1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јужна Африка: Ѕвона за тревога на годишнината од смртта на Мандела

Клаус Штекер/ Жана Ацеска5 декември 2014

Шест минути и седум секунди ѕвонење на ѕвоната и завивање на сирените, симболично ги одбележуваат 67 години кои Нелсон Мандела ги помина служејќи и‘ на земјата, како илегален активист, како затвореник и како политичар.

https://p.dw.com/p/1Dzje
Фотографија: Reuters

Сакала ли фондацијата „Нелсон Мандела“ или не: звуците на вувузелите, сирените и ѕвоната на годишнината од смртта на бившиот претседател многумина ги доживуваат и како знак за тревога. Дваесет години по првите слободни избори, демократијата во оваа земја е пред голем испит.

На 13 ноември 2014 година во парламентот на Јужноафриканската Република се случи скандал. Пратеникот од опозициониот Демократски фронт, Нгванамакветле Машбела го нарече претседателот Џејкоб Зума „крадец“ и „криминалец“, не ни помислувајќи да ги послуша повиците на претседателот на парламентот да го прекине излагањето. „Не повлекувам ни збор од она што го реков“, без прекин повторуваше Машабела.

Наместо да ја прекине дебатата, владејачката партија АНЦ и претседателот на парламентот Седрик Фролик повикаа полиција. Во парламентот упадна специјална единица, дојде до турканици и тепачки. Подоцна се дозна дека имало и скршени носови и крв. На телевизијата која ги пренесува собраниските седници, сликата остана замрзната, но се слушаше тонот: „Не допирајте ме! Тргнете се!“. Потоа, некој извика на цел глас во микрофонот: „Срамота! Доведоа полиција во парламентот!“

Südafrika Parlament in Cape Town Screenshot Chaos
Хаос во парламентотФотографија: YouTube

Демократијата на раскрсница

Опозиционите партии Демократски фронт (ЕЕФ) и Либерално-демократска алијанса (ДА) кои имаат 29 проценти од пратениците во парламентот, ретко кога биле толку единствени. И едната и другата сметаат дека станува збор за „уставна криза“.

Да беше Нелсон Мандела на власт, такви сцени во парламентот би биле невозможни, веруваат активистите за заштита на човековите права, како Лосон Најдоо: „Ние сме на раскрсница. Не само парламентот, туку под притисок се и други демократски и институции на цивилното општество.“

Најдоо е лидер на „Советот за унапредување на уставот“, КАСАК. Таа организација собира многумина незадоволни од ситуацијата. Меѓу нив се и бројни членови на владејачката АНЦ, зашто во рамките на партијата не им успева контрола врз претседателот Џејкоб Зума. Во прашање е, меѓу другото, и аферата наречена „Нкандла гејт“. Претседателскиот имот Нкандла, во неговото родно место, е санирано на државен трошок на луксузен начин, иако таму требало да се финансира само подобрувањето на мерките за безбедност. Ополномоштеникот за прашања на граѓаните, Тули Мадонсел, по темелната истрага дојде до заклучок-Зума на даночните обврзници треба да им врати голем дел од трошоците за санацијата. Пратениците на владејачката АНЦ во парламентот формираа истражна комисија, но таа го ослободи Зума од било какви обврски и ги отфрли сите обвинувања.

12.2013 DW Liveübertragung Trauerfeier Nelson Mandela Portrait
Нелсон Мандела

Недостига јасен политички правец

Опозицијата ова го квалификува како злоупотреба на парламентарното мнозинство и обична фарса. На Јужноафриканската Република, убеден е правникот Најдоо, итно и‘ е потребен не само претседател, туку и компетентен државен врв, кој ќе има јасна политичка линија: „Потребна ни е паметна политичка култура на сите нивоа. Таа мора да му служи на општеството според вредностите и уставните принципи. Потребна ни е влада која ќе биде транспарентна и отворена, а не влада која застапува партиски интереси и која своите членови ги штити од законот“.

Дури и политичарите кои се веќе казнувани, остануваат на функциите ако имаат „вистинска“ партиска книшка. Незадоволството во народот расте, особено што владејачката АНЦ не успева да ги оствари своите ветувања, на пример она за сменувањето на стапката на невработеност меѓу младите. Паралелно со тоа се влошува и состојбата во економијата, а климата за инвестирање е се‘ полоша. Еден од најмоќните деловни луѓе во земјата, Џоан Руперт, неодамна предупреди оти државата полека се лизга во банкрот.

Südafrika Kapstadt Protest Partei EFF
Протести за поголема демократијаФотографија: picture-alliance/dpa/Nic Bothma

Сведок на тие спротивставени политички струи беше и германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, кој на крајот на ноември ја посети Јужноафриканската Република. Владејачката партија пред него се правдаше поради ситуацијата во стопанството, но и поради социјалната политика.

„Се разбира дека се надевам оти оваа дискусија да доведе до резултати кои нема да бидат повод за конфликти и кои нема целата земја да ја турнат во турбулентни процеси“, нагласи Штајнмаер на крајот на посетата.

Помладите жители на Јужноафриканската Република помалку се загрижени од политичката криза. Зама Мојо студира политички науки на универзитетот во Јоханесбург, каде студирал и Нелсон Мандела. Зама се надева дека звуците на вувузелите, сирените и скандалот во парламентот стигнуваат во вистински момент. Тој верува дека демократијата добила „инјекција за оздравување“. Кај народот се разбуди големо интересирање за парламентарната дебата и политичките прашања“, вели Мојо. Тој не верува дека демократијата во земјата е вистински загрозена, туку дека се наоѓа „во прилично добра состојба“. Една година по смртта на Мандела, некои граѓани на Јужноафриканската Република не би се сложиле со таков заклучок, но многумина се надеваат барем на крајот тоа сепак да се покаже точно.