1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Траумата на Виктор Орбан

Штефан Ошват
4 јуни 2020

Со потсетувањето на „мировниот диктат” од Трианон и на нештата пред 100 години, премиерот на Унгарија Виктор Орбан сака да ја концентрира нацијата околу неговиот лик - дома и во соседните држави.

https://p.dw.com/p/3dGpR
Ungarn Plakat zum Thema Trianon-Vertrag
Фотографија: DW/F. Schlagwein

„Не се работи за тоа да се откажат мировни договори или да се повлекуваат наново граници", вели историчарот Ханос Рајнер. За него споменикот Трианон во главниот град Будимпешта е пред сѐ место каде се оддава почит на еден мит за жртва, митот за „една нација која има претрпено толку удари, а сепак останала обединета”. Со тоа владата остварувала внатреполитички цели: нацијата да се врти околу лидерот, имено премиерот Виктор Орбан. Околу 16 милиони евра ја чинеше владата што тој ја предводи споменикот по повод 100- годишнината од мировниот договор, потпишан во втората година по крајот на Првата светска војна. Тој претставува еден вид рампа која води кон земјата на која на мермер се испишани имињата од 12.500 општини кои до 1920 година припаѓале на Унгарија. 

Во дворецот Трианон делегациите на 4 јуни 1920 го официјализираа намалувањето на поранешнито кралство на третина од дотогашната големина. Околу три милиони Унгарци одеднаш станаа граѓани на други земји. Големи делови преминаа во територија на Словачка, Украина, Југославија, Романија и Австрија. 

„Историјата не познава нација која преживеала таква загуба”, вели Орбан на почетокот на годината во обраќањето до нацијата. „Денес 100 години по смртната пресуда од Трианон може да ви кажам дека ние сме живи и Унгарија и натаму постои”. 

Два милиони Унгарци во соседството

Денес околу два милиони лица со унгарско потекло живеат во соседните држави, најголемиот дел во романско Зибенбирген. Владата на Орбан меѓу Унгарците во дијаспората има верно гласачко тело со тоа што им даде двојно државјанство и право на гласање што во Братислава и Букурешт се прима со нервоза. 

Ungarn Budapest | Viktor Orban Winkt Parteimitgliedern und Sympathisanten nach Ansprache zu
Околу 16 милиони евра ја чинеше владата на Орбан споменикот по повод 100- годишнината од мировниот договор, потпишан во втората година по крајот на Првата светска војнаФотографија: Getty Images/AFP/A. Kisbenedek

Во пандемијата со корона унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто делеше заштитна опрема на сонародниците „оти секој Унгарец е одговорен за Унгарија”, како што се вели и во Уставот од 2012. Во ПР- видеа лицата пак се заблагодаруваат на владата во Будимпешта, „никаков вирус” не можел „да ги раздели Унгарците”.

Трианон е втората најголема траума на Унгарците, смета поранешниот австриски вицеканцелар Ерхард Бусек кој денес го води Виенскиот институт за Дунав и Средна Европа. Но, притоа заборавале „дека таму живееле не само Унгарци, туку значителен дел други луѓе”. Унгарските партии во Романија и Словачка денес соодветно ги застапуваат интересите на малцинствата. Владата во Будимпешта вложува милиони во едукација, медиуми и спортски друштва - влог во изборното конто на Фидес.

Унгарец е оној кого Трианон го боли"

По актуелна анкета на Унгарската академија на науките 84 проценти од околу 1000 испитаници го делат мислењето дека Унгарец е „оној кого го боли Трианон.” 94 проценти сметаат дека мировниот договор кој во официјалните документи се вика „мировен диктат”, бил неправеден. Десноекстремисти сакаат ревизија на границите, како на пример Ласло Торошкај, градоначалник на српско-унгарската погранична општина Аштохалом, кој сака „договорот да се преиспита”. Десничарското Светско здружение на Унгарците со години собира потписи за ревизија на договорот од Трианон, десни рок бендови како Карпатија имаат соодветни песни. „Нем, нем, соха”, односно „не, не, никогаш” - тројното не (Триа-нон) од меѓувоените времиња повторно оживува на силните звуци. Молитвата што морале да ја кажуваат деца на школска возраст во време на владетелот Миклош Хорти меѓу двете војни („Верувам во воскресението на Унгарија”) е дел од нивниот сценски перформанс, а околу темата Трианон е настаната ревизионистичка субкултура.

