1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На тест владата на Петков, но и на Ковачевски

22 јуни 2022

Францускиот предлог е најдобар досега, изјавил Радев. Ги повикал политичарите да не брзаат да прогласат историска победа, бидејќи промената на Уставот не е последен, туку прв чекор на патот кон интеграцијата.

https://p.dw.com/p/4D2sx
Македонскиот и премиерот на Бугарија, Ковачевски и Петков
Македонскиот и премиерот на Бугарија, Ковачевски и ПетковФотографија: Reg. Nordmazedonien

Нема да дадеме поддршка на Владата ако го прифати францускиот предлог, тврди за ДВ лидер на една од помалите коалициски партии - партнер на СДСМ, наведувајќи дека кон истиот став може да се приклучат и други партии. Според нашиот соговoрник, за ова интензивно се разговарало меѓу партиите, а посочувајќи и дека дел од нив и јавно изразиле големи резерви кон францускиот предлог.

Повик во оваа насока стигна и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Коалициските партнери во владата на СДСМ и ДУИ да го отфрлат предлогот од Париз, во спротивно се соучесници на Ковачевски.

„Доколку тие излезат и го отфрлат предлогот и му свртат грб на Ковачевски и на Ахмети, тие нема да можат да направат ништо во однос на предлогот, зошто нема да имаат ниту мнозинство од 61 пратеник“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Од Владата сѐ уште нема став за францускиот предлог, со образложение дека тој треба детално да се анализира, а се чека за него да се изјаснат членките на ЕУ. 

Македонската влада сѐ уште не се изјаснила официјално за францускиот предлог
Македонската влада сѐ уште не се изјаснила официјално за францускиот предлогФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во моментов, таков одговор нема ни од Софија. Францускиот предлог сѐ уште не влегол во пленарната сала на бугарскиот парламент. Таму вечерва по 19 часот најпрво ќе се решава судбината на владата. Пратениците треба да гласаат за барањето недоверба на владата на Кирил Петков, а претпладнето ќе почне процедура за избор на нов претседател на Народното собрание.

Евентуалното паѓањето на бугарската влада, според бугарски извори, не треба да биде пречка парламентот да расправа за францускиот предлог. Во тој дух е и денешната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев

„Немаше да добиеме француски предлог, кој е најдобар досега, ако Бугарија не опстојуваше на ветото во два Совета за проширување, со јасна позиција минатата година. Нашите европски партнери веќе го делат тој став - дека прашањето за граѓанските права, за нивното застапување и заштита, не може да биде само билатерално помеѓу РСМ и Бугарија, туку треба да се издигне на ниво на ЕУ“, изјавил утрово во Пловдив, Румен Радев, пренесе „24 часа“.

Притоа нагласил дека неговите очекувања се - прашањата за власта да не го поместуваат фокусот на политичарите од агендата на Бугарите, која е јасна. Радев ги повикал бугарските политичари да не брзаат да прогласат историска победа, бидејќи промената на Уставот не е последен, туку прв чекор на патот кон интеграцијата. 

Бугарскиот претседател Румен Радев
Бугарскиот претседател Румен РадевФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Бугарски одговор до крајот на јуни

До кога „нема да се брза“? Францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје неделава нема да добие одговор од Бугарија, објавуваат дел од бугарските медиуми, повикувајќи се на извори упатени во текот на процесот, според кои, одговорот може да се пролонгира за наесен.

Повеќе: Пендаровски: Целта на Софија не е Бугарите да влезат само во Преамбулата на Уставот, туку и во нормативниот дел

Прв лакмус ќе биде седницата на собраниската Комисија за надворешна политика, закажана за денеска во 15 часот. Точката на дневниот ред е „Презентирање на ставот и информација од МНР за нацрт-протоколот од заедничкиот состанок по член 12 од Договорот од 2017 година со РСМ, и пакет документи на Претседателството со Советот на ЕУ во врска со процесот на проширување“. Членови на оваа Комисија за „24 часа“ неофицијално изјавиле дека „сценариото е Комисијата да се состане и да се распушти, со што се предодредува дека францускиот предлог воопшто нема да стигне до пленарната сала".

Дали со намера ќе се пролонгира бугарскиот став? Според порталот „Медиапул“, оние што најпрвин се противеле да падне ветото, а потоа признале дека има пробив имајќи предвид дека бугарските позиции се вградени во францускиот предлог, сега имале нова тактика – предлогот е добар, ама да не се брза.

Околу тактиката, делумно се осврнува и бугарското МНР во Извештајот доставен до Комисијата за надворешна политика, за потребите на најавената седница денес.

Пленарната сала на бугарскиот парламент
Пленарната сала на бугарскиот парламентФотографија: BGNES

„Во извештајот од МНР се вели дека не случајно што сѐ уште не се објавени ставовите од Скопје и од оние земји-членки на ЕУ кои ја поддржуваат Северна Македонија за предлогот - тие се надеваат самите ние да не го поддржиме и со тоа да го вратиме процесот во поповолна позиција за Скопје“, било наведно во Извештајот на бугарскотo МНР.

Покрај ова, БНР објави и детали од содржината на непотпишаниот билатерален нацрт протокол, но и став на МНР дека рок за бугарски одговор на францускиот предлог е крајот на јуни.

„Kрајниот рок во кој Бугарија треба да одговори на предлогот на француското претседателство за Република Северна Македонија не е 23-ти јуни, и тоа може да се случи до крајот на месецот", било наведено во Извештајот на МНР од 20 јуни, испратен до Комисијата за надворешна политика.

Поволни услови за бугарскиот национален интерес

Кои се другите детали во Ивештајот? Во него МНР ги известува пратениците дека т.н. француски предлог создава поволни услови за одбрана на бугарскиот национален интерес. До парламентот биле испратени нацрт-протокол за претстојниот втор состанок на Мешовитата меѓувладина комисија, извештај за развојот на билатералните односи и предлогот за преговарачка рамка за РСМ (на бугарски јазик). Нацрт-протоколот за претстојниот втор состанок на Меѓувладината комисија датирал од трети јуни, и требало да биде потпишан од Софија и Скопје.

Договорените текстови во него, предвидувале во рок од 2 години по постигнувањето на консензус во Мултидисциплинарната историска комисија - двете земји да ги вклучат усогласеното во наставните програми, учебниците и соодветните наставни материјали, натписите на споменици, табли, информативни материјали во музеите и во другите објекти со образовно и културно значење. Постигнат бил и договор за отворање на архивите во РСМ.

Мешовитата македонско-бугарска комисија
Мешовитата македонско-бугарска комисијаФотографија: Government of North Macedonia

Со Скопје не бил постигната согласност за текст кој предвидува првата меѓувладина конференција да се одржи непосредно откако РСМ во својот Устав ќе ги вклучи оние нејзини граѓани кои живеат во земјата и се дел од бугарскиот народ.

„Наместо бугарскиот предлог, Скопје настојува вклучувањето на Бугарите како државотворен народ да биде поставено како барање за отворање на првиот кластер ‘Основни принципи' во преговарачкиот процес. Во извештајот на МНР до парламентот е запишано, дека е клучно тој протокол да биде потпишан и одобрен од владите на Софија и Скопје, пред Бугарија да ја одобри преговарачката рамка на ЕУ со РСМ. Не е реално да очекуваме сите земји-членки на ЕУ да го поддржат ставот на нашата земја за македонскиот јазик, велат од МНР и го аргументираат со сите разговори што се воделе на европско ниво во последните три години“, пренесе БНР.