1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Мајката на терористот

Естер Фелден
19 јануари 2019

Сабине Лапе го посакувала раѓањето на Кристијан. Но, омилениот син се претворил во терорист кој загина за Исламска држава (ИД) во Сирија. Неговата мајка реши за ДВ да ја раскаже својата приказна.

https://p.dw.com/p/36xS5
Syrien Christian Lappe IS Kämpfer
Кристијан Лапе во Сирија со капа на која пишува „Калифат“Фотографија: privat

Едно саботно утро во 2015 година, телефонот на Сабине Лапе од Дортмунд заѕвонил во 5:45 часот. Била многу лута, се сеќава таа. Кој ли ѕвони во ова време? Од другата страна бил Кристијан, нејзиниот 27-годишен син. „Мамо, ние сме во Турција“, ѝ рекол кусо. „Чекаме на транспорт за Сирија.“

Кристијан, заедно со сопругата Јасмина, во тајна акција тргнал кон Сирија за да ѝ се приклучи на терористичката милиција „Исламска држава“. Сабине Лапе го молела да се врати, но нејзините зборови не допирале до него.

Болен разговор

Сабине Лапе е на почетокот на своите педесетти. Живее во двособен стан во Дортмунд. Ѕидовите се делумно исфарбани во различни бои. Во дневната соба нема фотографии на Кристијан, но на влезната врата во станот сѐ уште виси неговиот кафтан. „Ќе остане таму, секогаш“, вели Сабине со решителност во гласот.

Таа не излегува радо. Мајка е на терорист. Но, таа е и мајка која го загубила детето. Иако никој не тагува по Кристијан заедно со нејзе, таа вели: „Го сакам, но од оној Кристијан каков што беше на почетокот, на крајот не остана ништо.“

Сабине Лапе зборува брзо. Делува нервозно поради разговорот за ДВ и тоа го признава. Приказната за Кристијан делумно е и приказна за нејзиниот живот. Со часови раскажува како ја доживеала неговата радикализација. Полицијата не се изјасни по барањето на ДВ во врска со Сабине Лапе. Се вели дека изјава не е можна поради заштита на податоци.

Повеќе: Невидливи и опасни: салафистите во Северна Рајна Вестфалија

Рани удари на судбината

Кристијан бил интелигентно дете, желно за знаење, расположен за шеги, раскажува мајка му. Но, детството не му било безгрижно. Растел само со нејзе. Подоцна почнал да се дрогира. Таа му била поддршка.

Кога станал момче, се разболел. Долго не се знаело од што страда. „Едноставно се 'топеше'. Јадеше, а сепак слабееше. Лекарите препоставуваа дека може да се работи за анорексија, можеби од психички причини.“

На почетокот на 20-тата година Кристијан една ноќ добива толку големи стомачни болки, што Сабине Лапе морала да вика брза помош. Опериран е истата ноќ. Лекарите дијагностицирале хронично воспаление на дигестивниот тракт.

По будењето од наркоза, Кристијан си дал себеси ветување, се сеќава Сабине. Сакал да му заблагодари на бога што добил втора шанса за живот. Со исламот - за ултраконзервативната форма на салафизмот воопшто не станува збор - Кристијан дотогаш немал ништо. Неговата фамилија била од католичка вероисповед, но не биле строги верници.

Sabine Lappe
Сабине Лапе, мајка на Кристијан Лапе алијас Абу Иса ал-Алмани, кој во 2015 година ѝ се приклучил на Исламска држава и е убиен во Сирија во 2017 годинаФотографија: DW/E. Felden

Конвертира и мајката

Прво сѐ изгледало како работите да одат на подобро. По повеќе операции се поправило и здравјето на Кристијан. Сакал да стигне до матура, за да може да студира психологија. На училиште запознал млади момчиња од Мароко и Турција, муслимани. Тие зборувале одушевено за исламот и го заразиле и него.

