Одлагање на Брегзит?
10 јули 2018ДВ: Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон поднесе оставка. Што значи тоа?
Тим Џуда: Прерано е да се зборува за тоа. Мора да се вратиме неколку дена наназад. Во петокот се чинеше дека министерот за Брегзит Дејвид Дејвис и Борис Џонсон се договориле околу заедничка позиција во владата. Потоа Дејвис поднесе оставка. Се чини како Џонсон да помисли дека мора да го стори истото. По тој состанок Џонсон и Дејвис беа мета на напади на социјалните мрежи, дека го предале курсот на Брегзит затоа што се согласиле со планот на Тереза Меј за излез од ЕУ. Се велеше дека Џонсон е безрбетник кому му е повеќе до министерската фотелја отколку до принципи. Но, кога Дејвис поднесе оставка, тоа го доведе Џонсон во тешка позиција. Помислил веројатно дека мора да поднесе оставка, можеби за да ги одржи своите лидерски абиции.
Дали е ова само почеток на распадот на целата влада или се работи за расчистување кое ќе ја направи владата постабилна?
Прерано е да се зборува за тоа. Зашто ако уште некој поднесе оставка, тогаш тоа може да значи распад на владата. Прашање е дали ова ќе води кон стабилизација.
Какви реакции треба да се очекуваат во врска со Брегзит? Се чини како брегзитовци да се распаѓаат и да остануваат поумерените политичари?
Зависи. Ако има криза на конзервативците, избори во рамки на партијата, ако има нови општи избори, тоа значи дека имаме малку време за преговори со ЕУ. Така што, или заминуваме без никаков договор, или ќе мораме да бараме одлагање на напуштањето на ЕУ предвидено за март 2019 година.
Ако Тереза Меј поднесе оставка или ако се распадне владата, целиот процес на Брегзит е под знак прашање, зарем не?
Целиот процес ќе запре, зашто нема да има никого кој би можел да преговара со ЕУ. А со оглед на тоа што не остана многу време, од ЕУ ќе мора да бараме одлагање на Брегзит. Притоа, не треба да ја прашаме само ЕУ, значи не само да прашаме на едно место, туку мора да ги прашаме сите 27 држави! И не е баш јасно дека тие ќе се согласат со одлагање. Тие би можеле да кажат: вие Британците одлучивте да заминете, па тогаш одете! Престанете да ни пречите.