1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Падна Владата на Кирил Петков

ДТЗ
22 јуни 2022

Предлогот да се изгласа недоверба на Владата го поддржаа 123 пратеници, додека досегашното владејачко мнозинство успеа да собере поддршка од само 116 пратеници. Бугарија влегува во нов период на политичка нестабилност.

https://p.dw.com/p/4D5Nr
Bulgarien Premierminister Kiril Petkov
Фотографија: BGNES

Падна бугарската Влада, предводена од премиерот Кирил Петков. Бугарските пратеници попладнево ѝ изгласаа недоверба. Предлогот да се изгласа недоверба на Владата го поддржаа 123 пратеници во вкупно 240 во парламентот. Против ваквата одлука беа 116 пратеници.

За недоверба на Владата гласаа 59 пратеници од ГЕРБ-СДС, 33 на ДСП 19 од Има таков народ (ИТН) и 12 на Преродба. Владата на Петков ја поддржаа 67 пратеници од неговата партија „Продолжуваме со промените“, како и пратениците од  коалициските партии БСП (26) и Демократска Бугарија (16 пратеници).

Ова е прво гласање недоверба на кабинетот на Петков, по барање на партијата ГЕРБ поради економските неуспеси на владата. Петков во своето обраќање рече дека „му е чест што бил срушен од четворката Борисов, Пеевски, Трифонов и руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова“.

„Искрено велам дека ова гласање е само мала проверка на многу долг пат. Ние ветуваме дека ќе продолжиме да се бориме да си ја вратиме државата и еден ден да имаме држава без заткулисни игри, без мафија, нормална европска земја“, изјави премиерот Кирил Петков веднаш по објавувањето на резултатите. Неговите зборови беа проследени со аплауз од пленарната седница. Владата предводена од Кирил Петков беше избрана на 13 декември 2021 година.

Што понатака? 

Според бугарскиот Устав, во случај на успешно изгласување недоверба, премиерот се повлекува од Владата. Сепак, Владата останува на власт се додека не биде избран неговиот наследник. Оставката го обврзува бугарскиот претседател Румен Радев да започне нова уставна процедура за избор на владин кабинет, која вклучува три обиди во рамки на сегашното Народно собрание. Законот предвидува шефот на државата да започне консултации со парламентарните сили, а потоа да и даде втора шанса на најголемата парламентарна група - „Продолжуваме со промената“ да предложи тим.