цензусот како аргумент не е фер. Суштински, исконски. Не е во ред, саботерите, расипувачите на забавата, да ја одлучуваат судбината на сите. Не е фер, малцинството, со трик, да ја фалсификува волјата на мнозинството, зашто дури немаат ни храброст да кажат „не”. Па немојте бе дечки. Дајте еднаш во животот да имаме став кој не е полн со инает, со пасивна агресивност, со витриол. За нас се работи. Изборот е едноставен, дајте да одговориме барем ферски. Ако сме „за”, да биде „за” со алал. Ако сме против, чесно да им кажеме на луѓето „не благодарам“ и да си бараме друго чаре. Аман немојте на најважното прашање во нашава историја одговорот да ни се сведе на „е, не ти кажувам”!