Повик за дипломатски бојкот на Олимпијадата во Пекинг
28 јануари 2022Неколку дена пред почетокот на Зимските Олимписки Игри во Пекинг, широк сојуз на меѓународните активисти за човекови права и други невладини организации ги повикаа владите ширум светот да се приклучат кон дипломатскиот бојкот на големиот спортски настан.
„Зимските Олимписки Игри во Пекинг ќе бидат отворени и покрај злосторствата против човештвото и другите сериозни кршења на човековите права извршени од кинеската влада“, се вели во заедничката изјава на групата во петокот.
„Не е возможно Олимпијадата да биде 'сила за добро', како што тврди Меѓународниот олимписки комитет, сѐ додека владата домаќин врши ужасни злосторства што го прекршуваат меѓународното право“, рече Софи Ричардсон, директорка на кинескиот огранок на „Хјуманс рајтс воч“.
Сојузот го истакна третманот на етничките и на верските малцинства од страна на кинеската влада и укажа на прогонството на активистите за човекови права, феминистките, адвокатите и новинарите од страна на Кина под раководство на претседателот Ши Џинпинг.
Пекинг се најде на удар на критики од странство поради угнетување на Ујгурите и неговите антидемократски дејствија во Хонгконг. Неколку земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Австралија, најавија дипломатски бојкот на Игрите.
Но, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и рускиот претседател Владимир Путин се на списокот на гости кои треба да присуствуваат на церемонијата на отворање на Зимските Олимписки Игри во Пекинг на 4-ти февруари.