Извештај на Пентагон за НЛО: Аларм на небото – вонземјани?
26 јуни 2021Американската влада го објави извештајот во кој се содржани околу 140 „небесни феномени“ од изминатите две децении, за кои барем досега немаше објаснување. Нема докази дека зад неидентификуваните феномени во воздухот, набљудувани меѓу другото и од пилоти на американската војска, се крие тајна техника од Русија или Кина или пак вонземјенски летала, но тоа исто така не е и исклучено, се вели во извештајот кој вчера го објави американското Министерство за одбрана во верзија од девет страници за јавноста, означена како привремена оценка.
Само еден од 144 истражувани феномени моел да биде идентификуван, имено како „балон кој испушта воздух“, а за сите други моментно нема објаснување. Од нив 18 случаи се однесуваат на невообичаен тек на летање на објект или необјасниви карактеристики на летот.
Повеќе на темата:
Што ли ќе содржи американскиот извештај за НЛО?
Разјаснета тајната на НЛО во Америка
Проблем при испитувањето биле и непрецизните и недоволни податоци, се вели во извештајот, во кој се констатира и дека овие феномени можат да претставуваат опасност за безбедноста на воздушниот сообраќај, но евентуално и национален безбездонсен ризик за САД. Од таа причина е констатирана потреба од подготвување план за подобро истражување и разјаснување на овие феномени.
Извештајот, кој е резултат на заедничка соработка меѓу Министерството за одбрана на САД и тајните служби, се очекуваше со голема возбуда. Поранешниот претседател Барак Обама беше исто така меѓу оние кои ја подгреаја фасцинацијата со изјава во едно свое ТВ шоу дека „постои фотографски материјал и снимки за објекти на небото за кои не се знае точно што се. Можеме само да пренесеме како се движеле, по која патека летале. Но, за нив едноставно нема објаснување.“
Американскиот сенатор Марк Вернер, кој претседава со Комисијата за тајни служби на Сенатот, на Твитер напиша дека извештајот за НЛО е „претежно без резултат“, но означува почеток на напорите за разјаснување на овие феномени.