Но, референдумот може да успее
2 август 2018Занесен во своите бујни фантазмагории, прогонуван од доверители на кои им должи илјадници евра, разочаран од средби со американски дипломати од понизок ранг, оставен сам на својата судбина, на чекор од самоубиство од кое по некое чудо ќе се појави ангел милозлив ... Не, не. Не е опис на моменталната состојба во која се наоѓа Премиерот, туку кус воведен синопсис од филмот „Анџела-А“ на Лук Бесон од 2005 година. Гледливо, црно-бело филмче за судбината на мал, симпатичен париски измамник, во очај надвиснат над романтичното мовче над Сена. За во судбински час небото да ја испрати Анџела, високата, белокоса вила спасителка ...
Шуќур, Премиерот не само што се нема качено врз оградата од Камениот Мост, туку сѐ уште покажува здрава доза на храброст под оган и покрај не толку поволните ветришта свртени против него. Разбирливо е, затоа што во таква ситуација тлее надежта дека Анџела Меркел ќе се појави како Deux Ex Machina во пресуден септемвриски час, и придружена од Трудо и Санчез ќе успее да ја убеди јавноста во она од што советниците на Заев направија повеќе штета отколку корист во придобивање поддршка од јавноста. Можеби Анџела ќе дојде. А можеби не. И дали е воопшто битно? Дали е веќе предоцна?
Парадокс
Канцеларката, па и останатите посакувани гости, се секако добредојдени во секоја прилика, посебно сегашната. А сепак, без трунка негостопримливост, не може, а да не се согледа парадоксалноста на таквата посета и севкупниот ангажман на западните партнери во кампањата на обезбедување поддршка за Референдумот. Парадоксот, троа комичен, е што западните претставници, денес и овде и малку предоцна се обидуваат да ги санираат последиците на сопствените кратковиди политики. Последицата, не баш комична, на тој парадокс е што противниците на нивните поддршки и Референдумот сега ги користат токму стратегиите и механизмите научени низ семинарите и тренинзите финансирани од нивна страна.
Колку за илустрација, деновиве во јавноста проструи веста дека опонентите на Референдумот веќе контактираат со редица анти-естаблишментски движења и струења, од двата радикални пола на идеолошката поделба ширум Европа. Ширејќи ја нивната визура за Референдумот, но и за делувањата на нивните дипломатии во земјата. За разлика од фотелјашкото тинк-тенковско мудрување на краватосаните „млади советници“, урбаната мангупарија полека си ја гради мрежата на поврзување со западните сомисленици и браќа по радикализам. А со тоа и идната база на делување во рамките на ЕУ. Што пак задира во многу побитниот аспект на нашите интеграции и ефектите од неа, посебно во светло на падот на популарноста на естаблишмент-партиите низ Европа и подемот на политички алтер-опции. Тренд кој и онака сѐ повеќе стекнува популарност и кај нас и ја става под знак прашалник мантрата за европската демократија од традиционален терк.
Клиентелистичките оптимисти од владините јасли веднаш ќе ја отфрлат и архивираат таа помисла во графата на вечен, бајат песимизам на Балканите. Се надевам дека на крајот на баладата ќе се докаже дека тие биле во право, јас во грешка. Но дотогаш, не ќе е претерано да потсетиме дека тој песимизам е помалку происход на замисла отколку на историска поука. Колку за илустрација, да потсетиме на болните сличности помеѓу денешниот Болен од Алпите и некогашниот Болен од Дарданелите, искуствата со некогашниот реформски Танзимат на Отоманијата и денешното Реструктуирање на Еуропијанијата, појавата на младотурците и подемот на неосуверенистите. За шнајдерските последици на Турција низ Балканот учевме од историјата, за сличните денешните шнајдераи во најава низ Балканот допрва се освестуваме.
Присуство во отсуство
По таа линија на иксуства од минатото, може да се каже дека Македонија е веќе навистина составен дел на европските политики. Проблемот со тоа наше присуство во отсуство и учество пред членство е што – како и пред сто години – ги споделуваме истите болести на заболените империи. Колку за потсетување, модернизмот (а со нив и национал-романтизмот) уследи како рефлекс на крахот на Отоманската и Австро-Унгарската империја. Постмодернизмот започна и замре со американско-руската Студена војна (а со нив и идејата на либерализмот). Денес, европската идеја тоне во прегратките на „течниот модернизам“ (Зигмунд Бауер) како нус-ефект на посттрансатлантизмот. Во кој денешната Македонија на апстрахирана сувереност, институционална анархичност и отсуство на барем еден асален кохезивен столб (сето претходно урнато од Груевски и Ахмети) е школски пример на „општество во течна состојба“ (Умберто Еко). Додајте ја на тоа етно-идентитетската конфузија на општеството, идеолошкиот токенизам на партиите, моралната конвертибилност на „елитите“ и нула-кредибилитетот на водството и веќе имате претстава во живо за теоријата на Бауман за „општество во течна состојба во кое луѓето лебдат, свесни за колапсот на некогаш семоќни институции и идеологии, без утеха и верба во традициите кои низ многу векови нудеа баланс".
