1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петрич: Заев како пример за Вучиќ и Тачи

6 септември 2018

Во интервјуто посветено на идејата за решавање на српско-косовскиот проблем преку промена на границите австрискиот дипломат Волфганг Петрич вели дека тоа треба да се разгледа зашто предлогот потекнува од самиот регион.

https://p.dw.com/p/34LUV
Wolfgang Petritsch, österreichischer Diplomat und Politiker
Фотографија: DW/A. Feilcke

ДВ: Господине Петрич, Вие на почетокот на годината за ДВ речиси прв проговоривте за промени на граници и со тоа ги прекршивте табуата. Зошто?

Волфган Петрич: Навистина за време на многу години колку што ЕУ го модерира дијалогот меѓу Белград и Приштина се разгледувани различни варијанти и сѐ на сѐ секогаш се водеше сметка за принципот дека границите не треба да се менуваат. Очигледно годинава за време на дијалогот во Брисел се разви нова ситуација и тогаш протече дека овие два претседатели изгледа размислуваат за размена на територии. И мојот прв рефлекс беше дека тоа противречи на долгогодишниот пронцип.

Од друга страна имам впечаток оти за првпат во историјата на Балканот има обид границите да не се менуваат со крв, оружје и еднострано туку по мирен пат, со преговори и со барање компромис. Тоа ме мотивираше да се заложам ЕУ добро да го разгледа таквиот предлог. Морам да кажам дека не ги знам деталите. Зошто? Бидејќи сметам оти тука се работи за нешто што баравме со години во регионот, пред се’ со мојот „ ownership“ принцип во БиХ: тоа е ваша земја, гледајте само да ги решите проблемите. Од Босна знаеме дека ортодоксните решнија не функционираат.

Германските медиуми пренесуваат оти адвокатската канцеларија „Лански, Ганцгер и партнерите“ за која работите во Вена добива пари од српската влада за советување. Затоа постои отпор на Косово...

Тоа е недоразбирање. Канцеларијата е задолжена за пристапниот процес во ЕУ, за правните аспекти на разни поглавја. Тука се работи за вообичаена помош, информации, обука на правни стручњаци, анализа на европското право и како да се вгради во домашното право. Значи за многу технички работи. Мојата канцеларија во суштина е тука на правниците да им ја приближи и политичката позадина.

Вчера во берлинскиот „Тагесцајтунг“ дури е напишано дека зад тоа стојат руски сили кои преку Вас го забрзуваат овој процес во насока за размена на територии.

Тоа е многу интересно и покажува колку е голема конфузијата. На пример, ако дојде до размена на територии, тоа подразбира оти Србија го признава Косово. Бидејќи, само со меѓународно-правно признат партнер може да се заклучи договор. Значи, непознато ми е каква врска имаат Русите со тоа.

Wolfgang Petritsch, österreichischer Diplomat und Politiker
Фотографија: DW/A. Feilcke

Што ќе се случува натаму?

Верувам дека ќе се мерат предностите и мааните. Мене пред сѐ ми е важно директно погодените, граѓаните и граѓанките од двете страни на границата да бидат вклучени во процесот. Тука мислам на референдуми, секако и на парламентите, значи да се води сметка за демократскиот процес. И тука имам голема доверба во ЕУ дека ќе води сметка за тоа.

Повеќе на темата:

-Нова поделба на границите на Балканот- лоша идеја

-Предупредувања од Виена: Размена на територии е опасна

-Размена на територии - враќање во Среден век

Втората работа која ја сметам за многу важна е по крвавото искуство од 90-тите да се преземат проактивни мерки за да се спречи погодените граѓани да дојдат во ситуација да мораат или да сакаат да ја напуштат својата земја, куќа, село. Секако дека тука се кријат големи ризици, но тие можат да се антиципираат.

Трета работа е оти со решението, без разлика како ќе изгледа на крајот, ќе се реши последниот голем историски конфликт на територијата на поранешна Југославија, конфликтот меѓу Србите и Албанците. Тоа би бил да се каже почеток на позитивна иднина.

Противниците на промена на границата изнесуваат два силни аргумента: прво, не би требало да се оди на повлекување на границите по етнички принцип и второ, дека се има страв од домино-ефект. Што велите на тоа?

