Панчевски смета дека нема причина за кривична против него!
2 ноември 2016Судијата Иван Џолев од Основниот суд Скопје 1 соопшти дека поднел кривична пријава против судија од истиот суд, „за кривично дело поврзано со вилијание врз судија, со цел да преземе одделни незаконити дејствија поради влијание“. Тој испрати соопштение со цел да ја информира јавноста за преземената постапка.
„Поради сензитивноста на ситуацијата, нема да го откријам идентитетот, ниту пак ќе ги кажам иницијалите на судијата против кој ја поднесувам кривичната пријава. Сепак, сметам дека е потребно јавноста да ја запознаам со тоа дека поднесената кривична пријава се однесува за кривично дело поврзано со вилијание врз судија, за да преземе одделни незаконити дејствија“, се вели во соопштението од судијата Џолев.
Во него тој додава дека настапува како граѓанин и судија на Кривичниот суд, кој се залага за владеење на правото и правната држава, а во смисла на членот 103 од Судскиот деловник.
„Верувам дека Јавното обвинителство сериозно ќе ја разгледа кривичната пријава и во најбрз можен рок ќе преземе процесни дејствија во врска пријавата. Верувам и во судството и во Кривичниот суд, во моите колеги и верувам дека овој преседан, односно исклучок, само ќе потврди дека судиите во овој суд судат согласно законите и се залагаат за владеење на правото“, вели судијата Џолев на крајот од соопштението.
Судии од Основниот суд Скопје 1 велат дека не слушнале за кривичната пријава, но сметаат дека ако имало влијание врз судија „тоа мора да било од повисока инстанца, а во таков случај не е тешко да се претпостави од каде дошло - од претседателот на судот“.
За ваквите шпекулации Дојче веле побара коментар од претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски.
„Во однос на кривичната пријава и сите информации поврзани со истата, ве упатувам да се обратите до надлежната институција пред која е поднесена кривичната пријава. Што се однесува до шпекулациите дека пријавата може да е против мене како претседател, немам коментар на истото, освен што сметам дека не постои посебна причина за такво нешто, но тоа е право на секој што смета дека му е извршено некакво кривично дело или е жртва на кривично дело“, изјави за Дојче веле, претседателот на Кривичниот суд.
Подолг период од судски кругови доаѓаат информации дека има разни докази за притисоци врз судии со наложување како да постапуваат по одредени предмети. Меѓу таквите докази наводно имало дури и писмени инструкции, во кои било наведено како треба да гласи судската одлука. Дали е ова еден од тие случаи, треба да покаже натамошната постапка.