Се стега обрачот околу политичките емисари во судството
17 јуни 2016Разни докази за притисоци врз судии со наложување како да постапуваат по барањата на Специјалното јавно обвинителство, наскоро ќе посведочат кој и како ја опструирал неговата работата и како го компромитирал судот. Како што дознава Дојче веле, меѓу доказите имало дури и писмени инструкции, во кои било наведено како треба да гласи судската одлука. Според информациите, дефинитивно се стега обрачот околу лице/лица во судството, кои наместо да се залагаат за независно постапување на судиите, најдиректно спроведувале политички нарачки, со цел да заштитат некои од лицата осомничени во предметите на СЈО.
„Не мора да сте судија, за да знаете што се случува во однос на некои предмети, a во кои се инволвирани звучни имиња. Некои одлуки целосно ги демаскираат состојбите и навестуваат 'од каде дувал ветрот'. Но, не ќе може до бесконечност да се вршат такви влијанија. Веројатно, ова се последните грчевити обиди за нечија заштита и за купување време, односно пролонгирање на состојбите“, велат во судски кругови. Тие немаат дилема по прашањето од која „адреса“ во Судот доаѓаат налозите и притисоците.
Ист предмет, различни одлуки
„Температурата“ најмногу ја крена одлуката на Кривичниот суд да го одбие барањето на СЈО за мерка притвор за началникот на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, како и мерките за претпазливост за другите четворица осомничени во предметот „Тврдина“. Апсурдот е што за еден ист предмет Судот донесе две различни одлуки. За Грујевски пред два месеца веќе беше одредена мерка притвор, но беше ослободен по одлуката за аболиција. Што се сменило, за да се смени и одлуката - прашуваат правните експерти. Разликата е само во тоа што сега одлучувал друг судија. Претходно одлуката за притвор ја донесе судијата Јован Лазаревски, а сега одлуката за отфрлање на притворот ја донесе судијката Александра Поп Стефанија. Таа ја стави под прашање и надлежноста на СЈО врз предметот „Тврдина“ и им побара снимка од прислушуван разговор за да ја докажат надлежноста врз тој случај. Според правните експерти, Кривичниот суд не е тој што одлучува за надлежноста на СЈО, а апсурдно е како доказ да бара аудио-снимки, за кои веќе се изјасни дека не ги признава како докази.
СЈО ги обжали одлуките на Судот, со обемна аргументација за воспоставената надлежност врз предметот.
Од друга страна, претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, изјави дека по судски утврдената ненадлежност на СЈО за предметот „Тврдина“, сега треба да се одлучи кое обвинителство ќе го истражува тој случај. Правните експерти во оваа изјава препознаа намера случајот да му се одземе на Специјалното и да му се даде на Основното јавно обвинителство, каде ќе добие „заштитнички третман“.
Меѓупартиски обвинувања
Поради ваквите игри, битката за заштита на правото се префли и на политички терен. Опозицискиот СДСМ вчера соопшти дека ќе поднесе кривична пријава за судијката Александра Поп Стефанија.
„Во името на заштитата на правото и на законите, СДСМ ќе побара преиспитување на нејзината работа, како и на работата на претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски. Криминогената одлука да се прогласи СЈО за ненадлежно за случајот со уништување на опремата за прислушување, во кој се вмешани Гордана Јанкулоска, Горан Грујевски и други осомничени, е спротивна на законските прописи по повеќе основи“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Но, откако по жалбата на СЈО вчера Кривичниот суд му одреди куќен притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талевски, се огласи и ВМРО-ДПМНЕ, со обвинување дека Судот потклекнал под притисокот над СДСМ.
„Само неколку часа откако СДСМ се закани и најави лични тужби против судиите, Кривичниот суд ја измени сопствената одлука, и наместо обезбедување на присуство, изрече мерка притвор. Оваа одлука не е базирана на закони и факти, туку одлука донесена под жесток политички притисок и нема никаква врска со реалната состојба. Сето ова единствено е поврзано со политичките игри на СДСМ и додворувањата на судството, кое отсекогаш е мета и посакувана цел на СДСМ“, соопшти партијата. Оттаму потенцираат дека е илузорно е да се смета оти Владимир Талевски ќе ја напушти државата и дека неговото работење било базирано врз дословно спроведување на законот за јавни набавки.
Талевски е првоосомничен во случајот „Транспортер“, кој се однесува на незаконски јавни набавки за превоз на ученици, во кој штетата е проценета на 360.000 евра. По одлуката на Судот, Талевски не смее да го напушта домот, а неговото присуство ќе го проверуваат полицајци од битолската полиција.