1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фаталната баналност на Заев

26 јули 2018

Еден ден, не така далечен ден, Заев ќе биде принуден да се соочи со дилемата дали повеќе болеа жешките шлаканици на опонентите или пак милосрдните ножиња во грб од поддржувачите.

https://p.dw.com/p/327Nm
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Ројалистичката максима на Жак Малет де Пан дека револуцијата ги јаде сопствените деца, денес и овде се отсликува во уште една репризна поука за властодршците дека „ќе им дојдат до глава мангупите од сопствените редови”. Наивни испаѓаат очекувањата дека ова неодминливо проклетство на револуционерниот канибализам ќе нѐ поштеди баш нас, баш овде и баш Зоран Заев. Кој како последен од низата експоненти на клиентелистичкиот популизам, сѐуште самоубедено си мисли дека оние кои го носат врз рамиња и на раце го водат кон тронот на триумфот, а не кон политичката гилотина на поразот. Еден ден, не така далечен ден, Заев ќе биде принуден да се соочи со дилемата дали повеќе болеа жешките шлаканици на опонентите или пак милосрдните ножиња во грб од поддржувачите. Во оваа констатација нема никакво пророштво или мудрост, туку само искуство од неговите претходници и нивните каења и доцни памети за скапата цена на наивноста и арачот на сопствената преценета препреденост во итроманија. Неговото е сепак да си верува во она што посакува, нашето е да се укаже на трулежот во неговиот сопствен двор.

Цунами - скандали

Таа реа на трулеж исплива на површина по негова вина и сопствена превртливост во часот во кој претходно прелесно дадениот завет за давање оставка се пресврте во уште една вратоломија на веќе забегано апсурдните институционални салто-мортала. Според таа вратоломија, неуспехот на референдумот ќе се компензира со диктиран успех во Собранието, а не со негова оставка. Тоа беше замислената порака, која во ушите на граѓаните повеќе зазвучи како изнудено признание на паника, наслутен пораз и бегство од јамката која самиот Заев си ја стави околу сопствениот мандат. И на извесен начин ја разјасни и оргијата на иновативни корупциски скандали на неговата камарила. Во чија милост и зависност, според сопствено признание и заслуга, се има најдено самиот Заев.

NATO Gipfel in Brüssel Mazedonien Einladung zu Beitrittsgesprächen
Фотографија: Reuters/D. Zammit Lupi

Чинам дека премиерот сѐуште не успева да ја разбере длабинската ерозија на цунамито скандали на неговите најблиски соработници и последиците кои ќе уследат. Настрана што евидентната корупција на неговиот кабинет сѐ повеќе наликува на копирана судбина на Ципрас и аферата Новартис среде преговорите за името, најбитната негативна димензија што таа корупција ја банализира целосната наратива на Владата за спорот за името како последна пречка пред влез во валхалата на ЕУ и НАТО. Мислам, додека сите ние смртниците си мислевме дека Заев и  Рада и Филипче и Кочо и Бујар крв солзат и пот леат како ударнички Алија Сиротановиќи на пробивање тунели кон Европа, на крај испаѓа дека тие си ги бркале профитите и тендерите, снаите и зетовците. Таквата лицемерна ‘прави што велам – не прави што чинам' формула за мамење на сопствените граѓани не е ниту изум на Заев ниту новост за граѓаните, но секако е досега најциничната банализација на евро-атлантските процеси сервирана токму од оние кои сопствената смисла на владеење ја имаат изградено и експлоатирано до максимум преку ширење магли за „лидери у регионо”. По таквата манипулација, секое понатамошно владино килавење, цмиздрење, плачење, кукање, молење, преколнување, убедување дека оваа влада се жртвува за доброто на граѓаните е ништо повеќе од дрска, малициозна и сурова експлоатација на добрата волја на граѓаните. Дотолку повеќе што Заев можеше дебаклот да го пресврти во победа преку давање отказни решенија на сите инволвирани во корупциските скандали. Неговото одбивање јасно укажа што му е побитно во агендата на избор помеѓу корумпирани функционери, граѓани кои го донесоа на трон и патот кон ЕУ. 

Запрепастувачка леснотија

Баналноста на ситуацијата допрва се надополнува со народната мудрост дека тој што краде, не се либи и да лаже. Лично интуитивно, не сум сосема сигурен дека Заев е барем приближно свесен за имиџот кој доминира во јавноста како човек со ептен лежерен однос кон вистината. Таа интуиција дополнително доби на значење со паничната реакција на неговите соработници по барањата за објавување на текот на преговорите за името. Аргументациите за „деликатност на ситуацијата”, загриженоста за последиците кои ќе уследат во соседна Грција, патетичните завети дека „а бе на сила ќе ве опраиме па ако и изгинеме” уште повеќе го подгреваа сомнежот дали Договорот е сѐ и свја, или пак можеби „некое ливче зафалило некаде”. Таквата јалова „конструктивна тајновитост” во режија на власта дополнително ќе ја вжешти атмосферата на недоверба, ионака оптоварена со магловити претстави за ефектите на Договорот и сомнежите за искреноста на преговарачите. Која уште повеќе е подривана од страна на поддржувачиите на Договорот и нивните аргументации. Застрашувачка е леснотијата на пропагандната јавност во арогантно отфрлање на грижите на обичните граѓани кон прашањето на сопствениот интимен и/или групен идентитет. Запрепастувачка е моќта дадена во рацете на грст име-бранителски профитери кои сопствената карактерна аморфност пропагандистички насилно сакаат да ја наметнат не само како правило, туку и како стандард на модерност, прозападност, современост. Нивната дрскост се надминува единствено од хистеричните и веќе вулгарно одвратни пренемагања на „патриотите” со рака врз гради, центиметар над џебот во кој чмае пасапортот на Бугарија а во ушите одзвонува пораката од Софија дека „бугарскиот пасош подразбира бугарски идентитет”. Патем, би било интересно да се слушне ставот на Мицкоски по ова прашање.

