Неидентификувани летечки објекти на небото над нас
18 мај 2022Информациите за големиот број неидентификувани летечки објекти (НЛО) во последните години ги збунуваат американските власти, покажа првото сослушување на оваа тема во американскиот Претставнички дом во последните 50 години.
Заменикот директор на тајната служба на американската морнарица (ОНИ), Скот Бреј, изјави дека од раните 2000-ти се забележува „растечки број на недозволени и/или неидентификувани летала или објекти“. Меѓутоа, неговата институција нема индиции дека меѓу неидентификуваните небесни објекти има такви кои се со вонземско потекло.
Подобри сензори
Зголемениот број информации за НЛО се должат на подобрите сензори и новите летечки системи како што се дроновите, вели Бреј. Во меѓувреме, армијата бара инфоирмација за она што се набљудува, за разлика од порано, кога ваквите работи беа стигматизирани. „Пораката сега е јасна - кога нешто ќе видите, мора да го пријавите.“
Претседателот на Комисијата за одбрана од шпионажа, Андре Карсон, рече дека НЛО се „необјасниви“, но се „реални“ и „мора да се истражат“. Пратеникот Питер Велч забележа: „Никој не знае дали постои живот надвор од Земјата. Универзумот е голем и би било прилично дрско да се извлекува недвосмислен заклучок.“
Триаголен лебдечки објект
Во јуни минатата година американските тајни служби презентираа извештај за НЛО. Тој покажа дека нема објаснувања за околу 140 небесни феномени од изминатите две децении. Според Бреј, бројката сега е околу 400.
- повеќе: Извештај на Пентагон за НЛО: Аларм на небото – Кинези? Руси? Вонземјани?
Бреј на сослушувањето покажа две видеа. Едно од нив, рече тој, покажува „топчест објект“ кој лета покрај пилотската кабина на борбен авион. „Немам објаснување што е овој конкретен објект.“ Второто видео покажа триаголен лебдечки објект, забележан со очила за ноќно гледање. Неколку години подоцна, морнарицата забележала слични нешта.
Бреј ги опиша објектите како „беспилотни воздушни системи“. На потпрашања додаде дека досега немало судир на американски борбени авиони со непознати објекти, но „имавме најмалку 11 'речиси судири'“. Според Бреј, досега немало комуникација со објектите и американските вооружени сили во ниту еден од случаите не пукале кон НЛО.