1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-нота:Потврда за автентичност на прислушуваните разговори?

Катерина Блажевска1 април 2015

„Одговорено е соодветно на дипломатската практика“, велат од МНР по нотата што ја упати мисијата на ЕУ, но без одговор дали европската реакција значи и потврда на веродостојноста на прислушуваните разговори.

https://p.dw.com/p/1F0RO
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дали нотата од мисијата на ЕУ во Скопје упатена до македонското Министерство за надворешни работи (МНР) е доказ дека за делегацијата на ЕУ воопшто не е спорна веродостојноста на прислушуваните разговори? Ова е прашањето што ДВ го упати до повеќе адреси, откако ниедна страна не демантираше дека е упатен, односно добиен таков протест, поради наводно кршење на принципите на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Минатонеделната нота од мисијата на ЕУ во Скопје до МНР, уследи по информацијата од опозицискиот СДСМ дека се прислушувани амбасадори на повеќе земји, но и по информацијата дека некои од нив веќе ги подигнале папките со прислушуваните разговори. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на една од прес-конференциите објави дека биле прислушувани најмалку шест амбасадори во земјава, но неофицијално, бројката е и поголема од спомнатата. На листата наводно биле поранешниот американски амбасадор, поранешната холандска и германска амбасадорка и неколкумина актуелни. Засега не се знае кои од амбасадорите ги подигнале материјалите. Од СДСМ соопштија дека нема да го коментираат тоа и ќе остават амбасадорите сами да проценат дали ќе обелоденат такви информации во јавноста.

МНР одговорило!

Од делегацијата на ЕУ во Скопје не даваат информации поврзани за содржината и формата на нотата, ниту за евентуалните сознанија што го предизвикале нејзиното врачување.

„Нема да коментираме дипломатска коресподенција“, кратко одговорија за ДВ од делегацијата на ЕУ во Скопје.

По првичното објаснување од МНР дека „нотата е упатена при искажани закани во јавноста од лидер на политичка партија дека поседува нелегално стекнати и креирани материјали“, до денес нема други детали за нотата, ниту за содржината на евентуалниот одговор од МНР до мисијата на ЕУ во Скопје.

„Одговорено е соодветно на дипломатската практика“, изјавија кратко од МНР за ДВ.

Во странски и домашни дипломатски кругови не ја кријат загриженоста дека Македонија може да има сериозен проблем доколку навистина биле прислушувани амбасадори, со што се прекршени принципите на Виенската конвенција од 1961 година. Во фактот дека мисијата на ЕУ поднесла нота до МНР во врска со прислушувањето, дел од нив гледаат и директна потврда на веродостојноста на содржините од добиените „папки“. Таков став дели и поранешниот министер за надворешни работи, Денко Малески.

Mazedonien Land und Leute EU-Vertretung Gebäude in Skopje
Од делегацијата на ЕУ во Скопје не даваат информации поврзани за содржината и формата на нотатаФотографија: Petr Stojanovski

„Имено, текстот на протестот се држи во тајност, како од МНР така и од мисијата на ЕУ во Скопје, па принудени сме да ја повикаме логиката на помош. Бидејќи пред извесно време неколку амбасади на земји членки на ЕУ добија папки со нивни снимени разговори, нема дилеми дека снимките ги сметаат за веродостојни. Во спротивно, не би имало протест“, вели Малески.

Деновиве, германската амбасадорка Алтхаузер, во интервју за Радио Слободна Европа, најави дека ќе има истрага за прислушувањето дипломати, односно за прекршување на Виенската конвенција. Според неа, македонските власти се обврзани да ја осигураат безбедноста на амбасадите, вклучувајќи ја и тајноста на нејзините комуникации. „Оваа обврска е независна од прашањето кој нарачал потенцијално снимање“, рече Алтхаузер.

Очекувана реакција

Во дипломатската практика, најтешките прекршувања на Виенската конвенција подразбираат отповикување на својот амбасадор на одредено време или протерување на амбасадорот на државата која ја прекршила конвенцијата. Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ се недостапни за коментар на оваа тема, а некои поранешни амбасадори поддржувачи на политиката на Владата, во јавни дебати изјавуваат дека „сите земји прислушуваат амбасадори“. За други, ваквите тези се неприфатливи и дополнително и‘ нанесуваат штета на Македонија.

„Веројатно никој од владеачката ВМРО-ДПМНЕ не претпоставуваше дека аферата прислушување ќе добие и меѓународни димнзии и ќе биде предмет на протесна нота на амбасадори од ЕУ“, вели Нано Ружин, поранешен македонски амбасадор во НАТО, во Брисел.

„Прекршувањето на Виенската конвенција е голем дипломатски гаф, особено кога се работи за амбасадори на држави членки на ЕУ, каде Република Македонија има кандидатски статус и претензии да стане нејзина постојана членка. Покрај ова, неофицијално дознаваме дека во сите центри на ЕУ во кои Македонија има амбасадори, тие биле повикани на разговор за аферата 'прислушување', особено за прашањето на кои 'странски центри' мислел премиерот кога посочил дека виновници за прислушувањето се држави чија агенда ја одработувал Заев“, вели Ружин.

Тој објаснува дека се прекршени повеќе членови од Виенската конвенција, почнувајќи од Преамбулата, во која се истакнува дека „Конвенцијата има за цел да ги развива пријателските односи помеѓу државите“, потоа член 3, според кој државата домаќин „се обврзува да ги чува интересите на акредитираната држава“, како и член 24, според кој, „архивите и документите на мисијата се неповредливи“. Со членот 27, став 1, државата домаќин се обврзува да гарантира слободна комуникација на дипломатите со сите дипломатски лица и со државата, а според ставот 2, официјалната коресподенција е неповредлива. Во членот 30 се гарантира заштита и на другите дипломатски лица во мисијата, како во однос на документите, така и на коресподенцијата, а членот 31 гарантира и неповредливост на просториите на мисијата.

„Оттука е разбирлива реакцијата на амбасадорот Аиво Орав, кој заради прислушувањето на амбасадори на ЕУ поднесе протестна нота до МНР. Од аналитички аспект, нотата упатена до МНР прво значи дека е изгубен кредибилитетот на актуелната власт во Брисел. Тоа што нотата е упатена до државна институција - МНР, значи дека главниот осомничен е државата Македонија, односно нејзините служби во МВР. Прислушувањето на амбасадор кој претставува најголем авторитет на државата гостин, е рамен на прислушување на шефот на државата или владата кои ги претставува тој амбасадор. Прислушувањето се манифестираше за време на студната војна или меѓу моќни држави од двете страни на Атлантикот, но по паѓањето на комунизмот никој досега на ваков начин не ја нарушил довербата на ЕУ. Нема да се изненадам ако бидат преземени и други дипломатски иницијативи во насока на расветлување на овој настан“, вели поранешниот амбасадор.

Mazedonien - EU-Botschafter Aivo Orav
Аиво ОравФотографија: MIA

На 18 април годинава, изминуваат 54 години откако е донесена Виенската конвенција за дипломатски односи, која се смета за „Библија во дипломатијата“.