Mazedonien Skopje Alexanderstatue
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Асмилиторски бумеранг по своја глава – од братска рака

Според сета оваа папазјанија на искрени загрижености и изглумени паничарења, единствениот конструктивен предлог за зачувување на барем трунка чист и неспорлив идентитет на рајата и паствата дојде од најнеочекуваниот бранител на македонскиот идентитет. Од Зијадин Села, во улога на македонски патриот. Неговиот предлог етничката определба да биде предзнак на државната припадност (додуша дадена во прилог на Албанците) е неочекувана, а сепак досега најконкретната индиректна и позитивна, правна и политичка потврда и за македонскиот идентитет како посебност. Идентификувањето со Albanian / Citizen of Nоrth Macedonia, Serbian / Citizen of NM, Roma / Citizen of NM, Turk / Citizen of NM ја легитимира, промовира и потврдува етничката зaсебност и национален идентитет на Macedonian како Citizen of NM. Дистинкцијата на етничкото го потврдува идентитот на себе и на другиот без да ја наруши унитарноста на заедничкото во државноста. Унифомирањето на етничкото во националното го обесмислува идентитетот на етничкото претопено во државно-административно кое е неисториско и политички менливо. Формула за која ниту самата Грција нема искажано противење, за разлика од нашата делегација која – зачудувачки и загрижувачки - тоа го има тврдокорно одбиено. Поедноставено, замислената асимилација вперена кон другиот може сосема лесно и сосема извесно да се пресврти во асмилиторски бумеранг по своја глава – од братска рака. Токму затоа, барањата за отварање на јавна дебата за процесот на преговорите се не само пред-референдумски навремени туку и неопходни за избегнување на предоцни каења и долгорочни гневови.

Претходни колумни од авторот: 

Додека чекаме да не нападне Русија ...

Трамп и Континенталниот Балкан

Е, сега е капитулација.

Едноокост на службените ставови

За разлика од овие домашно аранжирани баналности кои предизвкиуваат гнев и презир, надворешниот банален однос кон критиките за ендемската корупција е причина за депресија и разочараност. Колку и да се непријатни, можеме да го разбереме дискурсот на меѓународната и нејзината вревливост за криминалите на минатата и молкот за корупцијата на сегашната власт. Луѓе сме, нели, имаме разбирање за таквата едноокост на службените ставови. За жал, нема доволно високи октави во нашите повици до нивните замандалени уши дека молкот за корупцијата во кабинетот на Заев ја обесмислува и банализира надежта дека влезот во ЕУ и НАТО навистина ќе придонесе кон ставање крај на експлозијата на криминал и неказливост. Такавата сосема свесна хипокризија на западните дипломати е плодно тло за потсвесната резигнација на домашното население сведена на небитен картофел додаток во територијалната битност на земјата. Банализирањето на незадоволството на граѓаните од надворешната адвокатура на домашниот криминал неминовно ќе ја банализира и смислата на евро-интеграциите и надежта дека нешто навистина битно ќе се промени (на добро) со нашите членства во евро-атлантските институции. Доколку приодот на бриселите кон Македонија е сведен на стап за некогашната власт и моркови за сегашната власт, кој ќе ја сноси вината што се повеќе граѓани ќе реагираат со високо дигнат среден прст како кон минатите, така и кон сегашните, и посебно западните диктатори на неказливоста?

Омилената итроштина на Заев во глумење простодушно милосрдие дека „и Кочо, и Муки, и Филипче и Рада имаат деца, и тие треба да јадат” е веќе со истечен рок, паланечка итроманштина за пред задруга. Неговата „хуманитарна” грижа за дечињата на функционерите е скапо платена со бегство на дечињата на граѓаните кои се чувствуваат сираци во сопствената земја. Со амнестијата за сопствените корумпирани функционери, во очите на граѓаните Заев ја изгуби моралната предност пред Мицкоски и веќе не дава причина да биде сметан како агент на надежта. Јавноста ја разбра неговата порака за битноста на неговите партнери во злостор и небитноста на граѓаните како жртви на злосторот. Одговорот на оваа фатална баналност допрва ќе уследи, како ново поглавје во есента на Патријарсите.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач