Орбан ја оданочува слободата
31 октомври 2014Планот за воведување данок за користење на интернетот, што го предложи унгарската влада, е единствен таков случај во светот. Европската комисија планот го нарече „грозна идеја“, и според зборовите на еврокомесарката за дигитален развој Нели Крос тоа е „уште еден загрижувачки чекор на унгарската влада“. Загрижувачки е пред сѐ затоа што на премиерот Виктор Орбан одново му паѓаат идеи чија единствена цел е да се ограничи слободата на медиумите во Унгарија.
Уште кон крајот на 2010 година во Унгарија стапи во сила законот за медиуми кој низ цела Европа предизвика жестоки критики. Во него, меѓу другото, се наведуваше дека новинарите имаат обврска да известуваат на уедначен начин, но воедно и дека се обврзани да го зајакнуваат националниот идентитет. Воведени се и специјални контролни бироа кои ја следат работата на медиумите, а непослушните ги казнуваат со парични казни. Со други зборови, оној кој ќе одбие да користи одредени формулации (притоа не е сосема јасно кои формулации се дозволени, а кои не се) може да смета дека ќе пропадне. И тоа навистина го доживеаја разни магазини, весници, радио станици, блогери и интернет портали. ЕУ остро и‘ се закани на Унгарија со последици, па Орбан сепак малку го „омекна“ законот. Тоа привремено го смири Брисел.
Казни за клевета
Темата на одредено време исчезна од вестите. Но, тогаш, во ноември минатата година, парламентот донесе нова одлука - воведување високи затворски казни за клевета по пат на наводни тонски записи или фотографии. Поимите „клевета“ и „клеветење“ поради својата широчина им оставаат на органите за контрола на медиумите доволно простор за разни интерпретации. Летово следеше нов чекор: по објавувањето на цел низа текстови во кои се критикуваше владата, отпуштен беше главниот уредник на еден независен портал. Во исто време, воведено е и драматично зголемување на данокот за добивката од реклами. Тоа е директна закана за егзистенцијата на малите и независни издавачи, затоа што тие се финансираат токму на овој начин. Во знак на протест, цел ден на радио и ТВ станиците беа воведени паузи во емитувањето, а дел од весниците излегоа со празни насловни страници.
Сега планираниот данок на интернет, наводно, би требало да ја растовари државната благајна. Унгарија е високо задолжена земја, па таму веќе извесно време екстра се оданочуваше сѐ и сешто: од испраќање СМС пораки, до кафе и шампањ, сѐ до козметички производи како што е сапунот. Освен што во Унгарија е во сила највисокиот данок на додадена вредност во Европа од цели 27 проценти, граѓаните мораат да плаќаат данок и на телекомуникации, како и за банкарски услуги. Сега дојде на ред и данок за користењето интернет.
Сумата која треба да се плати е максимум 2,3 евра месечно, и тоа на прв поглед не делува така драстично. Но малку по малку на овој начин се зголемуваат месечните трошоци на унгарските даночни обврзници. Со оглед на тоа што со данокот се погодени и големите фирми, тие ќе ги префрлат дополнителните трошоци на потрошувачите. Со други зборови, состојбата за многу Унгарци дополнително се влошува.
Вистинскиот проблем не е данокот
Интернетот е притоа единствениот извор на информации во Унгарија од каде граѓаните се информираат без филтри и цензура. Поради тоа, протестите на граѓаните всушност се вперени повеќе кон фактот дека владата го „напаѓа“ интернетот, отколку поради данокот. Идејата е јасна: колку што ќе станува поскапа размената на информации преку интернет, толку ќе стане и помала. Протестите не се одвиваат само на улиците на Будимпешта, туку и на социјалните мрежи. Фејсбук групата која се противи на данокот веќе брои 230 илјади луѓе.
Организацијата Репортери без граници одамна предупредува на падот на слободата на медиумите во Унгарија. Земјата со години тоне на ранг-листата, и е последна меѓу земјите-членки на ЕУ. Тоа особено ја загрижува ЕУ.