1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестите не се само против данокот за интернет

Онеко Села/Б. Георгиевски29 октомври 2014

Во Унгарија продолжуваат протестите против владините планови за воведување данок на интернетот. Но, причини за протестите има далеку повеќе, вели еден од демонстрантите за ДВ.

https://p.dw.com/p/1Dduf
Фотографија: AFP/Getty Images/Attila Kisbenedek

Унгарците и вчера (28.10) ги продолжија протестите против владините планови да се воведе данок на користењето интернет. Даниел Мајер, 26-годишен студент беше меѓу 10-те илјади демонстранти кои бараа владата да го повлече предлог-законот.

ДВ: Колку навистина ќе ве погоди плаќањето на интернет давачката?

Мајер: Зборуваме за максимум 2,3 евра месечно- тоа е ништо. Оваа давачка нема да ги смени интернет навиките на граѓаните. Ниту една фирма нема да затвори. Но сите треба да разберат зошто е ова проблем. Токму од тие причини толку многу луѓе излегоа на улиците.

ДВ: Но, зошто е тогаш толку важно за Унгарците?

Мајер: Се работи за симболика, затоа што интернетот е нешто што беше слободно, а не контролирано или под влијание на владата. Нашите печатени и традиционални медиуми се ужасни, и за нив мораме да плаќаме. Просечниот Унгарец под 50 години го користи интернетот за многу нешта, можеби и повеќе од просекот во Европа, затоа што се‘ е бесплатно и лесно достапно на интернет. Сега, Унгарците се исплашени дека ќе го загубат тоа или дека нешто ќе се смени. Парите не се проблемот, туку принципот е тој што ме тера да протестирам. Има земји, како Финска, каде интернетот е прогласен за основно човеково право. Постојат земји каде интернетот добива субвенции од владите. Овој данок ќе ја врати Унгарија 10, 15 назад.

ДВ: Сметате ли дека владата цели кон некоја специфична група со законот?

Мајер: Не. Владата само сака пари и нема повеќе идеи од каде да ги добие. Веќе имаме ДДВ од 27 проценти на сѐ, вклучително и на интернет услуги. Тоа е највисоко во Европа. А сега сакаат да воведат и дополнителен данок на интернет.

ДВ: Дали со парите од данокот се потребни за решавање на тековни економски проблеми, или се работи за зголемени авторитарни тенденции во владата?

Daniel Mayer aus Ungarn
Даниел МајерФотографија: Elisabeth Gamperl

Мајер: Владата станува поавторитарна, но во овој случај, повеќе станува збор за финансиите. Мислам дека ова има врска со оттргнување на вниманието на Унгарците од скандалот во кој на шестмина високи државни функционери им беше забранет влез во САД.

ДВ: Доколку интернет-данокот е само повод, значи ли тоа дека постои генерално незадоволство кај луѓето?

Мајер: На протестите имаше многу луѓе кои извикуваа „Не сакаме да даваме пари за корумпирана даночна служба“, „Руси одете си дома“, „Ја сакаме Европа“. Демонстрациите покажаа дека луѓето се свесни за дипломатската криза со САД и за недостатоците на владата. Ова беше последната капка, и сега се демонстрира за сѐ. Иако не мислам дека нашиот протест ќе прерасне во револуција, сепат мислам дека е сличен на протестите во Гези паркот во Истанбул. И таму, проблемот не беше во дрвјата, тоа беше последното нешто што ги изведе луѓето на улиците. Тоа стана симбол и за Унгарците.