1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски, омилениот вмровец на СДСМ

11 ноември 2020

Мицкоски е или слуга на Заев или е тотално неспособен политичар без никаков, ниту елементарен политички сенс. Како и да е, веднаш мора да си замине. Колумна на Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/3l7RM
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Ви кажав дека нема да оди на избори во Штип! Напишав, кажав и повторив дека со еден прилично недостоинствен и неубедлив политички полуаргумент, карактеристичен за еден полустратег, ќе избега од локални избори во Штип, како ѓавол од крст. Штип немаше вода неколку дена, а вкупно 44 пати снемало вода во градот Штип од кога локалната власт е во рацете на СДСМ. СДСМ нема исполнето многу од клучните ветувања за Штип. Нема отворено нови фабрики, нема направено болница, школо, нема жичара до Исарот како што ветија, нема Аква парк, нема сериозни инвестиции во сообраќајната инфраструктура, а за три четвртини од мандатот успеаа да реализираат само една четвртина од програмата. Слабо и неубедливо. Затоа и СДСМ загуби на парламентарните избори во Штип. Да, ВМРО-ДПМНЕ пред само неколку месеци, предводено од тогашниот генерален секретар на партијата, победи на избори во Штип. И сега, Мицкоски исплашен, преплашен случајно ВМРО-ДПМНЕ повторно да не победи во Штип, па СДСМ да му замери, се одлучи да не лаже сите во очи и при здрав разум, дека не оди на избори во Штип за да го заштити здравјето на Граѓаните. Аман бе даскале. Срамота е да се лаже! Тоа што бараше парламентарните избори да бидат наесен наместо летоска, тоа заборави?! 

- од истиот автор: Зошто ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски не може да победи? 

Веројатно мисли дека и сите ние заборавивме. Ај што мисли дека сите заборавивме како навидум загрижен за здравјето на граѓаните плачеше пред камерите со цел да се одложат парламентарните избори за на есен, за наводно да го заштити здравјето на граѓаните, туку сега, бегајќи од локалните избори, истовремено бара  Заев да си даде оставка и да се организираат предвремени парламентарни избори. Под лажен изговор дека се грижи за здравјето на Штипјани бара да се одложат локалните избори во Штип, а истовремено бара да се одржат  парламентарни избори на ниво на држава. Оксиморонски до даска.

Стратешка грешка или намерна диверзија?

Да ве потсетам дека само што не заплака по телевизиите дека парламентарните избори на крај на јуни или почеток на јули ќе го загрозат здравјето на граѓаните и дека не е некрофил (како да му е омилен збор за политички изговор), за потоа изборите закажани за неколку денови подоцна, наеднаш да не беа загрозувачки за здравјето на граѓаните.

Ова личи како да се бореше што е можно подолго да му траат стоте дена пржинска влада. Се тепаше за пржинска влада, а не обвинуваше што при преговорите сме прифатиле пржинска влада. 

- од истиот автор: Бели марамчиња за селекторот

Да имаше малку храброст, малку, да имаше малку политички резон, малку, да поставеше некаква политичка стратегија, барем некаква, да имаше барем малку политичко искуство, барем минимално, ќе знаеше дека Заев блефира за избори во декември 2019 и ќе го разобличеше тој блеф, прифаќајќи предвремени парламентарни избори во декември 2019. Ако тоа го направеше, Заев немаше каде да бега, и ќе мораше да се одржат предвремените избори во декември 2019 и со сигурност тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе победеше. Ама така Мицкоски ќе требаше да го смени Заев, ВМРО-ДПМНЕ ќе требаше да го победи СДСМ, а Мицкоски тоа не го сака. Или пак тоа некому му го ветил. Како и да е, на изненадување на секој кој малку се разбира од политика, наместо веднаш да прифати избори и да победи, под изговор дека се бори за 100 дена пржинска влада, го остави Заев и СДСМ да владеат подолго, а потоа и да победат на предвремените парламентарни избори. Поважно му беше да биде 100 дена во заедничка влада со СДСМ, отколку ВМРО-ДПМНЕ да ја предводи владата во наредните 4 години. Стратешка грешка или намерна диверзија против сопствената партија, проценете сами. Исто како што сега буквално на тацна му го подарува Штип на СДСМ.

