Персонална сложувалка на ЕУ-самитот
20 јуни 2019Темни облаци се надвиснати деновиве над Брисел и секако и врз зградата „Европа“- седиштето на Советот на ЕУ каде што денеска попладне шефовите на држави и влади ќе се сретнат на редовен самит. „Потребна е вистинска летна бура за да може да се види нешто во маглата“, вели искусен ЕУ-дипломат на маргините на еден од многуте брифинзи и неформални разговори, коишто се случуваат пред самитот.
Но никој не знае точно како да се расчисти маглата околу најважната тема – избор на кадри за највисоките позиции на ЕУ. По изборите за Европски парламент на крајот на мај, треба да се пополнат пет позиции: Претседател или претседателка на Европската комисија, на Советот на ЕУ, на Европскиот парламент и на Европската централна банка. Освен тоа, треба да се избере и специјален претставник за надворешна политика, кој е еден вид Министер за надворешни работи. На последниот самит пред три и пол недели, само два дена по изборите, беше одлучено само дека најмалку две места треба да им бидат доделени на жени.
Тешка потрага по мнозинство
За да се изберат водечките позиции потребно е единство меѓу 28-те шефови на држави и влади во Советот на ЕУ и мнозинство во неодамна избраниот Европски парламент. Новите пратенички групи во Парламентот сѐ уште немаат постигнато договор за тоа кој од нивните „врвни кандидати“ ќе биде идниот претседател на Европската комисија.
Досега најголемите блокови во Европскиот парламент - демохристијаните и социјалдемократите се видно ослабени на последните европски избори. Либералите, Зелените и десните популисти се засилени. За стабилно мнозинство е потребна соработка меѓу првите четири групи, за никој да не коалицира со десните популисти. Христијанските демократи кои се сѐ уште најсилната фракција, инсистираат шефот на пратеничката група Манфред Вебер од германската ЦСУ, да биде идниот претседател на ЕК. Тоа не само што го одбиваат другите партии во парламентот, туку против се и некои шефови на држави и влади во Советот на Европа. Советот го има правото да ги предлага кандидатите, и без нивната номинација Парламентот не може да гласа за никого.
Поради тоа, веќе три недели течат интензивни прелиминарни преговори меѓу пратеничките во Парламентот, партиите и Советот. Притоа удираат „молњи и громови“, исто како што е времето надвор во жешките летни денови во Брисел но, „процесот сѐ уште не резултираше во компромис“, вели високо рангираниот дипломат кој сака да остане анонимен. Токму затоа, овој четврток на Самитот на врвот нема да има решение за петте места, бидејќи покрај партиските, треба да се земе предвид и националната распределба внатре во ЕУ.
Ако Германија добие некакв позиција, тогаш и Французите ќе сакаат едно место. Источноевропските земји или оние од југот исто така не смеат да се чувствуваат изоставени. Мора да се пронајде баланс меѓу малите и големите, нето-плаќачите и оние кои добиваат помош. Кандидатите исто така треба да имаат добри способности и јазични вештини, како и да се запази родовата рамнотежа.
Повеќе:
ЕУ-расправија за врвните позиции
Судир на Меркел и Макрон околу идниот претседател на ЕК
Германецот Вебер сака да го наследи Јункер на чело на Европската комисија
Рок до почетокот на јули
Со оглед на тоа дека се работи за поставување особено важни темели за иднината на ЕУ, носењето на одлуката може слободно да потрае и малку подолго, вели врвен функционер на ЕУ кој работи на подготовката на самитот. „Имаме стопроцентна шанса до почеткот на јули да дојдеме до одлука", вели истиот извор.
На 2 јули Европскиот парламент на конститутивната седница ќе го избере и претседателот, односно дел од персоналнот пакет за кој може самостојно да одлучува. Ако дотогаш не е јасно кој ќе ги добие останатите функции, сложувалката не може да се состави. Можно е шефовите на држави и влади денеска да извадат и нови кандидати од ракав, на кои никој досега не сметал. Поранешниот пратеник во Европскиот парламент, Елмар Брок од ЦДУ, преку ДВ упати апел до Советот и Парламентот да се однесуваат одговорно и Европа да ја одржат способна за делување и носење одлуки. Претседател на Европската комисија, според него, би требало да биде оној кој ќе може да обезбеди мнозинство во Европскиот парламент.
„Тоа може да биде и кандидатот на втората по големина партија, но секако дека кандидатот на најголемата пратеничка група, односно победникот на изборите, има прв право да го бара тоа мнозинство.“
Со други зборови: ако демохристијанинот Манфред Вебер не успее да добие мнозинство, би можел на потег да биде кандидатот на Социјалдемократите, Франс Тимерманс. Можеби и либералката Маргарет Вестагер, која во кампањата не настапуваше како „врвен кандидат", но ужива поддршка од претседателот на Франција, Емануел Макрон.
И по малку заштита на климата
Актуелниот претседавач на Советот на Европа, Доналд Туск, кој наесен си заминува од таа позиција, во пресрет на самитот изјави дека разликите и натаму се големи, но постои волја да се заврши до јули. Туск најави дека ќе води и разговори со поединечни премиери за да може да се добијат ставовите околу пакетот персонални решенија. Доналд Туск потсети на тоа дека самитот треба да се занимава и со конкретни прашања како „Стратегиската агенда" на ЕУ за следните пет години. Посебна улога треба да игра климатската политика, која во неколку земји на ЕУ е повторно во фокусот на јавната дебата. ЕУ треба да се обврзе до 2050 година да работи без емисии на јаглероден диоксид, сметаат многу шефови на држави и влади. Други пак, особено во Источна Европа, имаат дилеми дали и како тоа може да успее.
Затоа изгледа дека нема да има издржани заклучоци ниту за заштитата на климата. Темата ќе се одложи. И тука, засега, ќе надвиснуваат темни облаци - се заканува и невреме.