„Младите лавови“ на европскиот популизам
22 ноември 2016Унгарскиот премиер Виктор Орбан е во дводневна посета на Србија во рамките на која веќе оцени дека односите на Србија и Унгарија се историски на највисоко ниво. Таквата квалификација се слушаше и порано, и за неа заслужен е пред сѐ извонредно добриот личен однос на двајцата премиери.
Меѓу двајцата премиери има многу сличности, но и некои разлики. Надворешно-политичкиот коментатор Бошко Јакшиќ опишува дел од разликите.
„Клучната разлика е пред сѐ поради позицијата на двете земји. Унгарија е членка на ЕУ, а Србија - земја кандидат. Оттука, Орбан може отворено да покажува симпатии кон Владимир Путин, а Вучиќ мора да внимава затоа што тоа би можело да го забави или запре патот кон ЕУ. Двајцата водат политика која има елементи на авторитарност и веројатно тоа ги поврзува и на личен план“, вели Јакшиќ.
Директорот на Центарот за практична политика, Драган Поповиќ вели дека она што ги поврзува двајцата премиери е „демократската фасада“ која ја градат, односно она што Орбан искрено го нарече „илиберална демократија“.
„Од Ердоган, преку Мило Ѓукановиќ, Орбан и Вучиќ имате цела низа политичари кои открија дека со десничарски популизам можат да изградат силни позиции за себе“, вели Поповиќ.
Бранот десен популизам
Јакшиќ го смета Орбан за основач на бранот на десен популизам во Европа.Орбан повеќепати доаѓаше во судир со Брисел, на повеќе теми како односот кон медиумите или анти-имигрантските ставови. „Кај Вучиќ ситуацијата е поинаква. Тој се воздржува јавно да ја критикува ЕУ, а кога нешто не му одговара, тој тоа го става до знаење од околу“.
Српските аналитичари сметаат дека ЕУ одбра на Балканот по секоја цена да има регионален мир и стабилност, односно привиден мир и стабилност, и поради тоа ги поддржува авторитарните, но во исто време доволно силни лидери кои ќе го држат национализмот под контрола.
„Втората причина зошто Вучиќ добива помалку критики од ЕУ е психолошка. И понатаму во Западна Европа поинаку се гледа на Балканот. Јас искрено сметам дека добар дел европски функционери сметаат дека ние подобро и не заслужуваме, односно дека не сме во состојба да одиме понатаму и подобро. Едноставно, доволно е да имаме еден силен лидер, цврста рака која ќе не држи под контрола, и тоа е според нив местото на балканските народи“, вели Поповиќ.