1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Веќе видено - на Џонсон му е потребно чудо

Барбара Везел
18 октомври 2019

ЕУ по втор пат со британската влада дојде до договор за истапувањето на Велика Британија и повторно е неизвесно дали парламентот во Лондон ќе даде согласност за договорот. Драмата уште не е завршена, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/3RV4i
Belgien Brüssel EU Gipfel | Boris Johnson und Jean-Claude Juncker
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Повторно постигнаа договор, ЕУ и британската влада. Во Кралството возбудата е голема, во Брисел владее чувство на дежаву. Токму на оваа точка веќе еднаш беа стигнале, пред една година со Тереза Меј. И изгледите повторно не се сјајни договорот да помине на следната седница на Долниот дом. Многу пратеници имаат задршки бидејќи сакаат да останат во ЕУ, или пак заради идната позиција на Велика Британија, која Борис Џонсон ја гледа уште повеќе оддалечена од Европа отколку неговата претходничка.

Многу врева за ништо

И во вториот круг преговори беше тешко да се најде согласност. А, ја овозможи ирскиот премиер откако на британскиот колега му предочи креативно решение за проблемот со Ирска.  Борис Џонсон  сфати дека со оглед на политичката распределба на силите во Лондон,  Брегзитот би бил возможен само со договор. Па така заборави што зборуваше до вчера и сите позиции за Северна Ирска кои Тереза Меј донеодамна жестоко ги бранеше. Тоа што сега е договорено има големи сличности со стариот северноирски т.н. бекстоп, кој ЕУ првично го имаше предложено за да се избегне тврда граница на островот.
Двете страни направија отстапки, Британците неколку повеќе. ЕУ дозволи британската провинција формално да истапи од царинската унија. Лондон пак мораше да прифати дека Северна Ирска фактички и натаму мора да се придржува до европските правила за да остане статусот кво од обете страни на границата.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Притоа не се работи само за економија и трговија, туку и за идентитет, припадност и секојдневието на луѓето во регионот. Европејците и владата во Даблин се задоволни со таквото решение. ЕУ во „ситно печатеното” внимателно се погрижи да може и фактички да ги спроведува своите права. Севкупно добар договор за Брисел, кој истовремено на Борис Џонсон ќе му овозможи да се фали со успехот дека сега ќе го извади цело кралство од ЕУ и дека тоа во иднина ќе може повторно да ја преземе контролата над сите нешта. Тоа едноставно е составен дел од Брегзит пропагандата, без разлика колку реално држи вода.

Неизвесно е дали ќе има согласност

Договор има, но изгледите да добие согласност од британскиот парламент се лоши. Ако северноирската партија ДУП не каже „да” бидејќи отстапките и` одат предалеку, Џонсон би можел да изгуби уште неколку Брегзит хардлајнери. Дали ќе може повторно да ги придобие Ториевците кои неодамна арогантно ги исфрли од партијата, исто така е под знак прашалник, а опозицијата со неколку исклучоци секако е против. Можеби на Џонсон до недела ќе му успее чудо, инаку темата Брегзит на која ЕУ би сакала да и` стави крај, повторно ќе се најде во Брисел на дневен ред.

Кавгата за Брегзит не е завршена, напротив

Едно од лажните ветувања на Брегзит беше и тоа дека со истапувањето тој е завршена работа.  Многу граѓани на Велика Британија  се надеваат на тоа. Но, тоа е лажен заклучок зашто дури по Брегзит ќе ги стаса реалноста. Преодниот рок е една година. Ако владата во Лондон не го продолжи, падот во неизвесноста ќе следува потоа. Сите аспекти на идните односи ќе мора да се преговараат наново – од авиосообраќајот до дозволи за камиони, или соработка во науката и безбедноста. Се работи за лажен мир, кој сега им се сервира на Британците. Особено преговорите за слободна трговија, каде Џонсон сака што е можно помалку интеграција, би можеле да станат жолчни. ЕУ покажа дека ништо не дава на дар. Британците мораат на избори да решат дали иднината навистина сакаат да си ја кројат според моделот „Сингапур на Темза”, со кратење на протекционистички права и дерегулиран финансиски пазар, или не. Прашањето е дали сакаат чисто неолиберален-англосаксонски модел или повеќе европски за економијата и животот. Британците уште имаат шанса да ја избегнат трката кон дното во која ги води Џонсон.