1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите ловат гласови, а „синиот кит“ - деца

17 април 2019

Социјалните мрежи и современите комуникациски алатки колку што носат технолошки напредок, уште повеќе носат стрес! Страдаат млади и ранливи категории, кои се чувствуваат запоставени.

https://p.dw.com/p/3GwDF
Blue whale challenge
Фотографија: picture-alliance/PHOTOPQR/L'ALSACE/MAXPPP

Додека течат последните денови од изборната кампања пред првиот круг од претседателските избори, под напливот на политички вести го губат значењето прашањата кои го засегаат секојдневието на граѓаните. А тоа открива дека социјалните мрежи и современите комуникациски алатки, колку што носат технолошки напредок, уште повеќе носат - стрес! 

Веста дека ученици од битолското ОУ „Коле Канински“ се самоповредувале, најверојатно како резултат на инструкции од играта „Синиот кит“, покажа дека некои од родителите воопшто немаат контрола за какви цели нивните деца ги користат комуникациските алатки, игри и апликации. Информацијата стигна најпрво од раководството на училиштето, кое ги презело сите можни чекори да се заштитат учениците. Засечувањето на рацете, како и промената во однесувањето од мирно во агресивно, биле сигналите кои го вклучиле алармот за вакви активности кај некои ученици. Тие се случувале надвор од училиштето, но очигледно и надвор од контролата на родителите, по што директорот на училиштето до надлежните доставил барање за постапување.

Повеќе: Студија: 100.000 деца и млади се зависници од социјални мрежи

Координирана помош

Во СВР Битола од здравствените установи во градот добиле известување дека до вчера не била побарана интервенција за деца поради нивно самоповредување. Тоа и не е за изненадување, со оглед на информациите од училиштето кои говорат дека ваквото однесување започнало пред крајот на минатата година и дека трагите од засечувањето веќе се зараснати, но видливи.

Откако случајот е обелоденет, во Центарот за социјални работи еден родител побарал помош за детето кое се обидело да се самоповреди на раката лани во декември, но и родители чие дете си нанело повреда, наводно, минатата недела. Во моментов се преземаат  активности и координирано постапување на педагошки и психолошки служби на училиштата, центарот за социјални грижи и здравствените институции.

Играта „Синиот кит“ која од 2017 година се прошири во балканските земји, заврши со неколку случаи на самоубиства на малолетници во регионот. Опишана е како опасна игра која се игра во затворени групи, а главна мета се млади и ранливи луѓе подложни на манипулации, но и оние кои се чувствуваат запоставени. Преку играта тие добиваат чувство дека некој сепак „ги забележал“, дека имаат друштво, но задачите кои ги добиваат може да имаат фатален крај. Децата прво се предупредуваат дека мора да ги следат задачите зададени преку интернет и како доказ за тоа да испратат фотографија од извршената задача. Почнува со гледање хорор филмови, продолжува преку задачи за различни форми на самоповредување, па сѐ до самоубиство. Доколку се откажат од играта, децата стануваат жртви на постојани заканувачки пораки.

Во повеќе европски држави веќе функционираат едукативни центри во кои младите се одвикнуваат од видео игри и од зависност од социјалните мрежи, а истите заложби се инкорпорирани и воспитно-образовниот процес.

Blue Whale Challenge
Фотографија: picture-alliance/PHOTOPQR/NICE MATIN/MAXPPP

Без лиценца

Динамичниот начин на живот и битката за егзистенција, сѐ повеќе ги оставаат децата надвор од „радарот“ на родителите. Според психолозите, родителите мора да имаат постојан увид колку време и какви активности имаат нивните деца на социјалните мрежи. Треба да постојано да разговараат со нив, да знаат како го поминуваат времето, дали се соочуваат со одредени проблеми, да забележат дали има разлика во нивното однесување, на што се должи таа, и ако треба - да побараат стручна помош.

Повеќе:Човештината како основен идентитет

Но, и на тој план работите се на лизгав терен, ако се има предвид дека голем број психолози вршат психолошка дејност без лиценца. Тоа се покажа и во случајот со психологот кој минатата недела на Фејсбук објави навредлив коментар кон децата со Даунов синдром. Тој немал важечка дозвола, односно обновена лиценца, соопшти Комората на психолози.

„Согласно реакциите на јавноста по јавната објава на социјалните мрежи од страна на психологот Ј.Х., Комората на психолози по одржаниот итен состанок на Управениот одбор информира дека на психологот Ј.Х. му е истечена важноста на лиценцата од 15.02.2018 год, за истата нема поднесено Барање за обнова на лиценцата и со тоа не е член на Комората. Телата на Комората немаат надлежност да поведат постапка за запазување на етичноста во постапките на психолози кои не се лиценцирани. Очекуваме наскоро надлежните институции да ја усогласат законската регулатива со Законот за вршење на психолошка дејност. Со тоа ќе се овозможи сите психолози кои вршат психолошка дејност на територијата на нашава држава да бидат лиценцирани членови на Комората и да се воспостави Единствен регистар на психолози кои вршат психолошка дејност“, велат од Комората.

Нелиценцираните психолози, согласно со Законот за вршење на психолошка дејност, не смеат да вршат психолошка дејност, ниту во државни институции ниту во приватни организации.