Пеколот на Азовстал
19 мај 2022Лидија беше евакуирана од челичарницата Азовстал, која со недели беше гранатирана од руската армија. Таа не сака да го открие местото каде сега се наоѓа или вистинското име, бидејќи се плаши за нејзините родители кои сѐ уште се во Мариупол. Во првите неколку дена по пристигнувањето на безбедно место во Украина, таа била дезориентирана, исплашена и запрепастена. Дури една недела подоцна таа беше подготвена да разговара. Нејзиното лице е уморно и бледо. Постојаниот страв во нејзините очи исчезнува само кога Лидија раскажува како била пречекана на крајната дестинацијата на конвојот за евакуација.
ДВ: Како влеговте во Азовстал и колку време бевте таму?
Лидија: Работев во оваа фабрика и знаев дека таму има специјално опремено засолниште од воздушни напади. На 6 март, кога гранатирањето на градот стана неподносливо, јас и мојот сопруг решивме да се засолниме во еден од подрумите на фабриката. Знаев дека таму е побезбедно. Мислевме дека ќе бидеме таму само неколку дена, но останавме два месеца.
Колку луѓе се засолнија таму од гранатирањето?
Тешко е да се каже, никој веќе не броеше во последните неколку недели. На почетокот бевме околу 30, но имаше луѓе кои доаѓаа и заминуваа. Во еден момент бевме околу 47, но бројот постојано се менуваше. Пред евакуацијата едноставно никој не можеше да изброи колку луѓе има таму.
Според украинските власти, фабриката за челик Азовстал била постојано гранатирана. Дали беше возможно да се напушти бункерот накусо?
Отпрвин можевме подолго да остануваме на свеж воздух, но како што се зголемуваше гранатирањето, излегувавме само да готвиме на отворен оган. На крајот бевме само под земја. Таму има тунел каде што готвевме. Од некаде 20 април воопшто не се качивме горе. Не бевме излезени надвор две недели.
Од каде добивавте храна?
Во бункерот имаше залихи кои управата специјално ги ставила таму. Но, не беа многу - само за неколку дена. Овој бункер е изграден во 1960-тите години, кога никој не мислел дека луѓето таму ќе се задржат долго. Имаше конзерви, вода, бисквити и конзервирано месо. Го делевме и од него правевме супи. На почетокот, луѓето кои доаѓаа носеа храна, ќебиња и топла облека. Но, не сите ја споделуваа својата храна. Некои јадеа под покривка. Луѓето се различни.
Каква помош им пружаше украинската војска на луѓето што беа таму? Руската пропаганда тврди дека тие насилно држеле луѓе таму.
Не, јас и мојот сопруг повеќепати го напуштивме бункерот и се враќавме кога можеше. Но, кога почнаа тешките воздушни напади, моравме да останеме во бункерот. Понекогаш доаѓаше војската и им носеше слатки на децата. Ни велеа дека секако можеме да излеземе, но во исто време нѐ предупредуваа на силното бомбардирање.
Имаше ли болни или ранети меѓу луѓето во засолништето од воздушни напади во кое бевте? Дали некој можеше да им помогне?
Немаше повредени. Но, имаше луѓе на кои им беше потребна медицинска помош. И мене ми требаше малку. Имам крвна болест и ми требаат инјекции секој ден, но никој не можеше да ми ги даде. Имаше и луѓе на кои им требаше инсулин секој ден, а не добиваа никакви инјекции. Еден човек имаше толкава болка во раката и му потребни лекови против болки кои ги немаше. Тој врескаше цела ноќ.
Дали знаете луѓе кои доброволно заминаа во делот од Доњецк окупиран од Русија? За време на евакуацијата, дали ви беше јасно каде ќе ве одведат?
Ништо не знаевме. Нашите војници ни пријдоа и рекоа дека имаме пет минути да се спакуваме и да излеземе надвор за да се евакуираме. Секој што имаше спакуван ранец стана и си замина. Не знам кој отиде во Доњецк или во Русија. Кога надвор нѐ пречекаа претставници на ОН и на Црвениот крст, ни рекоа дека сме безбедни, дека никој нема да пука. При филтрацијата, тогаш можевме да избереме каде сакаме да одиме.
Каде точно се одвиваше филтрацијата?
Не знам. Тоа беше место во кое никогаш порано не сум била.
Што се случи за време на филтрацијата?
(Долга тишина, Лидија ја навалува главата и ги затвора очите). Нема да зборувам за тоа.
Колку долго траеше возењето од Азовстал до местото каде што бевте прифатени?
Не знам. Не можам ни приближно да кажам. Вечерта нè одвезоа од Азовстал, потоа патувавме и на полноќ бевме на филтрација. После тоа се возевме долго време.
Кој ве пречека на крајната дестинација? Дали добивте помош?
Бевме пречекани многу добро! Добивме облека и нови чевли и можевме да се измиеме. Луѓето доаѓаа кај нас и постојано ни носеа храна, производи за лична нега и други работи. Немавме апсолутно никакви проблеми. Бевме сместени во посебна просторија, во која можеше добро да се престојува и удобно да се спие.
Дали имате сместување сега? Дали сакате да одите некаде на друго место?
Сѐ уште не знам. Сè уште не разбирам целосно што се случува. Прво сакам да се одморам. Тоа е сѐ.