100. Jahrestags des Vertrags von Trianon
На споменикот за Трианон се испишани имињата на 12.500 општини кои некогаш припаѓале на УнгаријаФотографија: Steindl Imre Program

Хорти – култ

Ова исто така вклучува и фан-култ околу унгарскиот меѓувоен владетел, кого премиерот Виктор Орбан го нарекува „исклучителен државник“. Витезот Хорти е поим за сила и ревизионизам. За да си ги поврати териториите кои ги загубил во 1920 стапи во сојуз со Хитлер и со тоа постигна надворешно политички – краткорочен - успех: во две арбитражни виенски постапки од 1938 и 1940 година, Унгарија доби дел од загубените територии назад, но по Втората светска војна се се врати назад на статусот од 1920 година. Источноунгарското место на Хорти, Кендереш денес нуди „Хорти – тури“ кои водат до локалниот музеј.

Повеќе:

Како Џорџ Сорос беше претворен во бабарога

Тајното преуредување на Унгарија во корона-кризата

Концентричните кругови на Виктор Орбан

Унгарија ја користи пандемијата за да го прошири влијанието во регионот

Тоа е дел од анти-левичарската политика на сеќавање, смета швајцарскиот историчар Кристијан Колер. Според оваа логика е добро „она што го надмина Советската Република.“  Хорти го совлада 133 дена долгото левичарско судење со солдатеска, а се случија и погроми – „слепа точка“ во актуелната политика на сеќавања која го нагласува „црвениот терор“ на унгарската советска држава.

Тезата за Трианон како манипулација на странските големи сили се разликува денес кога Орбан зборува за „бриселска империја“ или за „Брисел, новата Москва". Притоа постојано има конфликти со соседните земји (јазичен спор со Украина, двојно државјанство, барања за автономија на унгарските Секељи во Романија) – но во секојдневието на владата во Будимпешта и е најважно од поранешните Трианон области да профитира политички.  

„Изненадувачки, откривам дека наоѓаме заеднички јазик со Словачка, Србија, Хрватска и Словенија“ како што вели Орбан во неговиот говор за состојбата на нацијата, „можеме да градиме и сојузи“ – на пример со четворката од Вишеградската група – Унгарија, Чешка, Словачка и Полска - европски блок од ЕУ земји членки.

Кога срцето не крвари

Со договорот од Трианон Бургенланд(Градиште) ѝ припадна на Австрија. Градот Сопрон, по референдум во 1921 година остана во Унгарија. „Ако исходот беше поинаков“ вели Маријане Сепар, „тогаш Сопрон денес ќе беше главен покраински град и не Ајзенштат.“ Но, тоа немаше да промени ништо. Граничните линии ги „одродуваат луѓето“, вели таа.

Унгарката од Бургенланд раководи со унгарското културно здружение во Оберварт. Овде во близина на граница сите ознаки се двојазични. Сепер предава историја и унгарски јазик. Јазичната настава е законски задолжителна, а унгарското малцинство заштитено.

Со Унгарија пред се ги поврзува „културолошка папочна врвца“, вели Сепер која редовно оди во театар во градот Шомбатели кој е во близина, па дури и во Будимпешта. Од темата Трианон се срами. „Уште кога активно танцував, често бев канета на прославата за Трианон,“ раскажува фолк-танчерката Сепер, „но тоа секогаш беше премногу националистичко“.

Таа не сака да има ништо со тоа „бидејќи срцето не ѝ крвари.“ Таа се обидува своите ученици да ги научи нешто друго: дека државите кои водат војни треба да бидат одговорни за тоа и да го чуваат мирот. За неа Трианон во крајна линија е раѓање на ООН.