1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан му објавува војна на Западот

Феликс Шлагвајн
23 септември 2020

Унгарскиот премиер објави есеј во кој жали за „изопаченоста“ на Западот. Зборува и за борба против ЕУ, шири теории на заговор и дава јавна поддршка за Доналд Трамп во изборната кампања во САД.

https://p.dw.com/p/3isdz
Belgien I EU-Sondergipfel zur Bewältigung der Corona-Wirtschaftskrise
Фотографија: picture-alliance/dpa/AFP Pool/J. Thys

Поради корона-пандемијата, Виктор Орбан годинава мораше да ја прескокне големата сцена. Наместо во летниот универзитет во Бaиле Тушнад, во романска Трансилванија, унгарскиот десничарски премиер мораше својата политичка програма да ја претстави преку провладиниот дневен весник „Маѓар Немзет“. Во неговиот есеј јасно го отфрла либералниот Запад: „Од перспектива на Централна Европа, Западот ја загуби својата атрактивност,“ пишува Орбан. Животниот модел на либералниот отворен Запад и христијанско-конзервативниот Исток се целосно неспоиви. Политичко зближување на два табора, како што е на пример во Австрија и Германија меѓу христијанските демократи и Зелените, за унгарскиот премиер е „изопачено“.

Според Орбан различните погледи на светот сѐ повеќе економско-политички ќе ја поделат Европската унија. Унгарија сака заедно со сојузниците од регионот да се фокусира на конкурентноста на ЕУ. Но мнозинството во Брисел го спречува овој курс, бидејќи меѓу другото ги следат „до апсурд“ климатските цели и се стремат кон мултикултурно општество.

И образовната политика на Западот за унгарскиот премиер е неспоива со христијанско-конзервативните држави. „Целта на нашето образование е од нашите деца да израснат патриоти, кои понатаму ќе ги пренесуваат нашите докажани традиции,“ пишува Орбан. Училиштата треба да го потврдат и сексуалниот идентитет на децата кој „им го дал Создателот при нивното раѓање“ и да ги заштитат малолетниците од „родовата идеологија“ и „пропагандата на виножитото“.

Орбан го заострува тонот и шири теории на заговор

Орбан и неговата партија Фидес со години пропагираат дека европските конзерватици го предале идеалот за христијанска Европа. Како поткрепа на ова Орбан повторно се навраќа на познатите теории на заговор. И во неговиот актуелен есеј тој пишува дека европските институции му служат на „Џорџ Сорос и неговите луѓе", а не на граѓаните на Европа. Американскиот милијардер заедно со „бриселската елита“, „меѓународните медиуми“ и „граѓанските организации маскирани во НВОа“ работат на уништување на националните држави и христијанско-конзервативните влади. Тој исто така ја презема и омилената теорија во екстремнодесничарските кругови за „размена на народи“: една „глобална елита“ сака да постигне „отворени општества со мешани етникуми преку забрзана миграција“.

Повеќе:

Како автократите си честитаат едни на други

Светската суперсила Џорџ Сорос?

Практичната траума на Виктор Орбан

Тајното преуредување на Унгарија во корона-кризата

Во изминатите недели Виктор Орбан го заостри тонот кон своите противници. Причината за тоа може да биде фактот што бројот на новозаразени од коронавирусот во Унгарија во последно време драматично расте. „Орбан стравува дека поради Ковид-пандемијата и економската криза може да ја загуби популарноста“, вели за ДВ политикологот Петер Креко од тинк-тенкот „Политички капитал", од Будимпешта. Поради оваа причина во изминатите месеци тој уште повеќе ја ограничи слободата на печатот, си обезбеди дополнителни овластувања и ги скрати финансиските средства на опозицијата, вели Креко.

Притоа различни пратенички групи во Европскиот парламент најавија дека ќе го усвојат новиот буџет на ЕУ, вклучително и пакетот милијарди помош, само ако се осигура почитување на правната држава. Во својот есеј, Орбан ова го оценува како „уцена“ и најави дека во таков случај нема да гласа за буџетот. Политикологот Креко смета дека ветото на Орбан е малку веројатно. Досега и покарај неговите закани, унгарскиот премиер на европско ниво се покажа како доста кооперативен.

USA President Donald Trump trifft ungarischen Premierminister Viktor Orban in Washington
Виктор Орбан и Доналд ТрампФотографија: Imago Images/UPI Photo/K. Dietsch

Како и да е, односот на Унгарија кон ЕУ долгорчно е оштетен: членството на партијата Фидес на Орбан, уште од 2019 е суспендирано во Европските народни партии. Можно целосно исклучување повеќепати се најде на дневен ред но одлуката последен пат беше повторно одложена на почетокот од септември поради корона-пандемијата.

Поддршка за реизбор на Трамп

Виктор Орбан затоа бара сојузници од другата страна на Атлантикот. Во неговиот есеј тој е првиот шеф на влада на ЕУ кој јавно се изјасни за поддршка на реизбор на американскиот претседател Трамп во ноември. Од друга страна Унгарија го отфрла „моралниот империјализам“ на американските демократи. И покрај приближувањето на Орбан со Русија и Кина, се чини дека односите меѓу Вашингтон и Будимпешта се на највисоко ниво досега. Администрацијата на Трамп го покани унгарскиот премиер Петер Сијарто, како единствен министер за надворешни работи од ЕУ да присуствува на потпишувањето на договорот за приближување меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати и Бахреин во Белата куќа. По церемонијата во вторникот Сијарто дури го предложи Трамп за Нобеловата награда за мир.

Орбан и Трамп не се само реторички и политички слични, вели Петер Креко, тие си се обострано потребни. „Во рамки на ЕУ веќе нема многу такви кои јавно ја поддржуваат политиката на Трамп, а Орбан го прави тоа,“ појаснува Креко. Ова исто така важи и обратно. Долгорочно, приближувањето на Орбан кон Русија и Кина може доста да им наштети на односите со Трамп, вели Креко. Во поглед на унгарската надворешна политика, политикологот зборува за една „опасна и кревка рамнотежа.“ Орбановата објава на војна на Западот може му се врати назад – дури и ако Трамп победи повторно на изборите во ноември.