1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Нема тргување со идентитетот

ДТЗ /ДВ
16 декември 2020

Повторувајќи ги црвените линии околу македонскиот идентитет и јазик, на традиционалното новогодишно обраќање Пендаровски изрази надеж дека и покрај бугарското вето, Северна Македонија ќе продолжи кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/3moCE
Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
Фотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

„Во целокупниот македонски политички врв и во власта и во опозицијата јас не познавам ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец. Затоа и предлагам, ова прашање да го тргнеме од дневно-политичката агенда и да не ја трошиме енергијата околу тоа“, порача претседателот Стево Пендаровски на традиционалното годишно обраќање до пратениците и јавноста, во кое ги сумираше најгорливите проблеми и предизвици со коишто се соочи земјава - пандемијата со Ковид-19, пописот како најобемна статистичка операција којашто не чека на пролет, иселувањето од земјава, како и евроинтеграциите. Повторувајќи ги црвените линии околу македонскиот идентитет и јазик, тој изрази надеж дека и наспроти бугарското вето, не треба да има никаква дилема дека Северна Македонија ќе продолжи кон Европската Унија. 

- повеќе на темата: Бугарско вето во ЕУ: Има ли надеж за пробив?

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го дочекаа годишното обраќање на шефот на државата во Собранието со транспаренти на кои пишуваше „Идентитетот се продава“, „Заев: Стево е неискусен политичар“, „Не е мој претседател“, по што ја напуштија салата без да ги слушнат неговите пораки.

Која е цената за влез во ЕУ

„Членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите. За таквиот предлог дури нема потреба да се распишува референдум – затоа што резултатот ќе биде однапред познат“, дециден е претседателот. Во однос на иницијативите за лидерска средба во контекст на спорот со Бугарија, Пендаровски смета дека таквиот вонинституционален формат на средби, треба да се напушти бидејќи се замена за институциите кога тие немаат полн легалитет и легитимитет. Тој не гледа потреба ниту за свикување посебна седница на парламентот, затоа што ниту еден парламентарен политички субјект не го спори идентитетот на македонскиот народ и јазик. 

-повеќе на темата: Ѓоргиев за ДВ: Има простор за подобрување и во македонските и во бугарските учебници

„За мене е несериозно во 2020 година, да се соберат сите релевантни политички партии и политичари и свечено да потпишат дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик!?“, вели претседателот и додава: „Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари нема право да се договара или преговара за тие прашања, и денес и во иднина, затоа што нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава во 1944 година“.

Nordmazedonien und EU
Претседателот оценува дека ЕУ е далеку од совршена, но алтернативата на овој европски пат e да вегетираме со низок животен стандардФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Претседателот оценува дека ЕУ е далеку од совршена, но алтернативата на овој европски пат, според него е, „да вегетираме со низок животен стандард наместо да го живееме животот, да ја губиме енергијата во историски спорови, да се гушиме во национализми, да отвориме простор за авторитарни тенденции, и да ги броиме младите кои заминуваат“. А, голем дел од граѓаните не би сакале да видат ваков развој на настаните.

Пандемијата како предизвик

Пандемијата, вели претседателот, требаше да биде момент на отрезнување за сите во државата и да доведе до сплотување на нацијата соочена со непознатиот противник, без оглед на сосема легитимните политички, етнички и човечки разлики меѓу нас. Во еден дел таа го постигна тоа, меѓутоа, за жал, во другиот, ги засили постоечките антагонизми, го зголеми јазот на поделби во општеството и исфрли на површина институционални слабости, што сè заедно, покрај здравствената и политичка криза, ја поткопа и економијата, која кон крајот на годинава и официјално влезе во рецесија. Пендаровски во своето годишно обраќање им оддаде почит со едноминутен молк на 2.169 сограѓани кои, за жал, ја загубија битката со вирусот. Тој им изрази благодарност на лекарите, на медицинскиот персонал и на сите граѓани кои се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата.

-повеќе на темата: Во што веруваат Македонците: „Не“ за вакцина против Ковид-19, „Да“ за теории на заговор

Тој оценува дека нè очекува нов бран на негативни кампањи кои ќе ги обесхрабруваат луѓето да се вакцинираат преку ширење теории на заговор на социјалните мрежи. „Не смееме да дозволиме во 21 век за вакви сериозни прашања, полуписмени шарлатани и надрилекари да доминираат над најголемите научни имиња и институти кои во изминативе два века, од појавата на првите вакцини, спасија милиони човечки животи“, истакна тој осврнувајќи се на пандемијата во земјава.

Иселувањето како најголема закана

„Иселувањето е една од најголемите закани за нашата национална безбедност“, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање. Според него, решението е час поскоро, со натпартиски консензус да се усвои стратегија за справување со овој огромен проблем. 

- повеќе на темата: Попис по нов метод, но со стари дилеми

„За ова, сите партии и политичари имаме идентичен став затоа што се иселува нашата младост, независно од етничката или партиска припадност. Неповратно заминува паметта, енергијата и креативноста на цели генерации кои имаат огромен потенцијал да ја направат својата земја пристојно место за живеење“, вели тој. По случајот во кој беше инволвиран првиот човек на некогашното СЈО, оценката е дека граѓаните како уште повеќе да изгубија надеж дека правдата и борбата против корупцијата се возможни. Претседателот смета дека обврска на политичарите е да ја вратат надежта правдата е достижна и дека нема недопирливи.

Mazedonien Zensus Statistisches Amt
Пописот не се перцепира како статистичка, туку, како класична политичка операцијаФотографија: Petr Stojanovski

Во однос на предлог–законот за попис околу кој подолг временски период наназад постојат дијаметрално спротивставени ставови, тој оценува дека проблемот е што пописот не се перцепира како статистичка, туку, како класична политичка операција. Тој апелира до власта да ги вгради во текстот сите највисоки статистички стандарди на Еуростат и сите конструктивни предлози на опозицијата за да се добијат валидни резултати чија кредибилност нема никој да ја оспорува.