1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова ЕУ методологија: На испит лидерството на Емануел Макрон

БГ
7 февруари 2020

Дали со новата методологија на Европската комисија продолжува „падни-стани“ политиката на ЕУ на Западниот Балкан, или станува збор за пресврт? Коментаторите на германските весници имаат различно мислење

https://p.dw.com/p/3XP3h
Polen französischer Präsident Emmanuel Macron in der Jagiellonen-Universität in Krakau
Фотографија: AFP/L. Marin

Германскиот неделник Цајт оценува дека новите правила на Европската комисија конечно можат да ѝ го отворат патот на Северна Македонија кон ЕУ. Цајт разговара на оваа тема со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и оценува дека клучен сега може да биде исходот од изборите во Македонија.  

„Европа е понекогаш побрза, одошто многумина мислат. Неколку месеци откако францускиот претседател Емануел Макрон притисна за нови правила за идните членки, Европската комисија предложи длабоки реформи. Оние кои сакаат во ЕУ, во иднина ќе бидат построго оценувани. Преговорите за членство нема да водат само кон членство, туку може и да пропаднат. Доколку францускиот претседател ги прифати овие предлози, ќе ѝ биде ставен крај на кризата во Југоисточна Европа. И тоа ќе биде навистина добра вест од Европа.

Се работи пред сѐ за Северна Македонија. Земјата има само два милиони жители, но може да предизвика проблеми на југот на ЕУ. Во 2018 година, Грција и Северна Македонија му ставија крај на повеќедеценискиот спор околу името. Дел од компромисот кој го спонзорираше ЕУ беше влезот на Северна Македонија во НАТО и почеток на преговори со ЕУ“, пишува Цајт.

Сега, продолжува весникот, треба конечно да започнат преговорите за членство со Скопје, но и тука се исправени три пречки.

„На прво место: Емануел Макрон мора да ги прифати новите правила и истите да успее да ги продаде во Франција. Потоа ЕУ ќе може да ја ефектуира реформата пред самитот со земјите од Западниот Балкан во Загреб. Конечно, актуелната влада во Северна Македонија мора да победи на изборите на 12 април, за да ги спречи националистите да го саботираат процесот. Остануваат уште многу прашања, пред да бидат отстранети сите опасности. Но доколку се успее, ЕУ и Југоисточна Европа ќе направат еден голем чекор напред“, заклучува Цајт.

Покритички тонови кон новата методологија на Европската комисија интонира швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг (НЦЦ)

„Реформскиот пристап е несомнено исправен. Шансите се големи дека сега и евроскептичните членки на ЕУ, освен Франција уште и Холандија и Данска, ќе го прифатат. Но дали тоа ќе го смени трендот во балканските земји, чии општества речиси немоќно гледаат како се демонтираат демократијата и владеењето на правото?“, се прашува НЦЦ.

„Јадрото на проблемот се социо-економската стагнација, уништената средна класа и масовната емиграција на младите и добро образованите. Еден чист политичко-правен реформски процес не ги опфаќа тие проблеми. Она што им недостасува на земјите е граѓанско општество, кое ќе ги поттикне реформите и ќе ги исполни со живот институциите.

Што да се прави? Неопходна е брза интеграција во европските структурни фондови, образовна офанзива, и масовни инвестиции во енергетиката, сообраќајната инфраструктура и дигиталните мрежи, за да се сопре одливот на капитал и луѓе. Но тоа е утопија. Кризната ЕУ и нејзините членки не се во состојба за еден таков концентриран подвиг. За тоа недостасуваат политичка волја, пари и доверба во владите на земјите-кандидати. Европската падни-стани политика на Балканот продолжува и натаму“, коментира НЦЦ.

Весникот Зидојче цајтунг во коментарот на оваа тема оценува дека ЕУ испратила јасни сигнали до земјите од Западниот Балкан за нивната иднина, но сега мора и Емануел Макрон да заземе јасен став.

„Почетокот на пристапните преговори ни досега не значеше автоматски и членство. На сите земји од регионот им беше потребна барем една деценија за да ги исполнат условите; а на крајот тоа мора да го одобри секоја земја-членка. Новите критериуми притоа ги засилуваат најважните точки: владеењето на правото е уште повеќе во фокусот, а реформите ќе бидат наградувани преку побрзо вклучување кон програмите на ЕУ. Ова е мудар потег затоа што граѓаните можат да почуствуваат дека реформите се исплатат. Доколку една земја-кандидат особено профитира, надежта е дека тоа ќе биде пример за целиот регион. Особено Северна Македонија заслужува ЕУ да си го исполни своето ветување: Владата не само што спроведе реформи, туку и го реши спорот со Грција. Во обратен случај, ЕУ сака конзистентно да го казнува недостатокот на напредок или назадувањето. Оваа порака треба особено да ја сфатат  политичарите во Албанија и повеќе да се насочат кон владеењето на правото“, пишува Зидојче цајтунг.

„А што е со Емануел Макрон?“, прашува весникот во продолжение.

„Доколку тој верува во својата цел, дека ЕУ треба посуверено и поефективно да настапува во светот, тогаш таа мора да го стабилизира Западниот Балкан- а без веродостојна перспектива тоа е невозможно. А доколку Макрон навистина сака да биде политички лидер на Европа, тогаш не треба да бега од конфликт дома и притоа, и покрај анти-проширувачката реторика на Марин Ле Пен, треба да се залага за тоа Северна Македонија и другите да добијат шанса. За искористувањето на таа шанса и нивната модернизација, овие земји ќе треба самите да се потрудат“, заклучува Зидојче цајтунг.