Партија во заложништво

Мицкоски како да работи за СДСМ, а против ВМРО-ДПМНЕ! Или е слуга на Заев, како што тој милува да ги етикетира сите кои мислат поинаку од него и кои не се плашат тоа да му го кажат или е тотално неспособен политичар без никаков, ниту елементарен политички сенс. Како и да е, веднаш мора да си замине ако сакаме ВМРО-ДПМНЕ најпрво да стане пристојна опозиција, а потоа и да победи на избори.

Вака, ви гарантирам, сигурен сум, дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да победи. Ви гарантирам дека се додека Мицкоски го има киднапирано тронот на партијата, кој морам да потенцирам, прилично нелегално и нечесно го стекна, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во опозиција, а СДСМ ќе биде власт. Кој ова го сака, нека го подржува Мицкоски. Затоа велам, Мицкоски е омилениот вмровец на СДСМ. Од друга страна, тврдам, Ви гарантирам дека доколку Мицкоски си замине и остави можност широко претседателство да организира фер и демократски конгрес, ВМРО-ДПМНЕ за неколку месеци ќе има сериозна предност пред СДСМ, и убедливо ќе победи на локалните избори во 2021 година. 

- од истиот автор: Мегаломанијак

Сите гледаме дека над 100.000 искрени вмровци се жртви на едвај стотина поддржувачи на Мицкоски. Тоа е она што најмногу боли. Кога мала група на интересџии држат во заложништво цела партија и цела држава. Се додека немаме храброст и сила да ги тргнеме од партиските функции овие едвај стотина луѓе кои се под директна контрола на Мицкоски, ќе биде вака. СДСМ без никаков посериозен резултат, ќе си владее, а ВМРО ќе си биде во опозиција и постојано ќе нижи порази за кои секогаш ќе биде некој друг виновен. Мицковистите и Мицкоски ќе си кркаат по кафани на партиска сметка и ќе уживаат во опозиција со многу пари и малку одговорност. А државата и членството слепо ќе мора да ги слуша, следи и поддржува во секоја нивна очајно лоша одлука, затоа што секој што јавно ќе им се спротивстави, ќе го направат предавник и слуга на Заев. А од друга страна, Заев, вака јалово и не интелигентно напаѓан од Мицкоски, онака лагано и без напор ќе си владее со години.

Повеќе од две години зборувам, пишувам и ги убедувам сите чесни вмровци дека Мицковски вака како што (не)работи не може да донесе победа на ВМРО-ДПМНЕ. Сега претпоставувам на секој еден чесен десничар му е јасно кој е слуга на СДСМ и кој цело ова време одработувал за СДСМ, а против ВМРО. И тој си продолжува, а ние си молчиме. Секој се плаши дека нападот на Мицкоски ќе го сметаат за напад на ВМРО. Тука е најголемата измама, најлошата замена на тези на чија основа Мицкоски ужива во поразите.

„Рушење“ на рати!

Туку, се сеќавате на она дека ќе го рушел СДСМ на рати? Е па, сега заради короната бара да се одложи последнава рата!!! Домаќин човек, нема збор.

Јавно кажав и напишав дека Мицковски нема да може да победи на претседателски избори, кажав и напишав дека нема да може да победи на парламентарни избори, кажав и напишав дека ќе бега и ќе ги бојкотира изборите во Штип. Сé излезе така. Еве сега ви кажувам дека Мицковски никогаш нема да и донесе победа на ВМРО над СДСМ. Никогаш. Сакајте верувајте, сакате не верувајте. Да не речете после не сум ви кажал. Причината веќе на секој еден човек во државата му е јасна, Мицковски е омилениот вмровец на СДСМ, работи за интересите на СДСМ, а против интересите на ВМРО-ДПМНЕ. Некои велат целта му е, да го уништи ВМРО-ДПМНЕ и потоа заедно со Гордана Сиљановска да си преминат во Левица. Затоа и усогласено со Левица ги бојкотираат изборите во Штип. Тука, морам да напоменам дека Апасиев, лидерот на Левица е неспоредливо похаризматичен лидер од Мицковски и со далеку поголем политички потенцијал, но мислам дека сега, играјќи по нотите на Мицковски, ја направи првата поголема стратешка политичка грешка, затоа што доколку Левица учествуваше на изборите во Штип, во услови на бојкот на ВМРО, имаше добри шанси да победи или пак да капитализира доволно гласови за да може да очекува супер резултат на изборите во октомври 2021 година. Но тоа е нивен проблем.

Туку, даскале, Даскалот не бегаше вака пред турскиот аскер! Се бореше!