1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нафтено ембарго: ЕУ демонстрира едвај постигнато единство

Бернд Ригерт
1 јуни 2022

ЕУ на самитот во Брисел ѝ удоволи на Унгарија, донесувајќи долука за половично нафтено ембарго против Русија. Единството на Унијата е зачувано со мака. Што може натаму да се очекува?

https://p.dw.com/p/4C7II
Belgien Brüssel | EU Gipfeltreffen - Viktor Orban
Фотографија: Nicolas Landemard/Le Pictorium/IMAGO

До крајот на годината, според постигнатиот компромис, ЕУ би требало да престане да купува руска нафта испорачувана по морски пат.

Унгарија, Словачка и Чешка во почетокот ќе бидат изземени од ембаргото на ЕУ на руската нафта, која се испорачува преку нафтовод. Патем, Бугарија и Хрватска исто така бараа и добија исклучок за себе – подолг преоден период за нафтено ембарго.

Најважен резултат од самитот во Брисел: зачувано е  единството на ЕУ  и задржана способноста за дејствување. Олеснување на сите страни. 

Добар покер 

Тоа беше „типичен  преговарачки покер на ЕУ  кој на крајот успева“, смируваат некои ЕУ-дипломати. Други гледаат прилично јасни пукнатини во единството на ЕУ.

Се чини дека украинскиот претседател Володмир Зеленски мораше да ги опомене учесниците на  самитот на ЕУ  да се реши спорот околу ембаргото на нафта. „Интерните спорови доведуваат само до тоа Русија да го зголеми притисокот врз Европа“, изјави Зеленски во видео-пораката.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја повлече заканата со вето, ослободувајќи го патот за шестиот пакет драстични санкции против Русија, која веќе три месеци води војна во Украина. Орбан во вторникот имаше роденден, и за возврат доби голем политички подарок од ЕУ. Тој со недели успешно одолеваше на заострени санкции против Русија, зашто неговата земја е целосно зависна од нафтоводот „Дружба“, со кој Советскиот Сојуз ги снабдуваше бившите братски комунистички држави.

Летонскиот премиер Крисјанис Каринс вели дека е јасно – Русија би била погодена само со целосно ембарго. 

„Потребни ни се целосни и итни санкции за јаглен, нафта и гас. Заедно ќе напредуваме колку што е можно. Важно е да останеме заедно, да сме единствени“. Каринс зборуваше за „фантастичен чекор“ во вистински правец за на Русија да ѝ се отежне финансирањето на војната.

Украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелник, нафтеното ембарго го нарече „половина чекор“. Украинските политичари непрекинато критикуваат што премногу пари од енергетските бизниси продолжуваат да течат во руската воена каса. 

Ефектот на санкциите врз Русија и ЕУ 

Меѓутоа, ефектот на ембаргото кое се однесува само на танкерите е ограничен. Во целост ембаргото ќе стапи во сила на крајот на годината, со што Русија би загубила две третини од извозот на нафта во ЕУ, што според проценките на агенцијата Блумберг, би резултирало со губење од околу десет милијарди долари за Русија.

Рускиот извоз на нафта ќе се намали за 10 % од претходниот обем, дури кога Германија и Полска доброволно престанат да купуваат сирова нафта од нафтоводот „Дружба“ – како што веќе најавија.

Михаил Крутихин, експерт за нафта од Осло, за ДВ проценува дека загубата на приходи за рускиот буџет ќе биде уште поголема: Русија идната година би останала без околу 25 % од приходите – околу 50 милијарди долари. Тешко е да се продаде нафта во Азија.

Други економисти истакнуваат дека не постои директна врска меѓу енергетскиот бизнис и финансирањето на руската агресорска војна. Војниците и оружјето произведено во Русија и натаму се плаќаат во рубљи, кои Кремљ може да ги печати преку Централната банка.

Она што е меѓутоа извесно е дека поради ембаргото – цените на енергенсите за потрошувачите во Европа ќе продолжат да растат и инфлаторниот притисок нема да се намали. 

Belgien Brüssel | EU GIpfeltreffen - Olaf Scholz
Германскиот канцелар Олаф Шолц на самитот на ЕУ во БриселФотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP/picture alliance

Во поглед на енергијата, работите стануваат сериозни 

Претстојат натамошни тестови за единството на ЕУ- зашто, колку има повеќе санкции во енергетскиот сектор, последиците за државите во ЕУ се потешки.

Виктор Орбан  повикува на внимателно размислување за последиците од санкциите: „Енергијата е сериозна работа. Тоа не е детска игра. Тоа значи дека прво ни се потребни решенија, па потоа санкции. Досега секогаш се определувавме за санкции, а потоа размислувавме за можни решенија. Но, енергијата е ризична, тоа е сериозна работа.“

Снабдување со нафта и гас: Кои земји би можеле да ја заменат Русија?

Одлуката за постепено укинување на увозот на руска нафта и јаглен е донесена. Но, кога станува збор за санкции на увозот на природен гас, Австрија, Италија, а пред сѐ Германија, изјавуваат дека без сериозни штети за сопствената економија, од рускиот гас ќе можат да се простат комплетно дури по неколку години.

Полска и балтичките држави, и секако Украина, бараат пак итен прекин на увозот на руски гас. 

Седмиот пакет санкции на ЕУ е веќе во подготовка, велат од ЕУ, но тој не вклучува природен гас, туку уште повеќе трговски бариери и пречки за руските компании и банки. 

Африка загрижена поради житото 

Претседателот на Африканската унија, сенегалскиот претседател Меки Сал, кој беше гостин на самитот преку видео-врска, исто така повика на размислување околу последиците на санкциите.

Одлуката, руската државна „Сбербанка“ да се исклучи од системот на платниот промет SWIFT, на африканските земји им го отежнува плаќањето на увезените житарици или ѓубрива од Русија. Според Сал, тоа ќе ја влоши прехранбената криза во Африка, која настанува поради испаднатите испораки на жито од Украина.  Сал бара заедничко решение на Африка и ЕУ.

Германскиот канцелар Олаф Шолц на прес конференцијата индиректно му одговори на Сал: не треба да се меша причината и последицата. Санкциите се неопходни. „Постои причина зошто многу граѓани во светот имаат тешкотии да се прехранат – тоа е руската агресорска војна во Украина. Одговорноста за опасноста која ни се заканува очигледно ја сноси Русија и нејзиниот претседател. Затоа е толку важно зголемувањето на нашите напори за овозможување извоз на жито од Украина.“

ЕУ и Африканската унија ја поддржуваат иницијативата на ОН за отворање на украинските црноморски пристаништа, блокирани од Русија, за извоз на жито. ЕУ работи и на алтернативни копнени патишта кон запад за извлекување на житото од Украина. За таа цел царинските формалности за камионите за извозот од Украина треба да се сведат на минимум, што досега во праксата не функционираше глатко на границите на ЕУ со Украина. 

Спорна точка за следниот самит 

На следниот самит на ЕУ на крајот на јуни, шефовите на држави или влади сакаат да донесат одлука околу тоа дали и кога  Украина,  Грузија и Молдавија можат да бидат примени во ЕУ.

Источните земји членки на ЕУ се за брза акција. Големите нето давачи за фондовите на ЕУ, како Германија, Франција и Италија имаат тенденција да ги успоруваат работите. Тоа ќе биде уште еден тест за способноста на ЕУ за постигнување консензус.

 

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија