Нобеловата награда за мир за организација од Тунис
9 октомври 2015
Тунискиот Квартет за национален дијалог беше избран од Нобеловиот комитет „за својот одлучен придонес во изградбата на плуралистичка демократија“ во северно-африканската држава по револуцијата во 2011 година.
„Квартетот изгради алтернативен, мирен политички процес во време кога земјата беше на работ на граѓанска војна“, соопшти комитетот.
Наградата е голема победа за малиот Тунис, чија млада и нестабилна демократија преживеа два екстремистички напади годинава во кои загинаа 60 луѓе, а туристичката индустрија беше речиси уништена.
Демонстрантите во Тунис поттикнаа серија востанија ширум арапскиот свет во 2011 година во кои паѓаа диктатори и беше изменет традиционалниот однос на силите. Тунис е единствената земја во регионот каде со многу напор и тешкотии се гради демократија, и во која во дијалогот се вклучени широка лепеза политички и социјални сили со цел да се изградат уставни, законодавни и демократски институции.
„Повеќе од сѐ, наградата е наменета како охрабрување за тунискиот народ, кој, и покрај бројните предизвици ги постави темелите за национално единство за кое комитетот се надева дека ќе служи како пример кој ќе го следат и други држави“.
Квартетот за национален дијалог е составен од четири клучни организации во туниското цивилно општество кои ги опфаќаат синдикатите, индустријата и трговијата, човековите права и правото.
Комитетот соопшти дека наградата е доделена како целина, а не на поединечните организации.
Лидерот на туниската синдикална организација, Хусин Абаси изјави дека е воодушевен од наградата.
„Наградата е круна на повеќе од двегодишните напори од страна на квартетот кога земјата беше во опасност на сите фронтови“.
Одлуката на комитетот беше изненадување за многумина, имајќи предвид дека според шпекулациите наградата требаше да биде поврзана со европската бегалска криза или нуклеарниот договор меѓу Иран и САД.
„Тоа е многу добра награда затоа што погодува во срцето на конфликтот во муслиманскиот свет“, изјави Ојвинд Стенерсен, историчар на Нобеловата награда.
Изборот го поздрави и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер. „По посетата на Тунис во март го разбирам и поздравувам изборот“, твитна Јункер.
Изборот како „одличен“ го поздрави и германската канцеларка Ангела Меркел преку својот портпарол. Истовремено, тој ги демантираше и шпекулациите дека Меркел била номинирана за Нобеловата награда.
В понеделник ќе биде доделена и Нобеловата награда за економија.