Недела на одлука во Лондон - повторно!
21 октомври 2019Британскиот премиер Борис Џонсон се чини е многу лош губитник. Откако во „супер саботата“ во парламентот сѐ падна во вода, неговите писма испратени до Брисел за одлагање на рокот предизвикаа потсмев и смеа. На социјалните мрежи се ширеше хаштагот „писмо до г. Туск“, во кој граѓаните нудеа да се потпишат наместо Џонсон на писмото до претседателот на Европскиот совет. Други под овој хаштаг побараа дваесетгодишен рок за Брегзит, со што конечно би имало доволно време да се дојде до договор за излез од кризата.
Овој понеделник треба шкотскиот суд да одлучи дали премиерот е виновен за непочитување на парламентот и законот кога испратил писмо за продолжување на рокот, во кое тој ги замолува лидерите на ЕУ да нема повеќе одлагања. Тоа „не е во интерес“ на двете страни.
Повеќе:
Веќе видено - на Џонсон му е потребно чудо
Џонсон постигна нов договор за Брегзит со ЕУ
Следен круг на гласање
Но, судскиот спор е само странична работа: лидерот на пратеничката група на Ториевците во Долниот дом, Џејкоб Рис-Мог, се заложи за повторно гласање на договорот за Брегзит со ЕУ. Сепак, има голема скепса околу тоа дали спикерот Џон Берков ќе дозволи ова да помине, бидејќи второто гласање треба да служи само за да се смени одлуката од саботата.
Берков уште минатата зима ѝ објасни на Тереза Меј дека не може бесконечно да се гласа во парламентот за истиот предлог сѐ додека не се дојде до посакуваниот резултат. Таа тогаш три пати се обиде и не успеа да добие поддршка од парламентот за нејзиниот договор. И додека мандатот на спикерот завршува на крајот од месецов, нему веројатно му е сеедно дали ќе си го навлече на себе гневот на конзервативците. Се очекува дека ќе му покаже црвен картон на Борис Џонсон.
Во неделата двајца водечки Ториевци излегоа во јавноста со тврдење дека го собрале потребното мнозинство гласови за договорот да помине во парламентот. Прво виц-премиерот Мајкл Гоув на еден начин се закани дека ќе мора забрзано да се започне за подготовките за Брегзит без договор, доколку парламентарците сега конечно не кажат „да“. Истовремено, министерот за надворешни работи Доминик Раб изјави дека сега е обезбеден потребниот број гласови за победа во Долниот дом. Освен тоа, тој ги отфрли обвинувањата на Лабуристичката партија дека со Брегзит се повредени работничките права.
„Работодавачите се безбедни со конзервативната влада“, рече тој. Според анализите на повеќе британски весници, соодносот е сѐ уште екстремно тесен – ако само двајца пратеници го променат ставот, исходот може да се промени. И покрај тоа што поголемиот дел од водечките бунтовници од редовите на Ториевците во меѓувреме се изјаснуваат дека му даваат поддршка на Џонсон.
Се заканува супер-вторник
Можно е сценарио во вторник во парламентот прво да се најде законот за истапување, со кој треба да се спроведе Брегзитот. Тоа пак, за разлика од меѓународниот договор со ЕУ, на опозицијата ѝ дава многу прилики да го дотера со амандмани и барем да влијае на формата на истапувањето од Унијата. Пратениците би можеле да го обврзат Борис Џонсон по истекот на преодниот период со ЕУ да формира царинска унија. Или пак да го примораат во секој случај да го задржи „level playing field", односно изедначувањето на правила и прописи кои го регулираат пристапот до внатрешниот европски пазар. Можно е на крај уште еднаш да се провери дали сега постои мнозинство за втор референдум. По долго натегање Лабуристите се одлучија да се приклучат на барањето. Ако ништо друго не помага, шкотската национална партија СНП се заканува со барање за гласање доверба за да предизвика пад на владата на Џонсон. Нему пак тоа може да му дојде како нарачано. Имено, ако парламентот го натера на пријателски кон ЕУ настроен Брегзит, ќе ги загуби хардлајнерите и тогаш не му преостанува друго, освен да бара нови избори. Борбата за Брегзит значи неделава одново почнува. Двете страни сѐ уште се гледаат од рововите, а опозицијата има подготвено пакет изненадувачки предлози за да ја закова владата и да ѝ го оневозможи Брегзитот. И натаму сѐ е отворено: дали воопшто ќе успее Брегзит до 31 октомври, дали Борис Џонсон до крајот на неделата ќе може да остане премиер и дали пратениците ќе се согласат со говорот на Кралицата од минатата недела. Веројатно нема.
ЕУ повторно би го продолжила рокот….
И покрај лутењето на францускиот претседател Макрон, јасно е дека ЕУ би дозволила повторно одложување. Европејците не сакаат да изгледаат како да се нетрпеливи да ја поттурнат Велика Британија во бездна. Финскиот премиер Анти Рине, кој во моментов претседава со Советот на министри, веќе го најави тоа меѓу редови. Секако, за тоа треба да има добра причина, како на пример избори или втор референдум, но и онака е тешко предвидливо како нештата би продолжиле да се развиваат без едната или другата опција.
„Не го трошете вашето време", предупреди Доналд Туск кога пролетоска на Тереза Меј ѝ даде дополнителни шест месеци. Но, се случи токму тоа - тие го прокоцкаа и продолжението. Парламентот денес е исто толку далеку од изнаоѓање решение како што беше и тогаш. ЕУ е ужасена од британското самоуништување и си посакува драмата веќе еднаш да има крај. Во секој случај, за одлуката за продолжување на рокот ќе ѝ треба време, сѐ до два дена пред актуелниот датум за Брегзит. Повторно растат тензиите кои минатиот месец беа амортизирани. Човек треба да провери во обложувалниците како стојат шансите за Брегзит за Ноќта на вештерките.