„И еднаш дојде дома и ми рече дека размислува да конвертира.“ Тоа било во 2012 година. Сабине Лапе во тој момент и самата е во криза. Нејзиниот животен придружник одеднаш починал, по што и таа е во потрага по нова смисла во животот. Со оглед на тоа што ѝ се чинело оти синот конечно го пронашол она што го прави среќен, и таа почнува да се занимава со исламот.

Половина година по Кристијан, конвертира и Сабине Лапе. Вели дека новата вера ја направила „поурамнотежена“. Себеси се опишува како умерена муслиманка.

Во 2013 година Кристијан добива диплома за стручно образование. Во тоа време тој редовно ја посетува џамијата Таква во Дортмунд. Му се придружила и Сабине. Сакала да види каде се движи син ѝ и со кого. „На почетокот бев импресионирана“, вели таа денес. „Одиш како Германец и се чувствуваш како ѕвезда. Сите се интересираат за тоа како си го пронашол за себе исламот и сите те сакаат.“

Но брзо сфатила дека има и работи кои не ѝ се допаѓаат. „Забележав дека многу од жените само го повторуваа она што им го проповедаа мажите. Тоа отворено го отворив како тема. Реков: самите прочитајте го Коранот, а не само да го повторувате она што во го зборуваат вашите мажи.“

Зборови кои не наишле на добар одзив. Тоа го почувствувал и Кристијан. „Браќата по вера му обрнале внимание на мене и му рекле: 'Врати ја мајка ти на патека. Таа предизвикува мешаница во џамијата.' И, тој ми рече да престанам да го правам тоа.“

Меѓутоа, во тој момент Сабине сѐ уште не била загрижена за Кристијан. „Мислев дека мора малку да се докаже како германски муслиман.“

Повеќе: Салафизам: мисија под превез

Средба со последици

Непосредно пред матурата Кристијан во 2014 година ја запознава Јасмина, својата подоцнежна сопруга. Германка со мароканско потекло од проблематично семејство, вели Сабине Лапе. „Јас ги запознав двајцата.“ За време на петочната млитва таа на 17-годишната Јасмина ѝ обрнала внимание на својот син Кристијан, затоа што девојчето сакало да се омажи за строг муслиман.

Не ѝ било јасно дека Јасмина има намера да најде сопруг со кого ќе може да отпатува за Срија. Сабине Лапе е уверена дека Јасмина била движечката сила за натамошна радикализација на син ѝ. „Кристијан беше апсолутно 'затрескан' во оваа девојка, која го прифаќаше онаков каков што е, со неговите акни, воспалението на дигестивниот тракт и болничките престои...“

Половина година потоа двајцата се венчаваат во џамија во Франкфурт. На преминот од 2014 кон 2015 година Јасмина првпат ѝ соопштува на Сабине дека сакаат заедно соКкристијан да отпатуваат во ИД. „За жал, тоа не го сфатив сосема сериозно, таа беше половина дете.“

Syrien Christian Lappe IS Kämpfer mit Frau Yasmina
Кристијан Лапе со сопругата ЈасминаФотографија: privat

А Јасмина и Кристијан во тоа време очигледно одамна веќе имале почнато со конкретни подготовки. Патот го планирале од интернет-кафулиња, и тоа не само во Дортмунд. „Никој не би бил толку глупав за да прави такво нешто од домашната ИП-адреса.“

Кристијан веќе познавал многу познати личности од салафистичката сцена, вели Сабине. Пред да отпатува веќе бил под лупа на безбедносните слуби, тврди таа и додава дека таа лично сѐ уште е под опсервација. Повеќепати морала да го предаде мобилниот телефон. Според сопствени наводи, многу време поминува на интернет. Преку Фејсбук е во контакт со луѓе од салафистичката сцена. Вели дека тоа го прави за да дознае што е можно повеќе за Кристијан.

