1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Златната резерва на парламентот - 9 или 15 дена?

4 февруари 2020

И за да се купи дополнително време за работа на парламентот, без да се одложува датумот за избори, потребна е согласност од сите партии.

https://p.dw.com/p/3XEd4
Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

„Бегање од избори". Вака опозицијата ја оцени вчерашната изјава на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека ако опозицијата го блокира гласањето за предлогот на закон за Јавното обвинителство, тогаш распишувањето на изборите и распуштањето на парламентот ќе се одложат. Практично Заев не побара одложување на датумот на избори, туку на датумот за распуштање на парламентот, со цел Собранието да добие дополнителни 15 дена за усвојување на неколку важни закони. Таквата можност ја гледа во регулативата која предвидува дека изборите се распишуваат од 45 до 60 дена по распуштањето на Собранието. Доколку партиите се договорат изборите да се спроведат во рок од 45 дена, тогаш парламенот добива дополнителни 15 дена за работа, и не мора да се распушти на 12-ти февруари.

„Имаме простор од 15 дена за распишување на изборите и распуштање на парламентот, како што тоа го предвидуваат законите и Уставот“, изјави Заев. Потенцираше дека и тој посакува парламентот да се распушти на 12-ти февруари, но не доколку не се донесат некои клучни закони дотогаш.

NATO Gipfel in Brüssel Zoran Zaev Premierminister Mazedoniens
Заев: Ако некој го прекрши договореното, тогаш распишувањето на изборите нема да се случиФотографија: Getty Images/AFP/T. Zenkovich

„За мене е многу важно да се гласа во Парламентот за законот за Јавно обвинителство, а кога ќе се гласа, законот може да се донесе или да не се донесе, нема трета опција. Собранието треба да се распушти на 12-ти февруари. Ако опозицијата се обидува да го минира или блокира неговото донесување, односно гласањето, нормално дека Парламентот нема да се распушти додека не заврши процесот на изјаснување за законот за ЈО, за Протоколот за НАТО, за законот за одбрана и слични закони. Делот од агендата за која се договоривме е дека за овие законски решенија ќе се гласа до распуштањето на Собранието и распишувањето на изборите. Ако некој го прекрши договореното, тогаш распишувањето на изборите нема да се случи", рече Заев.

Повеќе:

Заев заминува од функцијата по две години и седум месеци

Шидер за ДВ: Изборите на 12 април се клучни за европската иднина!

Информирана Европската народна партија

Оваа изјава на лидерот на СДСМ наиде на бројни критики во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која тврди дека Заев бега од избори. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој од вчера со негови споратијци присуствува на собрание на Европската Народна Партија, ваквата оценка ја пренел и таму.

Aserbaidschan 2016 Aleksandar Nikoloski - PACE
Николоски: ЕПП ја информирав за состојбите во МакедонијаФотографија: picture-alliance/Pacific Press/A.Karimov

„На денешното Парламентарно Собрание на Европската народна партија информирав за состојбите во Македонија, лошата економија, криминалот и корупцијата, но и за обидот на Заев да избега од избори. Европската народна партија ја поддржува ВМРО-ДПМНЕ, избори мора да има и на нив ВМРО-ДПМНЕ ќе победи!", објави Николовски на Фејсбук.

Засега не е извесно дали законот за ЈО би можел да добие двотретинска поддршка во парламентот без гласовите од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија во повеќе наврати повторува дека не се согласува со предложеното законско решение за ЈО. 

„Потребно е квалитетно законско решение, а не онакво какво што власта турка на мала врата на само една и пол недела пред распуштање на Парламентот. Затоа за ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се робува на суетата на одредени министри и стравот на Заев од одговорност, е прифатливо законско решение кое ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавното обвинителство“, соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Џафери: Само ако се договрат партиите

И додека свесно или несвесно се игнорира разликата меѓу „одложување на датумот за распуштање на парламентот“ и „одложување на датумот за ибори“, останува нејасно кој како го третира временскиот максимум со кој парламентот може да „купи“ дополнително време за донесување на споменатите закони, без оглед каков би бил исходот.

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Џафери: Подготвен сум лично јас, како пратеник, да го поднесам предлогот за распуштање на парламентот на 12-ти февруариФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Заев се повикува на законот кој овозможува да се добијат дополнителни 15 денови, без да се одлага датумот за избори 12-ти април. Но, претседателот на Собранието, Талат Џафери, смета дека за неопходните дејства во изборниот процес не се доволни 45 дена, туку 51 ден. Џафери потенцира и дека каква била промена во однос на датумот за распишување избори и за распуштање на парламентот, може да се реализира само ако за тоа се договорат партиите.

„Како претседател на Собранието, треба да потпишам индивидуален правен акт за распишување на изборите, по што почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија. Невозможно е тие активности да се спроведат во период пократок од 51 ден. Затоа, во случај да има договор меѓу партиите за периодот во кој би биле донесени клучните закони, би можело да се направи отстапка од неколку дена во однос на датумот за распуштање на парламентот. Но, ако во наредните денови немам известување дека е постигнат таков договор, подготвен сум лично јас, како пратеник, да го поднесам предлогот за распуштање на парламентот на 12-ти февруари“, изјави Џафери за „360 степени“.

Извори од опозицијата за ДВ тврдат дека таму нема расположение да се гласа за предложениот закон за ЈО. Велат дека партијата не би прифатила ситни корекции на понуденото решение, туку инсистира да се добие квалитетен закон предложен од експерти, односно законско решение кое нема да служи за заштита на партиските интереси на поединци.