„Паразит“ и непријатната вистина за Јужна Кореја
11 февруари 2020Без дилема, меѓународните признанија за „Паразит“ кој ја освои и престижната Златна палма на филмскиот фестивал во Кан во мај, го акцентираат подемот на Јужна Кореја како глобална културна сила, резултат на повеќедеценискиот фокус на изградба на индустрија од светска класа во една од најенергичните демократии во Азија.
Но филмот исто така открива и една непријатна вистина: Иако националниот успех е спектакуларен, од подемот на Самсунг како глобален економски гигант до експлозијата на Кеј-поп музиката во Азија и пошироко, многу Јужнокорејци знаат дека успехот има и темна страна. Пред само неколку години, режисерот Бонг Џун Хо беше ставен на црна листа на владата, а ликовите во филмот одразуваат општество во кое многумина чувствуваат длабока безнадежност.
Брзиот развој на Јужна Кореја од уништувањето во војната 1950-1953 донесе и крвава транзиција од диктатура во демократија. Нејзината асоцијација со модерни смартфони и автомобили е обременета со постојана закана од нуклеарната закана од Северна Кореја. Секој меѓународен успех е придружен од загриженоста дека Јужна Кореја засекогаш ќе остане во сенка на регионалните гиганти Русија, Кина и Јапонија.
Јужнокорејскиот претседател Мун Јае-Ин, кој редовно го фали мегапопуларниот Кеј-поп детски бенд БТС, твитна дека му е благодарен на Бонг што „им дал охрабрување и гордост на нашите луѓе кои минуваат низ потешкотии“.
Но главните ликови во „Паразит“ ги портретираат Јужнокорејците кои страдаат во драматичните промени во земјата. Тој е остар коментар на се подлабоката нееднаквост и други проблеми кои натераа многу млади и сиромашни луѓе да ги опишуваат своите животи како пеколен кошмар.
Јужна Кореја има еден од најголемите јазови меѓу богатите и сиромашните меѓу развиените нации и се мачи да излезе на крај со опаѓачкиот пазар на труд, брзо растечките цени за домување и рекордно нискиот наталитет.
Иако се работи за автентично корејски филм, црната комедија на Бонг за сиромаштијата и работничката класа има силен одек и во западните општества затоа што и тие се соочуваат со слични социјални и економски проблеми, иако не толку екстремни како во Јужна Кореја, вели познатиот корејски културен критичар Чин Јунг- Квон.
„Филмот покажува дека Јужна Кореја се уште има силна порака да му испрати на светот“, вели Чин.
Иако Бонг е уникатно талентиран како режисер, беше прашање на време пред филмовите од Јужна Кореја и другите поп-културни производи да се здобијат со признание од Западот, имајќи ја во предвид динамичната културна сцена во земјата, која израсна заедно со нејзината демократија, објаснува Чин.
Кеј-попот веќе има огромно меѓународно влијание, а голем дел од фановите доаѓаат од САД. Бендот БТС минатата година стана првата музичка група по Битлси која имала три албуми едноподруго на врвот на Билборд листата во помалку од една година. Јужнокорејските ТВ драми имаат огромен успех во Азија и на Блискиот исток.
Веројатно најмногу од сите жанрови, јужнокорејските филмови агресивно ги тестираат уметничките граници со неверојатни визуелни ефекти и насилство кое има за цел да ја разоткрие темната страна на економскиот успех на земјата. Тоа понекогаш предизвикува и политички последици за уметниците.
Бонг беше еден од илјадниците уметници кои беа ставени на црната листа и не можеше да добива владини фондови во времето на претседателката Парк Геун-Хје поради неговите наводни критички ставови за нејзината администрација. Откако милиони луѓе излегоа на протести против неа, Парк беше сменета од функцијата и сега е на отслужување на 25-годишна затворска казна поради корупција.
Не беа сите задоволни ниту од портретирањето на ликовите од страна на Бонг во „Паразит“- приказна за четиричлено невработено семејство кое живее во слам.
Критичарот Ким Гју-Ханг го обвини Бонг дека ги објективизирал сиромашните луѓе и ги третирал нивните животи како „патеписна атракција“, оценувајќи дека филмот не прави вистински обид да објасни како системот ги заклучил ликовите во очајно безнадежна ситуација.
„Паразит не нуди длабок поглед во луѓето, нивниот бес или тоа зошто се нус-производ на социјалниот систем кој ги опкружува“, вели Ким.
И други корејски филмови во минатото постигнуваа успеси на меѓународната сцена, но ниту еден не отиде толку далеку како „Паразит“- со четири Оскари.
„Секое општество во светот искусува конфликти предизвикани од обидите на луѓето да се искачат на социјалното скалило, а јужнокорејските филмови го третираат овој проблем веќе долго“, вели филмскиот режисер Ли Јанг-Хо.
„Можеби црниот хумор на Бонг и неговите живописни описи на животот на сиромашните во Јужна Кореја, вклучително и нивните ’полуподрумски“ животни простори, им делуваа освежувачки на американските филмофили“, вели Ли.