Разговорите во Брисел „плачат“ за повисоко ниво посредништво
31 март 2015Во голема дискреција и со договор разговорите да продолжат, вчера во Брисел заврши првата средба на претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ со европратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит, на која присуствуваа и Дејвид Кулен и Кристина Грау од Европската комисија. Во соопштението испратено од парламентарната тројка не се изнесуваат детали од средбата, туку само кратко се соопштува: „Сите учесници се согласија дека разговорите треба да продолжат“.
Неофицијално, претставниците на СДСМ - Радмила Шеќеринска, Рената Треневска-Дескоска и Виктор Габер, на одвоената средба со тројката ја образложиле неопходноста од формирање преодна влада и од оставки на државниот јавен обвинител и на раководството на јавниот радиодифузен сервис МРТВ. Барањето за преодна или техничка влада, пак, како целосно неприфатливо било отфрлено од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ - Никола Попоски, Никола Тодоров и Илија Димовски.
Договорот за целосна дискреција на разговорите во Брисел, ги разгори шпекулациите околу темите на разговор. Тоа беше повод СДСМ вчера да се огласи со кратка реакција во која се вели: „Гласилото на Никола Груевски, порталот 'Курир', ја лаже јавноста со информации што немаат никаква допирна точка со случувањата и разговорите во Брисел“. Се претпоставува дека реакцијата се однесува на тврдењето дека „европратениците побарале итно враќање на опозицијата во Собрание и прекинување со објавување на телефонските разговори“. Во недостиг од информации, аналитичари одбиваат јавно да ги коментираат разговорите во Брисел. Сепак, согласни се дека е илузорно да се очекуваат какви било резултати од првата средба, но сметаат дека посредништвото на парламентарната тројка не може да се смета за соодветна помош со оглед на длабочината на македонската криза. Во однос на шпекулациите, дел од нив посочуваат дека „практиката ќе ја открие тактиката“.
„Ако опозицијата одеднаш прекине со објавувањето на 'бомбите', или ако го стори тоа по една-две недели, тоа би било потврда дека такво нешто навистина било побарано од неа. Но, ако продолжи да ги објавува аудио-снимките, тогаш ќе паднат во вода сите шпекулации во таа насока“, вели нашиот соговорник.
ДУИ ја чека втората фаза
Демократската унија за интеграција која не учествуваше во разговорите во Брисел, вчерашниот ден го опиша како „голем ден за државата, бидејќи почнува дијалог кој треба да заврши со епилог прифатлив за сите политички страни“. Генералниот секретар на ДУИ, Абдулаќим Адеми, најави учество на партијата во „втората фаза“ од разговорите.
„Агендата на преговорите се‘ уште не е составена. Денеска тие само почнуваат. Во втората фаза, и ДУИ ќе им се приклучи на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ и на европските пратеници. Инсистираме и прашањето за името да биде дел од агендата. Тоа ни гарантира влез во НАТО, почнување на преговорите со ЕУ, добри меѓуетнички односи, економски развој, нови работни места. Затоа ова е едно од главните барања на ДУИ“. Тој се согласува дека аферата „Прислушување“ мора да се расчисти низ непристрасна судска процедура.
„ДУИ и натаму ќе се однесува одговорно и конструктивно и не сака да ја продлабочи кризата во државата. ДУИ ќе остане дел од Владата се‘ до моментот кога ќе оцени дека е потребно да биде во оваа Влада“, рече Адеми, но не сакаше да прецизира дали ДУИ поддржува преодна Влада или не. По прашањето за преодна влада својот став го соопшти амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет, во мини-интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. „Прашањето за можноста за формирање преодна влада треба да биде дел од разговорите меѓу двете страни“, рече Гарет.
„Не е до мене, како амбасадор на Велика Британија, да коментирам кое решение за оваа криза Македонија треба да го изнајде, но јасно е дека за тој конкретен пристап многу се зборува и треба да биде тема на разговори во процесот во кој двете страни ќе работат на изнаоѓање решение. Токму стигнувањето до решение ќе бара многу креативност, трпеливост, напорна работа, многу компромиси од двете страни и секако искрени разговори. Но, ако двете страни можат на тоа да се фокусираат и тоа да го разберат, да бараат долгорочна, стратегиска добивка, тогаш има добра шанса за постигнување решение. Содржината на обелоденетите разговори, како и самото прислушување се исклучително сериозни работи и бараат сериозно справување. Секако, добар почеток би бил коментар од владата за содржината на обелоденетите разговори и добар нареден чекор би бил дух на компромис, конструктивност, креативност од сите инволвирани страни на состаноците и дискусиите во обидите за наоѓање решение“, изјави Гарет.
Запрашан дали можат тројца членови на Европскиот парламент да помогнат во надминувањето на политичката криза во Македонија, британскиот амбасадор одговари: „Можат да помогнат, но овие тројца европратеници секако не можат да го донесат решението во целост. За тоа ќе бидат неопходни внатрешни чекори од главните актери во Македонија - да се сретнат и со конструктивен пристап и компромис за да се дојде до одржливо и логично решение“.
Повисоко ниво на преговарачи
Австрискиот експерт за Балканот, Флоријан Бибер, кој вчера во Скопје учествуваше на тркалезната маса „ЕУ и актуелната политичка криза во Македонија: влијание, вклученост, изгледи“, не верува дека може да донесат резултат разговорите во кои олеснувачи се тројца европарламентарци. Според него, неопходно е вклучување на ЕУ преку повисоко ниво - Федерика Могерини или Јоханес Хан. Тој потенцира дека обвинувањата до владата се сериозни и дека мора да има независна истрага, но од независно тело.
„Истрагата треба да ја спроведе независно тело бидејќи домашните судови немаат кредибилитет во регуларна процедура да прават истрага“, изјави Бибер.
Јавното обвинителство на РМ, кон средината на март испрати барање до ЕУ за меѓународен мониторинг во истрагите за „Пуч“ и „Прислушување“. Во писмениот одговор, кој деновиве бил испратен до обвинителот Марко Зврлевски, се наведува дека „Европската комисија, во моментов, нема да врши надворешната експертиза во содржината на која било поединечна кривична постапка“. Комисијата смета дека единствено надлежно тело да ја цени објективноста или транспарентноста на активностите на јавните обвинители е судот од прва инстанца и во случај на жалба - Апелацискиот суд.
Во дел од медиумите ваквиот одговор беше протолкуван како „потврда од Европската Комисија дека има целосна доверба во македонското судство“. Но, според дипломатски извори, мотивите се сосема поинакви.
„Ако е побаран мониторинг, во смисла на пасивно набљудување на одреден процес, кој, пак, од друга страна подоцна може да биде употребен како аргумент за активно легитимирање на одреден судски епилог, тогаш подобро е да го нема во предложената форма“, велат тие. Како аргумент за „непродуктивноста“ на пасивниот мониторинг, тие го наведуваат судскиот процес за случајот „Монструм“.