1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нелсон Мандела во секого од нас

Клаус Штекер
18 јули 2018

Нелсон Мандела денеска ќе наполнеше сто години. Амбициозни политичари се трудат да префрлат дел од сјајот на неговата слава врз себе. Но, каде е Мандела во секого од нас, се прашува коментаторот Клаус Штекер.

https://p.dw.com/p/31dNk
Tribut für Nelson Mandela
Фотографија: picture-alliance/dpa

За Барак Обама, Нелсон Мандела бил „компас“ во неговата кариера. Во еден крикет-стадион во Јоханесбург Обама повторно зборуваше на оваа тема. За петцифрена сума долари можеше да се купи место на неговата маса. Историската оценка, накаде Манделовата магнетна игла го однела Обама, допрва претстои.

Ни Мандела не беше некој светец. Но, покрај него, секој славен се стопуваше на човечка димензија. Мандела почитуваше подеднакво музичари и претседатели, кралици и затворски чувари. По излегувањето од 27-годишен затвор, тој веќе беше познат бренд, светски идол, проектирачка платформа оптоварена со очекувања. Но за разлика од другите, тој поседуваше визија и морален компас, што Обама правилно го увиде.

Без гнев, и покрај бескрајниот затвор

Бескрајните затворски години Мандела ги опиша како „животен универзитет“. Во затворот тој не се претвори ниту во гневен човек, ниту стана популист. Таму се научи на дисциплина, понизност, трпение и толеранција. Дури и премногу од сево ова, му префрлаат денес радикалните ловци на гласачи како Џулиус Малема, партиски лидер на Борците за економски слободи, популарен меѓу загубарите во денешна Јужна Африка. Приврзениците на Малема проповедаат исклучително опасен контрарасизам, но имаат и силен аргумент: по две децении демократија, сѐуште сите Јужноафриканци немаат еднакви шанси. Никаде во светот јазот меѓу сиромашните и богатите не е толку длабок. Домашните елити и европските пратеници живеат во високообезбедени квартови и вили. Во „Gated Communities“, херметички изолирани и надгледувани мини-рајови. На најниската скала на економијата, мештаните и мигрантите водат брутална, ксенофобна конкурентска борба.

Ние на Запад не сме толку многу оддалечени од тоа. И во Европа никнуваат елитни населби, богатите се изолираат, средната политички коректна класа подига куќи во посебни квартови, додека цели делови од градовите мутираат во социјални жаришта и настануваат паралелни светови. Рововите меѓу сиромашните и богатите се прошируваат. Во Германија, каде даночните приходи претекуваат од касите, од образованието профитираат елитите. Децата од социјално слаби семејства од раѓање каскаат зад нив и никогаш не успеваат да го достигнат заостатокот. Ако Германија не може да го намали овој јаз, како тоа ќе им успее на помалгу богати општества?

Stäcker Claus Kommentarbild App
Клаус Штекер

Напредок на егозимот

Низ цел свет идеалите на Мандела денес удираат во бетонските ѕидови на егоизмот. Во неговата сопствена земја, до неодамна еден цел претседателкси клан бесрамно ги црпеше државните резерви. Од Анкара преку Будимпешта и Москва па до Вашингтон, егоманијаците го одредуваат курсот. Паралелно со тоа, се чини дека децениски успешниот успешен модел, составен од социјална пазарна економија и претставничка демократија, како да се излизгува од рамнотежа, општествениот кит попушта и се рони. 

Се разбира, секое општество треба да си го постави прашањето - во колкава мерка може да биде великодушно. Дали  некој го искористува. Дали се почитуваат неговите закони и правила. Колкави слободи може да си дозволи. Дали правото на азил не им користи на погрешни луѓе. Но, дебатата за миграцијата во Европа се претвори во дискусија чисто за распределба на бегалците, во механизам за самозаштита. Подигање високи ѕодови и затворање очи! А потоа сепак самонаоѓање во некој јога-курс.

Општествената реторика не се труди дури ни да го прикрие антисолидаризирањето. Политичкиот јазик стана неприкриено суров и делумно човечки потценувачки. Фрапирачка е нашата антипатија кон страдањата на другите.

Повеќе: 

Времето кога Мандела беше сметан за терористЈужна Африка: Ѕвона за тревога на годишнината од смртта на Мандела

Мандела- икона, бренд, мит

Колку солидарен може и сака да биде светот?

Ниеден подигнат ѕид не може да го запре копнежот по подобар живот. Секако, не може секој да избега, решенија мора да се бараат на теренот. А буџетот на германскиот министер за развојна помош никогаш нема да биде доволен за сето тоа. Големото Мандела- прашање на денешницата гласи: колкава солидарност сакаме и мораме да прикажеме?

Најголемата заслуга на Мандела е неговото излегување од идеолошките шаблони. Способноста да се слуша другиот. Различното мислење да не се смета за непријателство. На таков начин, тој им стана пример на белците како и на црнците, на комунисти и претприемачи, на калвинисти и муслиман. Секојдневно треба да жалиме што веќе не постојат луѓе како Мандела. На меѓународниот Мандела-ден меѓутоа можеби е доволно едно едноставно прашање: колку Мандела егзистира во секого од нас? За што сме спремни да се ангажираме? Дали сме подготвени да ја делиме нашата благосостојба? Колку сме спремни да дадеме? Или сепак сакаме порадо, туркајќи се со лактите, да се спасиме во добро обезбедена тврдина?