Западниот Балкан е предолго оставен надвор од ЕУ
20 декември 2021Западниот Балкан е предолго оставен надвор од ЕУ, а нашата перспектива постојано ја поткопуваат земјите-членки и неостварените ветувања, порачуваат тројцата балкански лидери во заедничкото отворено писмо кое денеска го објавува и германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг. Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ објаснуваат дека „Отворен Балкан“ е реакција на неспособноста на ЕУ да си ги одржи ветувањата и притоа ја повикуваат и новата германска влада да ја поддржи.
Во продолжение, клучните поенти од писмото:
„Европа не е само континент, туку и визија. Сепак, граѓанките и граѓаните на Западен Балкан, кој е составен дел од континентот и од оваа визија, веќе предолго се оставени надвор. Желбата на нашите народи да бидат прифатени од членките на ЕУ, постојано се поткопува од внатрешната политика на земјите-членки, неостварување на ветувањата и стравот од иднината. Тоа доведе до разочарување, нестабилност, иселување и недостиг од големи инвестиции.
Ние, како политички одговорни лидери на тие земји, можеме или да се жалиме на тоа - или да направиме нешто околу тоа. Ние го избравме второто. Во ноември 2019 година потпишавме прелиминарен договор за унапредување на Берлинскиот процес со преземање одговорност за подлабока соработка во регионот.
Нашата визија е да ги надминеме социјалните, економските и трговските бариери кои го попречуваат економскиот раст на нашиот регион преку имплементирање на четирите слободи на Европа во нашите земји. Затоа потпишавме договори со кои се укинуваат граничните контроли за да може стоката да поминува речиси без доцнење и кои им овозможуваат на нашите граѓани слободно да работат во другите земји. Договор, кој ги етаблира механизмите за слободно движење на нашите граѓани меѓу нашите земји - исто како што граѓаните на ЕУ патуваат меѓу нивните земји.
Нашата иницијатива, која ја нарекуваме „Отворен Балкан“, се покажа како ефикасна и корисна во пребродувањето на многу тешкото време на пандемијата.
Иако иницијативата „Отворен Балкан“ досега ги вклучува само Србија, Албанија и Северна Македонија, таа е отворена за сите земји од Западниот Балкан. Ја користиме оваа прилика и уште еднаш ги покануваме сите наши соседи да се придружат и да им ги понудат на своите граѓани сите придобивки што им ги нудиме ние на нашите.
Отворен Балкан не е утешна награда
Преку слободното движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, нашата соработка може да ги стимулира трговијата и растот и да им го олесни животот на сите во нашето соседство.
Често критикувани како „европско буре барут“, ние како одговорни политичари не можеме да дозволиме нашиот регион повторно да западне во кошмарите од минатото, додека ЕУ не е во можност, во оваа фаза, да стори нешто повеќе за нејзино проширување. Имаме свои разлики, не се согласуваме за некои политички прашања - но сите се согласуваме дека економијата и четирите слободи на Европа се патот што му даваат надеж на нашиот регион за траен мир.
„Отворен Балкан“ не е утешна награда како замена за членство во ЕУ, туку напротив, е голем чекор кон членството. Како што Европската заедница за јаглен и челик го претставуваше раѓањето на Европската унија по Втората светска војна, така и иницијативата „Отворен Балкан“ ќе остане во сеќавање како пресвртница што ги приближи нашите нации до Европската унија - и кон полноправното членство во најголемиот светски трговски блок.
Се надевам дека новата германска влада ќе ја прифати иницијативата „Отворен Балкан“ како чекор кон целосно спроведување на Берлинскиот процес, и ќе ја поддржи. Повеќе европски шефови на држави и влади, како и американската влада, досега ја поддржаа иницијативата.“