Други колумни од авторот:
Засега (сеуште) без добaр наслов
Додека чекаме да не нападне Русија ...
Ескапизмот кон ЕУ и НАТО како општо популарен субститут за неизлечивоста на дегенерираниот систем долго време беше единствениот компас за надеж и спас од криминализирана до срж држава. Но што кога и таа сламка на надеж полека почнува да заличува на нашата реалност, кога дури и тотемите на надеж како Меркел и Макрон полека потклекнуваат пред подемот на европските верзии на „бранители", а на сцена маршира гневниот опортунизам, кој веќе се шири кон нас? И уште понепријатно, кога пред наши очи се отсликуваат последиците на ненаучените кенедиевски лекции дека „оние кои мирните промени ги прават невозможни, ги прават насилните промени неодминливи“.
Во оваа заклучна реченица се крие причината за песимизмот како дух на денешницата. Ова не е песимизам предизвикан од чувството дека проблемите денешни и наши се нерешливи, предизвиците ненадминливи. Напротив, и проблемите и предизвиците се од човека создадени и затоа од човека и можат да се надминат. Причината за песимизмот е што секој искрен напор внесен во желба за нивно решавање е однапред киднапиран, еднонасочно вперен и експлоатиран во прилог и за спас, но не на општеството, туку на сатрапите на општеството. Негирањето на правото и обврската на граѓанинот со своите дела да биде градител и корисник на општеството и неговото сведување на климоглавец по мерка на корумпираната елита, води кон чувство на немоќ, ампутирано достоинство, песимизам и на крај разурнувачки гнев. Притоа, односот кон опонентите како кон „губитници“ не само што не ја разводнува нивната моќ, туку ја бламира аурата на подржувачите како колонијално инсталирани „вечни победници“ во фалш-демократија, во која и изборите може да се сведат на „необврзувачки консултативни гласања“.
До септември и по него
Во духот на доминантниот песимизам, два месеца пред закажаниот Референдум, може да се каже дека тој е речиси веќе загубен. Оптимистичката верба е дека ќе биде протуркан по секоја цена и со „чаирски формули“ за победа, сѐ додека педантно се крие од јавноста вистинската цена која ќе уследи по неговото „успешно“ спроведување. Реалната оценка би била дека Референдумот има можност за легитимен успех и со дигестивно подносливи последици, единствено доколку мотивот за негова поддршка биде претходно проследен со ампутација на однапред капарисаните приватни профити. Поедноставено, познавајќи ги етаблираните модуси на владеење, тоа подразбира дека Заев и не мора да падне поради Референдумот, но сѐ повеќе личи дека Референдумот е на пат кон дебакл токму поради Заев и одиумот на јавноста кон него. Троа по сопствена, малку повеќе по вина на неговите соработници. Кои бесрамно очекуваат од оваа операција да си извлечат „и паре и јаре“. Расчистувањето со овие негативни фактори можеби би овозможило позитивно придвижување во полза на исходот. Се разбира, таквиот приод би имал смисла единствено доколку е проследено со јасна и јавна порака до Ахмети и Мицковски за конкретно и ефективно откажување од братствата со Муса и Сашо, Мерко и Грујо, поткрепено со конкретни санкции кон нив од страна на ЕУ и САД. Иако Мицковски во овој момент е клучниот фактор за судбината на Референдумот, неговиот обид за профитирање без санкционирање ќе биде подеднакво погубен како и оној на Заев кон сопствените „јарани“.
Колку и да е болна, дури незамислива, доколку се сака таа операција може да се изведе, за доброто на Македонија, на граѓаните, на ЕУ, НАТО. Но доколку не се сака, онака како што досега напати беше докажано од загрижените од Брисел и Вашингтон, тогаш сета владино-дипломатска наратива за Референдумот како предворје во рајот на ЕУ и раатот на НАТО е ништо повеќе од – простете ми на изразот – „гола вода“-пропаганда, шарена паралажа во која прашање е дали и самите тие искрено веруваат. Но затоа, треба да се укаже дека оние кои не сакаат да ги жртвуваат виновните, немаат никакво, па ниту морално право од невините граѓани да бараат пожртвуваност. Нивниот избор до Септември ќе биде пресуден за изборот на граѓаните на крајот на Септември.