Евроинтеграцијата на Балкан: плинска ламба која едвај свети
15 декември 2021На крајот на 2021, еднаипол година по усвојувањето на ревидираната методологија за пристапување, чија цел, според зборовите од Брисел, е покредибилен, попредвидлив и подинамичен процес на евроинтеграции на земјите од Западен Балкан, вкупниот постигнат резултат за регионот: отворање на еден кластер во преговорите на Србија со ЕУ.
Словенија, на крајот на своето претседавање со Советот на ЕУ, како важен резултат во областа на политиката на проширување, а која им беше еден од приоритетите, ја наведува и „повторената европска перспектива на регионот“ на октомврискиот самит на Брдо кај Крањ, како и усвојувањето на годишните заклучоци на Советот за проширувањето.
„Со усвоените заклучоци на Советот на ЕУ испративме важна порака за целиот регион. Во прашање е наше директно соседство и затоа проширувањето е од стратешка важност за ЕУ“, изјави словенечкиот државен секретар Гашпер Довжан.
Меѓутоа, ако се земе во обѕир целосната стагнација на процесот на проширување во последните две години, на што претходеше период на макотрпно развлекување на процесот меѓу недоволни реформи од една и недоволна политичка спремност од друга страна, тогаш крајот на 2021 година може да се смета за плинска ламба која едвај свети.
Неизвесност за Северна Македонија и Албанија
Гледано на хартија, заклучоците на Советот на ЕУ покажуваат дека Северна Македонија и Албанија имаат најмногу позитивни оценки од сите соседи кога станува збор за реформските агенди – наредок во областа на владеење на правото и ускладување со заедничката ЕУ и безбедносна политика. Без оглед на тоа, и Скопје и Тирана и оваа година „останаа на клупата“ на евроинтеграции поради неможност на ЕУ да се договори околу условите за отворање пристапни преговори.
Оваа година земјите членки постигнаа консензус околу текстот на заклучоците за проширување, кои минатата година беа блокирани поради бугарското условување на пристапниот процес на Северна Македонија, но тоа што е исфрлена временската одредница за отворање преговори со Скопје и со Тирана, не може да се види како напредок, а уште помалку како валидно европско решение. Тоа е проблем кој го блокира заслужениот и ветен напредок на тие две држави на патот кон евроинтеграција.
Лекции за Косово
Косовскиот премиер Албин Курти по Советот за стабилизација и приклучување, од шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел доби порака дека Приштина мора да работи повеќе на внатрешни реформи, посебно на владеење на правото и борба проти корупција и организиран криминал, но и „лекција по демократија“ кога станува збор за конструктивност во дијалогот со Белград и исполнување на договорените спогодби.
Истовремено, ЕУ на Косово уште не му дава одговор на прашањето за визна либерализација, која е на чекање уште од 2016 година. Во Брисел ја повторуваат мантрата за „важноста на визна либерализација за граѓаните на Косово“, но велат дека таа уште се разгледува во Советот на ЕУ.
Смерници за Црна Гора
Црна Гора на 14-та по ред Меѓувладина конференција со ЕУ доби „натамошни смерници“. Од Брисел ѝ е порачано дека за натамошен напредок, пред да се тргне со привремено затворање на пристапни поглавја, неопходно е исполнување на привремени мерила во областа на владеењето на правото
Брисел од Подгорица повторно бара да достави „опипливи, зајакнати и одржливи резултати“ во поглед на правната држава и очекува Црна Гора да „го продолжи својот пристапен пат со поголема одлучност.“
Кластер за Србија
Србија е единствена од регионот на Балкан со конкретен напредок на патот кон евроинтеграции: со отворен кластер од четири поглавја, што е двојно повеќе отколку што Србија отвори во последните три години. Српската премиерка Брнабиќ констатираше дека Србија е единствена земја од регионот која доби ваков позитивен сигнал од ЕУ.
„Тоа е одраз на тоа како Брисел гледа на нашите остварувања во последната година. Секако сум среќна за напредувањето и добрите резултати на Србија, но не сум среќна поради стагнацијата на остатокот од регионот во евроинтеграциите, зашто тоа не е добро за регионалната стабилност и за целата ЕУ“, порача Брнабиќ.
ЕУ повторно жали поради БиХ
Босна и Херцеговина и годинава доби најнегативно мислење, како од Европската комисија, така и од Советот на ЕУ. Во усвоените заклучоци се изразува жалење поради продолжената политичка криза во БиХ и закочените реформи, недостатоци во слободата на изразување, пад во ускладувањето на БиХ со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, ограничениот економски напредок, а се осудува блокадата на државните институции.
Советот апелира до сите политички лидери во БиХ да се одречат и воздржат од провокативна реторика и акции кои предизвикуваат поделби, вклучувајќи го доведувањето во прашање на суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на земјата.
Ова е уште еден во низата негативни извештаи на ЕУ за ситуацијата во БиХ, со воведување изјави за можни санкции за оние кои ја подриваат стабилноста и функционалноста на државата која веќе долго е на колена на на последно место на европскиот пат на Западен Балкан.
Кој е „посебно одговорен" за проширувањето?
Лани сите очи на Западен Балкан беа свртени кон Германија, која од средината на годината претседаваше со Советот на ЕУ и која имаше сила и кредибилитет да го „турка и усмерува“процесот на проширување на Западен Балкан. Дали поради зафатеност со пандемијата и буџетот за опоравување на ЕУ или поради реална неможност за постигнување договор во рамките на ЕУ, Западен Балкан не напредна многу. Може да се рече дека дури и се врати чекор-два назад, во повторни тензии, како во самите држави, така и меѓу државите.
Францускиот претседател Емануел Макрон, пред претстојното француско претседавање со ЕУ, нагласува дека Унијата има „посебна одговорност“ за регионот и најавува политика на „повторен европски ангажман и инвестирање“ во Западен Балкан, нарекувајќи го „срцето на Европа“.
„Верувам дека политичката и економска работа кон Западен Балкан е вистинска агенда на сувереност за нашата Европа, зашто не можеме да изградиме Европа в мир во наредните 50 години ако го оставиме Западен Балкан во сегашната ситуација“, порача Макрон.
Да потсетиме, при усвојувањето на новата методологија за пристапување кон ЕУ, токму Франција инсистираше на принцип на поголема кредибилност на процесот и усвојување на т.н. „корективни мерки“, што подразбира санкционирање на сериозни стагнации или назадувања во примената на реформите на Западен Балкан. Прашање е само дали некој разгледува евентуални корективни мерки и за другата страна, во случај таа поради свои пропусти да не може да го исполни договореното и ветеното кон Западен Балкан.