1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Падна владата... за малку!

23 декември 2020

Се силат пред огледало за да ја сокријат немоќта, безидејноста и брзоплетоста, па збунети, извикувајќи да живее Заев, сфаќаат дека ни на тоа веќе никој од присутните не им реагира. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/3n7em
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Во Штип се случи нешто што никогаш не се случило, ниту пак ќе се случи. Се случи едно интересно штипско чудо. Во Штип на 13 декември, загуби ВМРО-ДПМНЕ, а победи нејзиниот се уште актуелен претседател Мицкоски. Партијата го продаде Штип ама тој се спаси. Штип отиде курбан за спас на кожата на лидерот. Битката за спас на фотељата во дворецот беше замаскирана со добро позната тактика на бојкотот според која требаше да не успеат изборите, односно да нема цензус. Арно ама пак пораз. Повторно математиката не излезе иста дома и на пазар. Повторно математички прецизно исчуривме. Излегува дека џабе ги потсетив пред неколку месеци во мојата колумна на онаа старата Ајнштајнова според која лудост е постојано да ја повторуваш истата грешка и да очекуваш различен резултат. Дека со бојкот не може да победиш на секому е јасно, освен некому.

Вака некако го прокоментиравме резултатот од штипските локални избори со еден стар вмровец, кој огорчен од она што се случува со партијата не можеше да го сокрие незадоволството од начинот на кој се води партијата. Му велам, две години пишувам и јавно говорам за ова и како резултат на тоа трпам навреди, понижувања, говор на омраза, местенки, измислици, па го советувам ако нема стомак за овие работи, подобро јавно да не се истакнува, зошто во ВМРО не е страшно ниту бугарски пасош да имаш, ниту кола со бугарски таблици да возиш, можеш и книшка од неколку партии да имаш, може и кандидат за лидер на студентска организација од Либерална партија да бидеш, може и за Бранко Црвенковски да викаш дека е мангуп, може дури и комунистички пароли да скандираш, ама никако, никако не смееш да кажеш дека претседателот греши и ја води партијата во погрешен правец. ВМРО е претседателот и претседателот е ВМРО, па така каде тој оди, таму треба и партијата и сите членови, па макар тоа било и во ендек. Затоа, му велам ако немаш стомак да ги трпиш партиските ботови и тие што се дограбиле до некоја партиска функција, па сега лавовски се борат да ја задржат и по цена на пропаст на партијата, подобро молчи си и остави партијата нека продолжи да пропаѓа. Затоа што ако се бориш да ја спасиш партијата од пропаста кон која евидентно се движи, тие што ја носат во пропаст ќе те обвинат дека си соработник на непријателот, предавник од најдолен вид, отпадник и колаборатор на Заев. Јас немам проблем со ова му велам, зашто знам дека ми е чиста совеста и душата. Имам чиста десничарска идеологија, не сум шетач по партии и немам различна партиска книшка во секој различен џеб, сакам ВМРО да биде повторно силна и да, сакам ВМРО да ја победи СДСМ. Ми вели не може веќе вака, мора нешто да се направи. Се насмевнувам и седнувам да ја пишувам оваа колумна, знаејќи дека многу искрени партиски членови и симпатизери го мислат истото. Ме погодува само тоа што малку од нив имаа(т) храброст ова јавно да го кажат и да се борат против пропаѓањето на ВМРО.

Nord-Mazedonien Skopje | Proteste gegen Regierung
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Покажување мускули

Во еден супер маркет додека шетав со ливчето спремено од жена ми за набавка на неделните намирници, ми пријде еден познаник, градски човек, партиски неопределен, и ми кажа една реченица која сé повеќе луѓе ми ја кажуваат. Ми вели, Нино дај сменете го овој вашиот за да дојдете на власт, овие не се трпат веќе. Не е прв пат ова некој да ми го каже, напротив во последниве месеци често го слушам, но она што беше интересно е како пријателот ми одговори на мојата забелешка дека еве сега ВМРО само што не поднела интерпелација на владата и веројатно е, како што постојано повторуваат, највисоките актуелни партиски челници, дека владата ќе падне, бидејќи имаат обезбедено пратеници од позицијата кои ќе гласаат против сопствената влада, а во корист на ВМРО и Левица. Ми се насмеа и ми вели, лажат ко по обичај, од авион се гледа. Ми вели ќе видиш, ни интерпелација за владата нема да поднесат, а камоли пак да ја бутнат владата. Не ме изненади одговорот, бидејќи на секој што се занимава со политика ова му е јасно, но ме изненади што еден просечен гласач, кој некогаш гласа лево, некогаш десно, некогаш воопшто, ова го има толку добро апсолвирано и констатирано.

Други колумни од авторот:

-Бугарија се' уште не е подготвена за Европската унија

-Надувано его

-Мицкоски, омилениот вмровец на СДСМ

И така испадна. Се силеа по митинзи пред масата од стотина вмровци и 5-6 таксисти кои случајно се нашле таму, дека ја буткаат владата, дека имаат обезбедено ново парламентарно мнозинство, братски и заедно со партијата Левица (која е прокламирана анти НАТО и анти ЕУ партија чија политичка платформа се базира на тврдењето дека Америка го прави светот опасно место за живеење), а во суштина ја знаат болната вистина дека е обратно, па има неколку пратеници од вмровскиот табор кои доколку треба ќе ја подржат владата на Заев. Се силат пред огледало за да ја сокријат немоќта, безидејноста и брзоплетоста, па збунети, извикувајќи да живее Заев, сфаќаат дека ни на тоа веќе никој од присутните не им реагира од едноставна причина што никој повеќе не ги ни слуша што зборуваат, па дури ни тие што ете и во мал број им излегле на протестите за спас на лидерот.

Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickoski VMRO-DPMNE Partei
Фотографија: Petr Stojanovski

Паметот е во главата

Жалам, но во основа морам да констатирам дека ја оставивме партијата „деца" да ја водат. Кога велам деца, не алудирам на нивните години, туку мислам  на нивното политичко неискуство, во контекст на една мисла што ја кажуваше еден мој искусен професор од универзитетските денови кој велеше: „паметот не е во годините туку во главата“. Затоа велам „деца“ без стручно и животно искуство, без идеологија, без харизма, без работна навика, неспособни да постават стратегија ниту пак стратешки да размислуваат или делуваат. Затоа и онаа констатација од неопределениот гласач: „менувајте го оној вашиот за да дојдете на власт“ е болната вистина и дефиниција за тоа што се случува во државата и во опозицијата.

Моите родители живеат во градски ѕид, веднаш спроти централниот штаб на ВМРО. Обично ги посетувам попладне или навечер, па кога и да погледнам кон зградата на партијата се нервирам. Секогаш е темница. Не свети, не се работи. Најпрво помислив да не е „оскудација", па немаат ни за струја, ама ми текна дека се финансирани од буџет, па знам дека ова не е случај. А и обично свети еден прозорец, па не е можно да има струја само во една просторија. Ги бројам прозорците и бидејќи напамет и многу убаво ја знам целата зграда, сфаќам дека свети само во теретаната. Па да, сепак не е светло, од отсјајот е.

Со оваа работливост, рушењето на СДСМ на рати ќе биде како станбен кредит, на 240 рати. Досега плативме 8. Кај и да е, ќе биде. Ако не друго, одбројувањето барем започна! Исто како и песната која празнично ви ја препорачувам, a која има страшно добра гитара- The final countdown од групата Europe. Нека ечи!