Во очекување на нова евакуација од Азовстал
6 мај 2022Според украински наводи вкупно околу 500 цивили се донесени на безбедно во изминатите неколку дена од украинскиот град Мариупол и тамошната челичарница, кои со недели се под опсада на руските војници . „Успеавме да евакуираме речиси 500 цивили“, изјави денеска шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак. Операцијата за евакуирање на цивилите, според Јермак, треба да продолжи и денеска.
Се очекува дека нов конвој на Обединети нации ќе ги евакуира денеска последните цивили од челичарницата Азовстал во Мариупол, последното упориште на украинскиот отпор во стратешки важното пристаниште, без никакви гаранции за прекин на огнот.
ОН денеска ќе организираат уште една евакуација од Мариупол, соопшти генералниот секретар на оваа организација, Антонио Гутереш. „Мораме да продолжиме да правиме сѐ што можеме да ги извлечеме луѓето од овој пекол“, соопшти тој.
ОН соопштија дека на луѓето кои се евакуирани од Мариупол им пружаат секаков вид поддршка, вклучувајќи и психолошка.
Повеќе: Eвакуација на првите цивили од Азовстал: Конечно на сонце
На минатонеделниот состанок со рускиот претседател Владимир Путин, Гутереш нагласи оти е исклучително важно да се овозможи доставување на хуманитарна помош и евакуација од опколените подрачја, „особено од Мариупол“.
Помошникот на генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања, Мартин Грифитс, вчера соопшти оти нов конвој тргнува кон градот, кој стана симбол за руската иванзија која започна на 24 февруари.
„Конвојот е на пат кон Азовстал каде ќе стигне утре наутро, со надеж дека ќе ги земе последните цивили од тој пекол во кој живееја толку недели и месеци и ќе ги одведе на безбедно“, рече Грифитс во Варшава.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст потврди дека е вклучен во операцијата.
Минатиот викенд околу стотина цивили го напуштија Азовстал во евакуацијата која ја организираа ОН и Црвениот крст.
Информациите за ситуацијата во целичарницата во Мариупол, каде што се наоѓаат цивили и ветерани, остануваат контрадикторни.
Повеќе: Големо понижување: Филтрациски логори и бегство од Мариупол
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, вчера во видео обраќање рече дека руските сили продолжуваат да ја напаѓаат челичарницата, покрај ветувањето на Русија за тридневен прекин на огнот кој требаше да започне вчера наутро.
Руското бомбардирање продолжува, а „цивили, жени, деца допрва треба да бидат евакуирани“, рече тој во пораката објавена на неговиот профил на Фејсбук. „Замислете го тој пекол! Таму има деца! Повеќе од два месеца непрекинато бомбардирање, смртта е постојано блиску“, додаде тој.
Рускиот претседател, Владимир Путин, вчера пак истакна оти „руската војска и натаму е подготвена да обезбеди евакуација на цивилите“ од Азовстал, кои би можеле да бидат уште 200, заробени во комплексот со украинските борци.
Портпаролот на Кремљ, Димитри Песков, изјави дека руската војска го почитува прекинот на огнот околу фабриката и оти хуманитарните коридори околу Азовстал „финкционираат“.
Ова го демантираа украинските војници, а заменикот на полкот Азов, кој ги брани погоните, Свјатослав Паламар, рече оти во челичарницата се водат „крвави борби“ и дека Русите не се придржуваат кон ветувањето за примирје.
.