Патот во ИД

Откако Кристијан и Јасмина отпатувале во септември 2015 година, понекогаш редовно разговарале телефонски, дури и по неколкупати дневно, и си испраќале пораки преку Whatsapp, се сеќава Сабине. Имало и периоди кога воопшто немале контакт. Секогаш Кристијан бил тој што се јавувал, секогаш од различни броеви. Таа не можела да го бара. „Беше во Рака, во Идлиб и во Абу Камал. Еднаш беше и во Ирак.“

Се обидувала да го увери да се врати. „Но, колку и да звучи лудо, тој беше таму со сета душа. Потоа дојде видеото. Тоа беше момент кога ми стана целосно туѓ.“

Во септември 2016 година, точно една година откако Кристијан ја напуштил Германија, на онлајн-платформата „Фурат медиа“, блиска до ИД, е објавен филм. Тој покажува како Кристијан, кој во меѓувреме го има добиено борбеното име Абу Иса ал-Алмани, ја раскажува својата приказна. Раскажува за болеста, за трагањето по смислата на живеењето и одговорите кои ги нашол во исламот. И, отворено повикува на напади во Европа.

Syrien Christian Lappe IS Kämpfer
Кристијан Лапе на еден вид „трон“ - на знамето зад него пишува „Нема друг бог освен Алах“Фотографија: privat

Покрај секвенците кога гледа во камерата и раскажува, има снимки на кои се гледа врзана рака на човек и секира која се спушта надолу. Дали Кристијан му ја отсекува дланката, не може да се препознае. Но, тој е оној што на наредната снимка го бакнува измачуваниот в чело.

За Сабине Лапе во тој момент се урива целиот свет. „Не можам да сфатам како може да се прави такво нешто. Тоа не може. Тоа го нема ниту во Коранот, во ниту една единствена сура.“ Кога тоа му го кажала во телефонски разговор, ја навредувал дека е неверник. „Ме обвини дека не си ја разбирам верата како што треба.“

Сабине одбегнува одговор на прашањето дали Кристијан убивал луѓе: „Би рекла вака - тој не лупел само компири за Ал Багдади (лидерот на ИД). Бил целосно зад она што тој го правел и тоа е она што за мене е бескрајно тешко. Кристијан сакал да влезе во историјата и како германски муслиман да умре за вистинска цел.“

На први август 2017 година Сабине Лапе последен пат телефонирала со синот. „Рече дека повторно оди во борба и дека ме сака.“ Имала многу лошо чувство, нешто како мрачно претчувство. И Кристијан се чувствувал така, уверена е таа. Се погрижил за Јасмина. Во случај да му се случи нешто, таа требало да се омажи за одбран ирачки борец. Сѐ било веќе договорено.

Повеќе: Исламистичките „загрозувачи“- предизвик за правната држава

На 19 септември дошол следниот телефонски повик од Калифатот. На телефон била снаа ѝ. „Гордо рече дека Иса сега е маченик. Загинал во борба за Алах.“ Гласот на Сабине сега звучи огорчено. „Не, Кристијан не загина во борба за Алах, туку во борба за Ал Багдади и неговите злосторници.“

Сабине Лапе е осамена, нема речиси никого. Луѓето се плашат од нејзе кога ќе дознаат која е. „Ти си мајка на ОНОЈ Кристијан Лапе?“ Прашањето ѝ е познато. „Да, јас СУМ мајка на ТОЈ Кристијан Лапе“, одговара таа. „И од мене не произлегува никаква опасност. Јас не носам калашников под облеката и никому не сечам дланки.“

Мајката од... Тоа е атрибутот кој е залепен за нејзе од смртта на Кристијан. Во аптеката на нејзината улица не сакаат да ја услужат. „Кога неодамна сакав да земам лекови со рецепт, ми рекоа да си заминам. Насекаде си шупак, мајка која потфрлила. Или и самата важиш за терористка.“ Одамна не оди ниту во старата џамија. И таму не е посакувана, зашто тоа би фрлило лошо светло на заедницата.