Тоа се сосема разбирливи грижи бидејќи границите досега се менуваа со крв. Тоа секако мора да се спречи. А со овој предлог таа опасност ќе биде отстранета. Што се однесува до второто, неодамна заедно со арбитражата меѓу Словенија и Хрватска е одлучено, на пример, некои села во Словенија каде живеат Хрвати да преминат во Хрватска. Ако Хрватска би ја прифатила арбитражата, дали со тоа селата по етнички критериум би ја променила земјата. Зошто некој би се возбудувал за тоа?

На Косово сепак се некои други димензии во прашање...

Принципот дека границите се подложни на промени беше на големо добредојден во 2008 година кога Косово еднострано прогласи независност и веднаш беше признаено од поголемиот број држави во ЕУ иако тоа е спротивно на Резолуцијата 1244.

Отпор за овој предлог нема само во рамките на ЕУ туку и на Косово. Дали се во право оние кои таму тврдат оти Косово би било губитник?

Не! Имам целосна почит за протестите, ако тие сакаат да кажат: не сакаме да заокружиме за дрржавност и да влеземе во ОН така што ќе ја поднесеме оваа жртва според старите етнички критериуми туку сакаме Косово да остане во денешните граници. Тоа е легитимно.

Дури можеби тоа повеќе би одговарало на тоа за кое се залага Европа. Но, работата е едноставно таква и очигледно ЕУ и Могерини разгледуваат и други опции. Мене ми е важно и тие други опции сериозно да се разгледаат.

Во петок се состануваат Тачи, Вучиќ и Могерини. Што очекувате?

Објаснување. Могерини тука во Виена пред новинарите рече дека смета на решение можеби до крајот на годината. Мислам дека тоа е оптимистично, но ја поздравувам таквата најава. Мораме да промислиме во какви регионални, европски и глобални околности се одвива оваа работа. Ситуацијата на Балканот драматично се промени на многу начини. Во 90-те години таму беа два големи актера, Американците и Европејците. Американците се во повлекување. Европејците, како што знаеме, во последните 10 години не блескаа.

Во меѓувреме, Кина гради пат на свилата преку Балканот. Русија е економски и се разбира политички многу активна во деструктивна смисла. Турција е третиот важен играч со својата османлиска политика, а тука треба да се додадат земјите од Персискиот залив, кои инвестираат стотици милиони, не само во БиХ, туку и во Србија. Немам јас ништо против Кина да инвестира, но важно ми е тоа да се случува во согласност со европските правила- транспарантно, без корупција итн. Ако не се занимаваме со тоа, бидејќи со години сме преокупирани со проблеми како Косово, тогаш само можам да кажам дека е подобро тој проблем што побргу да го решиме. Овде имаме двајца претседатели кои сакаат решение. Можеби Могерини или Меркел или оние кои критикуваат можат да ги убедат двајцата да најдат подобро решение. Но важно е сега навистина да се расправа и да се најде најдобро можно решение, за да се премине на вистинските проблеми на Балканот.

... и тоа без табуа?

Тоа едноставно е неопходно, иако знам дека е невообичаено. Се повторуваат формулации за тоа што сѐ се случувало пред 20 години. Сето тоа е точно и добро е да имаме историско паметење. Но постојат и сегашност и иднина и, изненадувачки, има повеќе политичари на Балканот кои размислуваат за сопствени решенија. Го имате на пример премиерот Заев. 26 години Европејците фушерајски работеа на тоа и ништо не излезе. Тогаш беше избран Заев, и тој се договори најнапред со Бугарите, така да кажеме со вечните непријатели, и склучи спогодба со нив. Потоа тој се позанимава со Грците, има добра комуникација со Ципрас. И да се надеваме дека со септемврискиот референдум ќе има конечно решение. Сега имаме уште двајца претседатели од регионот и тие имаат предлог. Можеби е лош, можеби во него има нешто, но во секој случај доаѓа од лице место.

Ако во петок се зборува за тоа решение, каква временска рамка очекувате?

Видете, сегашната Европска комисија има ограничен рок на траење и тоа е моја најголема грижа. Би требало да се гледа до март наредната година целосно да се постави решение бидејќи потоа оваа комисија и Могерини ќе бидат минато. Ако пропадне работата и се врати на нула, ви гарантирам дека новата комисија и наследникот на Могерини нема да се занимаваат со ова. Па и зошто, ако претходникот не успеал?

Ви гарантирам и оти односот на силите во Европскиот парламент ќе биде поинаков, десничарските популисти значително ќе се засилат. А нив, знаеме, ги поддржува Русија. Така сигурно нема да дојде до решение кое го посакуваме.